Македонија
Мајката на Тамара: Еден ден ќе ве стигне Божјата правда
Заминете си од своите фотелји за да не се случи нова Тамара, еден ден ќе ве стигне Божјата правда, им порача на здравствените власти, мајката на Тамара, девојчето кое почина чекајќи операција во странство, Жаклина Димовска, на протестот пред Министерството за здравство.
„Одете си за да може да се направи поубаво место за живеење за нашите деца, Тамара е доказ дека не се грижите добро за нашите деца, заминете си од вашите фотелји за да не се случи нова Тамара. Децата чекајќи ја вашата милост умираат. Одете си за да нема родители скршени од тага, преполни со болка и солзи. Мора да го најдеме виновникот. Вие веќе кажавте дека ние сме виновни за смртта. Три години баравме операција, вие ни ја дадовте три дена по смртта, ни испративте решение по цели три години“, рече Димовска.Таа реагираше на информацијата што излезе во медиумите дека Тамара не починала од сколиоза, туку од бронхопневмонија и дека нејзината болест не била третирана. На министерот за здравство Никола Тодоров му порача дека три години одела од врата на врата и барала лек за своето дете, но на крајот, според неа, властите изрежирале дека родителите биле виновни и дека не ја лекувале како што треба.„Вие бевте тие кои сето тоа го изрежиравте за да излезе дека родителите се виновни. Како можевте да напишете такво нешто, да помислите. Од врата на врата три години баравме лек за нашето дете и на крајот излезе дека јас не сум ја лекувала Тамара како што треба, јас не сум доктор. Во конзилијарните мислења докторите пишуваа дека мора да се постапи итно за да не добие белодробни проблеми. Да ме примеше пред три години (министерот Тодоров), Тамара ќе беше жива, да не излезеше со изјава дека министерството ќе ги покрие сите трошоци за лекувањето на Тамара, досега ќе беше излекувана со помош на хуманите луѓе, но вие ветивте дека ќе ги покриете трошоците. Каде ја испративте – на вечно почивалиште. Еден ден ќе ве стигне Божјата правда сите вие што режиравте смрт“, рече Димовска.Таа побара одговорност и од директорите на Фондот за здравствено осигурување, Маја Парнаџиева Змејкова и Џемали Мехази кој, според Димовска, го чувал документот за Тамара во фиока долго време. По смртта на Тамара две деца коишто, исто така, боледуваат од сколиоза добија можност за лекување во странство. „Нели не беа итни, требаше да се лекуваат во спиналниот центар… Каде е тој центар, сега излезе дека сите тие деца биле итни, но моето си замина кај ангелите. Каква е оваа правда?“, праша Димовска и порача дека едното дете го изгубила, а за другото сега се чекаат потписи за операција.Протестот со којшто се бара одговорност за смртта на Тамара почна пред подрачната единица на Фондот за здравствено осигурување, продолжи пред републичкиот Фонд за здравство и заврши пред Министерството за здравство каде граѓаните симболично му дадоа црвен картон на министерот Тодоров и побараа да си даде оставка./крај/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“
Македонија
Цвета Ристовска поднесе оставка од Антикорупциската комисија: „Никогаш немав намера да прикријам информација“
Членката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Цвета Ристовска, поднесе неотповиклива оставка од функцијата, која ја доставила до претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Во писмото, Ристовска наведува дека одлуката ја донела по „неделни јавни полемики и сомнежи изнесени во врска со нејзината работа“ во Комисијата. Таа вели дека целата своја професионална кариера, вклучително и работењето во ДКСК, ја извршувала „законито, совесно и со најдобра намера“.
„Жалам доколку одредени околности, вклучително и можни административни пропусти, доведоа до неосновани сомнежи во јавноста“, наведува Ристовска во оставката.
Таа потенцира дека во секоја ситуација во која постоела можност за судир на интереси, побарала изземање согласно законот, и отфрла дека имала намера да прикрие информации.
„Напротив, ги почитував законските обврски. Убедена сум дека секој што извршува јавна функција, мора да покаже највисок степен на личен и професионален интегритет“, додава таа.
Претходно, ДКСК отвори два предмети за Ристовска, за проверка на судир на интереси и непријавување имот.
Ова е нов случај на оставка во Антикорупциската комисија за помалку од една година. Во 2025 година, оставка поднесе и тогашната претседателка Татјана Димитровска, откако против неа беше поднесен обвинителен предлог за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат, поврзани со случајот „Адитив“.

