Економија
Владата најави изградба на нови автопати и ангажмани за домашните компании
Изградбата на новите автопати Скопје – Свети Николе – Штип и Кичево – Охрид ќе биде реализирана со исклучитено поволен кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од дваесет години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени, соопштија во четвртокот вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, по одлуките од седницата на Владата за усвоените закони за реализација на проектите за автопатите.
Изградбата на автопатите ќе придонесе за севкупниот економски развој на државата, првенствено нови работни места за македонските граѓани и многу работа за градежниот сектор во наредните четири години, период во кој ќе трае изградбата. Владата ги усвоила законите за реализација на инфраструктурните објекти за автопатските делници и предлог-договорите со градежната компанија, образложија Пешевски и Јанакиески.
Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески појасни дека главниот изведувач на градежните работи ќе биде должен да ангажира подизведувачи од Македонија за најмалку 49 отсто од предвидените работи, а, исто така, и да набави најмалку 49 отсто од градежните материјали од македонски произведувачи. Изведувачот и подизведувачот во текот на изградбата треба да ангажираат, исто така, најмалку 51 отсто македонски државјани.
„Ова значи нови работни места за македонските граѓани и многу работа во градежниот сектор во наредните четири години“, посочи Јанакиески.
Со усвојувањето на законите и официјално започна процедурата за реализација на проектот за изградба на автопатите за коишто постапката почна во март минатата 2012 година на средбата на македонскиот и кинескиот премиер. Тогаш македонската Влада беше информирана дека кинеската држава има ставено на располагање 10 милијарди долари за изградба на инфраструктурни проекти во Источна и Централна Европа.
„Македонија е првата држава којашто ќе успее да искористи дел од оваа кредитна линија и целата постапка што е водена од тогаш досега, односно траеше долго една година, е водена целосно во согласност со меѓународните договори што ги имаме потпишано со Народна Република Кина, но истите дополнително беа засилени од наша страна со цел да се обезбеди поголема транспарентност и поголема конкурентност во процесот со цел да дојдеме до поевтина и што поатркативна понуда за изградба на овие патиштата“, рече вицепремиерот Пешевски.
Првиот автопат што ќе се гради на релацијата Скопје – Свети Николе – Штип ќе чини 206 милиони евра, а автопатот Кичево – Охрид – 374 милиони евра. Во договорот има и одредба со која се предвидени десет отсто за дополнителни непредвидени работи.
„Проектот ќе биде финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, 90 отсто преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка“, рече Пешевски,.
„Условите на кредитот се навистина многу атрактивни. Се работи за кредит со рок на враќање од дваесет години, пет години грејс период и каматна стапка од само два отсто процентни поени на годишно ниво“, информираше вицепремиерот Пешевски.
Како што рече, со изградбата на автопатите се дава импулс во неколку сектори, пред сé, стимул за градежништвото што ќе биде директно вклучено во неговата реализација, но ќе значи голем импулс и за туризмот.
„Ќе овозможи полесно поврзување на целата држава, ќе значи поддршка на локалниот економски развој, и пред се полесно патување за граѓаните до центарот на градот и до главните туристички центри, во прв ред, до Охрид и сé што значи поврзана индустрија со оваа автопатна инфраструктура“, рече Пешевски.
Додаде дека со реализацијата на овие инфраструктурни проекти, но и со претходно започнатите, Владата очекува државата да има уште повисоки стапки на раст на економијата и подобар животен стандард за граѓаните.
Министерот за транспорт и врски Јанакиески се осврна на техничките карактеристики на најавената патна инфраструктура, при што информираше дека автопатот Скопје – Штип ќе биде во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на таа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево – Охрид, пак, во должина од 56,7 километри и вкупна широчина на коловозните ленти од 27,5 метри, треба да биде изграден за 45 месеци.
„Реализацијата на овие проекти има цел да ја унапреди и развие патната инфраструктура и тие се едни од покрупните проекти во нашата програма, за постигнување и зголемување на стандардите во делот на патниот сообраќај и побрз и побезбеден транспорт“, рече Јанакиески.
Додаде дека Владата паралелено работи на изградба на автопатската делница од Коридорот 10, Демир Капија – Смоквица со финансии во износ од 220 милиони евра, а во тек е постапката за ангажирање градежна компанија за рехабилитација на патниот правец Велес – Катланово.
„Овие инвестиции заедно со изградбата на обиколницата, и на патниот правец Табановце – Куманово, ја покажува заложбата на Владата за подобрување на патната инфраструктура“, заклучи Јанакиески./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

