Македонија
Објавени тестовите за екстерно за средно образование
Прашањата коишто ќе бидат дел од тестовите при процесот на екстерно тестирање за учениците од завршните години во средното образование, се објавени на интернет страницата prasanjaeksterno.dic.edu.mk. соопшти Министерството за образование и наука.
„Јавниот базен содржи 50 400 прашања, за гимназиско и стручно образование за сите струки, насоки и предмети, а се достапни на македонски, албански и турски јазик. За секој предмет се генерирани прашања во зависност од неговата застапеност во наставниот план, односно бројот на часови. За предмет застапен со 1 час неделно, генерирани се 50 прашања, за предмет со 2 часа неделно генерирани се 100 прашања, за предмет застапен со 3 часа неделно генерирани се 150 прашања. Секој ученик може на едноставен начин, преку менито на интернет страница prasanjaeksterno.dic.edu.mk, да ги обезбеди оние прашања по предметите коишто го засегаат“ се вели во соопштението.
Оттаму апелираат доколку некој од учениците или било кој граѓанин забележи извесна грешка од техничка или друга природа, која е возможно да постои имајќи ја во предвид количината на прашањата, да пријави со само еден клик на апликацијата/прозорчето поставено веднаш до секое прашање.
„За други прашања или сугестии коишто не се поврзани со содржината, односно со технички корекции на прашања, може да се испрати мејл на адресата [email protected], на што операторите од Државниот испитен центар ќе одговорат во најкраток можен рок. Оваа можност ќе биде достапна до 6 јануари 2015 година, по што, откако ќе бидат вметнати сите издржани забелешки, повторно ќе биде креирана и објавена финалната база на прашања“ додаваат од Министерството.
Вкупно 20.567 ученици од завршните години (трета и четврта година) во 98 средни училишта ќе полагаат од 26 до 30 јануари, додека 3 дена претходно секој ученик ќе биде известен по кои 2 предмети ќе биде тестиран. Резултатите ќе бидат објавени на 2.2.2015 година. Дополнително, процесот на екстерното тестирање во оваа фаза ќе опфати и 3.923 наставници по 2.622 предмети./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

