Македонија
Ѓорѓиев: Службените лица осомничени за семејно насилство ќе одат на психијатар и ќе останат без оружје
Службените лица кои ракуваат со службено оружје, покрај редовните систематски физички прегледи, ќе треба да поминат и психолошки и психијатриски прегледи, соопшти во четврток на прес конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
„Со цел унапредување на системот за превенција од семејно насилство, Владата на Република Македонија на минатата седница усвои поголем број на законски измени во поголем број на закони, со кои се обезбедуваат процедури и систем за рано дејствување и постапување за превенирање на случаи на семејно насилство кои се сторуваат од страна на службени лица кои во рамките на своето дејствување и согласно работните задачи имаат пристап и ракуваат со службено оружје“, појасни Ѓорѓиев.
Како процедури, се воведува обврска полицијата или центрите за социјална работа, ако констатираат случај на започнување на постапка за семејно насилство, веднаш да ги известат институциите каде што работи лицето што користи службено оружје.
Втора мерка е оваа институција веднаш привремено да му го одземе службеното оружје на пријавениот, потоа да го распореди на друго работно место каде што би немал контакт со оружје, и на крајот да се упати на вонреден психолошки и психијатриски преглед каде што стручни лица ќе треба да дадат мислење дали тоа лице ја има задржано способноста да ракува со службено оружје во рамките на својата службена должност.
„Со овој правен механизам се предвидува сериозно да се дејствува во функција на превенција за сторување на семејно насилство од страна на службени лица со службено оружје, затоа што се воспоставува процедура во која што на осомниченото службено лице од моментот на поведување на официјалната постапка, па сè до моментот на финалната одлука од страна на институциите кои постапуваат во врска со конкретниот случај на семејно насилство, може да му биде оневозможен допирот со службеното оружје, и на тој начин да се ускрати можноста со службеното оружје да се стори нов прекршок или ново кривично дело и дополнително да се загрози безбедноста на лицата кои се жртви на семејното насилство“, рече Ѓорѓиев. /крај/со/ст
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ОЈО: Предложен притвор за дилер на хероин
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот, на 19 јануари, на наплатната станица Петровец, како сопатник во автомобил со кавадаречки регистарски ознаки, неовластено заради продажба држел околу 10 грама хероин.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност од бегство, влијание врз сведоци и можности повторно да врши кривични дела, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, соопшти обвинителството.
Македонија
Минчев-Зомер: во фокусот професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Швајцарската Конфедерација во Република Северна Македонија, Кристоф Зомер.
На средбата беше изразено заемно задоволство од досегашната соработка и беше потенцирана подготвеноста за нејзино понатамошно унапредување, особено во областа на реформата на јавната администрација, која претставува еден од клучните приоритети на Владата. Во тој контекст, беше нагласена важноста од добро управување, професионализација на администрацијата и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.
Посебен акцент беше ставен на можностите за соработка во развојот на системи за обука, задржување и мотивирање на кадарот, како и унапредување на услугите ориентирани кон граѓаните.
Во рамките на средбата, Швајцарија беше препознаена како партнер со значајна експертиза во областа на добро управување, институционално јакнење и развој на одржливи модели за стручно усовршување, вклучително и преку дигитални и хибридни решенија за обука, при што беше изразен интерес за истражување на можностите за соработка во рамките на Swiss Cooperation Programme – Good Governance.
Министерот Минчев нагласи дека партнерството со Швајцарската Конфедерација претставува значајна поддршка за реформските процеси.
„Реформата на јавната администрација е темел на ефикасна, професионална и граѓански ориентирана држава. Швајцарија ја гледаме како исклучително важен партнер, од кој можеме да црпиме знаење, искуство и добри практики во насока на јакнење на институциите и подобрување на јавните услуги“, истакна Минчев.
На крајот од средбата, соговорниците ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и конкретизирање на идни заеднички активности во согласност со приоритетите на реформата на јавната администрација.
Македонија
Муцунски утре во Истанбул: ќе учествува на вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре, на покана на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан, ќе учествува на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој ќе се одржи во Истанбул. На состанокот е предвидено учество на министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Балканската платформа за мир е иницијатива покрената од министерот Фидан во 2025 година, со цел да придонесе за регионалниот мир, стабилност и благосостојба, преку заеднички пристап во изнаоѓање регионални решенија за регионалните прашања. Првиот министерски состанок во рамки на оваа иницијатива се одржа во јули минатата година, исто така во Истанбул.
Муцунски ќе се обрати на состанокот, при што се очекува да ги адресира клучните прашања поврзани со регионалната соработка и заложбите за побрза интеграција во Европската Унија, со акцент на економскиот развој, транспортната поврзаност, енергетиката, дигитализацијата, како и образованието и младите.
На маргините на состанокот е предвидено министерот Муцунски да оствари и одвоена билатерална средба со министерот Фидан, на која, покрај прашањата од доменот на билатералната соработка, ќе се разговара и за регионалните состојби и актуелните глобални предизвици.

