Култура
Симон Трпчески вечерва во Велес
Пијанистот Симон Трпчески, во продолжение на турнејата низ Македонија, вечерва во салата „Бели мугри“ во Велес ќе одржи концерт
Трпчески на концертот со хуманитарен карактер ќе настапи со дела од Хајдн, Моцарт, Шопен и најновите дела од македонскиот композитор Панде Шахов.
Според македонскиот пијанист, овие дела ќе станат многу познати и прифатени бидејќи станува збор за песни кои се познати на народот. Во неговата програма се наоѓаат преработки на старите македонски песни Си заљубив едно моме, Ајде поминувам заминувам, На Струга дуќан да имам и посебно убавата велешка песна, Сербез Донка.
„Тешко е да се опише чувството со кое луѓето мене ме впиваат и ме даруваат со аплауз и тоа е уште еден показател за големиот дух и љубов кон културата што ја има овој народ во целата земја, насекаде каде што настапив“, рече Трпчески на денешната прес-коференција.
Маестро Трпчески рече дека има мали потешкотии на овој четвртти дел од турнејата низ Македонија, но затоа сето тоа го надополнува со прекрасниот фидбек што го добива од публиката.
Тој најави дека на неговиот концерт во Велес вечерва ќе настапат и двајца велешки уметници на кои не им го откри името и додаде дека сака да биде изненадување за публиката.
Вечерашниот концерт е во рамки на програмата на Општина Велес по повод Денот на ослободување на Велес, 9-ти Ноември.Концертот е подржан од Министерството за култура во соработка со општината Велес и Здружението Културоп, кое две години ги подржува концертите на Трпчески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Јон Вардар против галаксијата” викендов беше премиерно прикажан во Шпанија
Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата” ја имаше својата светска премиера на 57-мото издание на „Ситџес фантастик филм фестивал“, еден од најголемите жанровски фестивали во светот.
Филмот во режија на Гоце Цветановски и во продукција на Алан Кастиљо од „Линкс студио” беше прикажан во фамилијарната секција. Капацитетите на салата беа исполнети, воглавно со најмладата публика која енергично ја дочека македонската анимација.
Режисерот Цветановски имаше кусо обраќање, пришто на шпански јазик им кажа на децата дека се првите во светот кои ќе го гледаат филмот, на што тие реагираа со воодушевување.
Цветановски по настанот изјави дека фестивалскиот живот на „Јон Вардар против галаксијата” почна возбудливо, најавувајќи уште многу убави вести наскоро.
„Премиерата ги оправда очекувањата. Ми беше драго што и децата и нивните родители уживаа во филмот и се смееја на глас. Во публиката запознав и Македонци од Барселона кои допатуваа во Ситџес за да го проследат филмот. Ви благодарам многу што бевте дел од овој настан. Факт е дека со Јон Вардар напишавме историја, и верувам дека имаме производ со кој можеме да се гордееме. Одиме натаму, со нетрпение ја очекувам македонската премиера во ноември“, рече режисерот Цветановски.
Во рамки на фестивалот во Ситџес, анимираниот филм ќе има уште една проекција следната сабота.
„Јон Вардар против галаксијата” е хумористична приказна за еден натпросечно потпросечен човек, еден нарцисоиден робот и многу, многу, мнооооогу вонземјани кои се на мисија да ја спасат Галаксијата од самите себеси.
Арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.
Анимираниот филм е изработен со поддршка од Агенцијата за филм, а има копродукции во Унгарија, Бугарија и Хрватска.
Филмот од 1 ноември ќе се прикажува во кино-салите низ Македонија.
Култура
Театар Куманово настапи на фестивалот „MOST“ во Германија
Претставата на Кумановскиот театар „Прво лице еднина“ вчера вечер настапи на Интернационалниот камерен театарски фестивал во Германија, „MOST“ кој од први до шести октомври се одржува во Хановер.
На огромно задоволство на германската публика актерката Владанка Крстевски потполно ги освои нивните срца со емоцијата која ја прикажа преку монодрамата – Прво лице еднина, во која на маестрален начин прикажа дванаесет женски ликови со своите проблеми, лични ставови и карактери.
Режијата на претставата е на Драгана Гунин.
Актерката доби признание за исклучително моќно и емотивно прикажување на карактерите во претставата.
-Околу нас има многу жени кои секојдневно се борат и работат по 12 часа дневно. Тие жени жртвуваат се за своите семејства, за своите деца, за да обезбедат подобар живот, а никој не зборува за нив. Ова е претстава во која зборуваме токму за тие жени. Ние денеска сме ќерки, а утре ќе бидеме мајки и сакаме да имаме поддршка, бидејќи не знаеме кај ќе не однесе животот. Инспирацијата за мојот текст е од книгата „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“, во која се зборува за жени кои направиле многу за сите нас, но останале на маргините на општеството, – раскажува младата актерка Владанка Крстевски, пренесува Кумановски театар.
Култура
Премиера на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија
Премиерата на комедијата „Жени во црвено“ во Македонија ќе се одржи на 9 октомври во 19 часот на сцената на Националната опера и балет во Скопје. Претставата, која ја носи JEС Продукција од Скопје, ги обединува на сцената неповторливите актерки Олга Одановиќ, Дубравка Мијатовиќ, Анастасија Мандиќ и Сена Ѓоровиќ, под режија на Бојана Лазовиќ.
Претставата раскажува за четири жени кои се наоѓаат во комична, но истовремено и сериозна ситуација. Поранешната стјуардеса Тамара и нејзината сестра Нора, која е невработена, се соочуваат со финансиски тешкотии и неможност да го платат својот станбен кредит. Динка, службеничка од банката, доаѓа со намера да го конфискува имотот, но се соочува со неочекуван отпор од сестрите. За да го задржат својот дом, тие преземаат драстични чекори, додека надвор од нивната зграда полицијата и специјалните единици го заоструваат конфликтот. Во меѓувреме, на местото на настанот пристигнува полицајката Анѓа, со свој личен проблем.
Комедијата „Жени во црвено“ на комичен начин ги обработува темите на долгови, финансиски кризи и животните предизвици, истовремено потсетувајќи на важноста од солидарноста, пријателството и заедничкото справување со проблемите.
Текстот е на Давор Шпишиќ, режијата на Бојана Лазовиќ, сценографија и костимографија на Јелена Стокуќа, а музиката на Ирена Поповиќ Драговиќ.