Македонија
Отежнат сообраќај низ Македонија
Отежнат сообраќај на дел од патните правци во земјава и прекинати линии поради одрони и излевање на реки.
На патниот правец Катланово – Велес после наплатната станица Сопот, одронот е исчистен, но сообраќајот превентивно се одвива по една сообраќајна лента во должина од 200 метри. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец А2 Хиподром – Сарај (обиколница на Скопје), на 7-ми километар кај Смилковци се излева вода на коловозот во двата правци во должина од 10 – 15 метри.
Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација од страна на ЈП Македонија пат и на овој дел од патот се препорачува внимателно управување со возилата и брзина на движење до 30 км/ч.
На патниот правец Страцин – Крива Паланка на излез од Страцин во правец на Крива Паланка, поради свлечиште зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150 метри. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
На патниот правец Кочани – Македонска Каменица, поради големи одрони од камења, сообраќајот е во целосен прекин за секаков вид на моторни возила. Сообраќајот се пренасочува преку Виница – Берово – Делчево.
Поради голем одрон на патниот правец Р-2132 Македонски Брод-Скопје, поточно Близанско – Козјак на 1,6км после браната, има забрана за сообраќај за секаков вид на моторни возила.
Сообраќајот на патниот правец Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излеана вода од река Вардар на подвозникот.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на реката Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево – Тработивиште.
Во општина Пробиштип, поради свлечиште и понатаму е во прекин сообраќајот за сите видови моторни возила на патниот правец Киселица – Злетово. Возилата се пренасочени од Киселица – Пробиштип – Леговец – Злетово.
Локалниот пат за с.Покрајчево кој го поврзува магистралниот пат А-4 Радовиш-Струмица, поради излевање на Радовишка Река, сообраќајот е во прекин и истиот се одвива преку с.Подареш-Радовиш.
Регионален патен правец од с.Тополчани кон с.Клепач поради премногу вода е во прекин за секаков вид на сообраќај.
Патниот правец Битола-Старавина Р-1311, 8 км. пред село Новаци затворен е за сообраќај поради висок водостој.
Намалена видливост поради магла има на пат.правци: Страцин – К.Паланка и Кратово – Пробиштип вид. 50-100м. и пл.премин Стражасо видливост 60-80м.
Според информациите добиени од ЈП Македонија пат сообраќајот на сите останати државни патишта се одвива без забрани, по влажни коловози.
АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони./крај/амсм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

