Економија
Буџетот во добра кондиција, во април остварен суфицит

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во средата информираше дека буџетот се наоѓа во добра кондиција, дека навремено се вршат сите исплати и се плаќаат достасаните обврски, а прелиминарните податоци покажуваат дека во април остварен суфицит.
„Буџетот е во добра кондиција, буџетскиот прилив на средства е соодветен на очекувањата за првите четири месеци од годината“, изјави Ставрески. Според прелиминарните податоци се очекува во април да биде остварен мал буџетски суфицит, што, како што рече Ставрески, ќе помогне да се изврши нивелација на зголемените расходи од почетокот на годината поврзани со плаќањето на обврските кон стопанството и со исплатата на сезонските субвенции. Ресорниот министер оцени дека буџетскиот дефицитот е во рамки на очекувањата за првите четири месеци од годината и изрази очекување дека така ќе остане и до крајот на годината и дека ќе биде исполнети владините проекции„Навремено се вршат сите плаќања, нема заостанати обврски. Владата го исполни она што го вети кон стопанството, на нула се сведени заостанатите обврски, сите фирми добиваат на времено поврат на ДДВ и ги исплаќаме сите фактури“, рече Ставрески. Ресорниот министер укажа дека иако буџетот е во добра кондиција тоа не значи дека Македонија не се соочува со предизвици, како што се соочуваат и други земји во однос на наплата на приходи и реализација на буџет, оценувајќи дека владата успешно се справува со сите предизвици и дека финансирањето на буџетот е целосно во склад со планираното. „Согласно времињата во кои се наоѓаме и согласно со ситуацијата во Европа, сметам дека македонскиот буџет сосема добро се справува со предизвиците и дека ќе успееме да ги реализираме сите проекции за приходите и расходите во 2013 година“, изјави Ставрески.Министерот рече дека и покрај тоа што показателите за растот на индустриското производство и на кредитната активност се позитивни треба да се биде одмерен во прогнозите со оглед дека состојбите во европската економија во вториот квартал се негативни. „Ако успеавме во вакви околности кога европската економија во првите неколку месеци е во рецесија да имаме позитивна стапка на раст на индустриското производство, а во втората половина од годината Европа очекува да се стабилизира економијата и да има позитивна стапка на раст, сигурно и ние ќе имаме позитивна стапка во втората половина од годината, што ќе ни даде можност да ја оствариме проектираната стапка на раст од два отсто“, изјави Ставрески. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Директорот на ТИРЗ Гоце Димовски дел од 28-миот Евроазиски Економски Самит во Истанбул

Директорот Гоце Димовски како дел од владината делегација предводена од министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, заедно со Викторија Трајков, заменик-министерка за европски прашања, денес присуствуваше на 28-миот Евроазиски Економски Самит, во Истанбул, Турција, организиран од страна на Фондацијата за стратешки и општествени истражувања – Мармара Груп.
Димовски во своето обраќање на панелот со тема „Екологија, Економија, Енергија и Вештачка Интелигенција“ посочи дека одржливиот развој не е само избор, туку неопходност.
„Технолошко-индустриските развојни зони во Македонија се поставени како пример за интегрирање на еколошките стандарди во индустрискиот развој. Со фокусирање на лесна, незагадувачка индустрија и модерна логистика, создадовме услови за производство што ги минимизира негативните влијанија врз животната средина и овозможува квалитетен живот за локалните заедници.“ – изјави Димовски.
Тој ги истакна фискалните и царински стимулации, даночни ослободувања и поддршката за нови работни места, што директно влијае на привлекувањето најиновативни домашни и странски инвеститори.
„Само преку партнерства, размена на знаење и иновации можеме да изградиме економии кои се отпорни, инклузивни и одржливи. Македонија останува посветена на европските вредности, на зелената транзиција и на дигиталната трансформација – заедно со вас, нашите пријатели и партнери од евроазискиот регион.“ – кажа Димовски.
Воедно, директорот Димовски во рамки на самитот оствари успешни средби со бројни високи претставници и потенцијални инвеститори, при што беа разгледани можностите за потенцијални инвестиции и зајакнување на економските односи.
Целта на овој самит е да ги зближи бизнисмените, политичарите и академиците од различни земји, што ќе влијае на зајакнување на соработката во областите на економијата, демократијата и безбедноста.
Учеството на Македонија и Дирекцијата за ТИРЗ како институција на овој самит е потврда за успешната соработка со Турција, со напори за континуриано унапредување на економските и инвестициски релации меѓу двете земји.
Економија
Со 90 отсто сигурност кај нас нема да се случи прекин на струјата како во Шпанија и Португалија, вели министерката Божиновска

Прекин на струјата како оној што ги парализира Шпанија и Португалија минатата недела со 90 отсто сигурност нема да се случи кај нас во периодот што следува, рече денес Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини. Во летниот период таа уверува дека не се планирани ни исклучувања на фотоволтаиците за да се овозможи стабилност на електроенергетската мрежа по исклучувањето за велигденските празници кога фотоволтаичните електрани беа исклучени за да се растовари мрежата.
„На моја иницијатива, Министерството, во соработка со МЕПСО и со Регулаторната комисија, разговаравме и првпат за велигденските празници донесовме една одредба што траеше само за Велигден. Сите служби веднаш реагираа и имаше исклучувања многу мал период. Сега за Први мај немаше исклучувања, се работи активно, нема да има проблем во летото. Ова е само во овој преоден период, април – мај, кога сите се дома или кога не работи индустријата. Подоцна, налето, ќе работат климите, ќе има конзум. Ние сме спремни, не можеме да кажеме 100 %, но 90 % со сигурност може да кажам дека нема да има ‘блек аут’ како во Шпанија и во Португалија“, рече министерката Божиновска денес по потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот за интерконекција со Грција.
МЕПСО работи на сите технички работи за одржување на елетроенергетската мрежа во соработка со Европската мрежа на системски оператори за електрична енергија, чии претставници ќе дојдат во земјата и ќе направат обука.
Министерката Божиновска рече дека уредбата со која фотоволтаичните централи беа привремено исклучени за Велигден, ќе биде во сила до октомври, но најави дека будно го следат секој час и оттогаш нема исклучувања.
Испадот во електроенергетската мрежа, кој минатата недела ги остави Шпанија и Португалија 12 часа без струја, експертите се сомневаат дека е предизвикан од предизвиците што ги носат обновливите извори на енергија. До овој став дојдоа откога беше утврдено дека не се работи за хибриден напад, а во моментот на прекинот на струјата речиси 70 отсто од енергијата во Шпанија и во Португалија доаѓала од обновливи извори.
Масовниот прекин на снабдувањето со струја во Шпанија и во Португалија минатата недела предизвика низа проблеми. Откажани беа повеќе од 500 лета, не работеа семафорите, луѓе останаа заглавени во метрото, не работеа телефонските линии, проблеми имаа банките, а граѓаните и една недела подоцна не добија официјално објаснување што го предизвикало прекинот.
Економија
Народната банка успешно се справува со шоковите, оцени ММФ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во својата завршна изјава по редовната мисија согласно член IV, оцени дека Народната банка ефективно се справи со серија економски шокови, обезбедувајќи намалување на инфлацијата, стабилен девизен курс и сигурен финансиски систем. Народната банка, според ММФ, соодветно пристапи и кон постепено и внимателно олабавување на монетарната политика, следејќи ги економските услови и анализи.
„ММФ препорачува Народната банка да продолжи со претпазливата монетарна политика сѐ додека не се потврди постојан и одржлив пад на инфлацијата. Доколку некои од домашните ризици се остварат, се посочува дека Народната банка треба да е подготвена за повторно затегнување на монетарната политика, вклучително и преку управување со ликвидноста со расположливите инструменти, како што е задолжителната резерва“, соопшти Народната банка.
Во областа на финансиската стабилност, ММФ позитивно го оценува воведувањето на макропрудентните мерки како што се ограничувањата на односот заем ‒ вредност и долг ‒ доход, коишто веќе придонесуваат за намалување на ризиците на пазарот на недвижности и за заштита од прекумерно задолжување. Поддржано е и постепеното зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и дополнителните капитални барања, со цел да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, а во согласност и со европската регулатива.
ММФ ја нагласува огромната важност на зачувувањето на независноста на централната банка, како основа за стабилност на цените, девизниот курс и финансискиот систем.