Економија
OPEC очекува помал пазарен удел во 2014 година поради нафтата од шкрилци

Уделот на Организацијата на земјите извознички нафта (OPEC) на светскиот пазар ќе се намали следната 2014 година поради американското производство на нафта од шкрилци, па слаба утеха дава дури и прогнозата дека побарувачката на нафта следната година ќе расте со најбрзо темпо во последните четири години.
Во најновиот месечен извештај на OPEC објави дека побарувачката на неговата нафта во 2014 година во просек ќе изнесува 29,61 милион барели дневно, што би било 250 илјади барели дневно помалку отколку во 2013 година, како и 770 илјади барели дневно помалку отколку што земјите членки на картелот произвеле во јуни годинава.
„Тоа би значело дополнително зголемување на светските резерви сирова нафта, коишто веќе сега се на високи нивоа“, истакнуваат во OPEC, алудирајќи на прогнозата за идната година.
Извештајот претставува своевидна дополнителна потврда дека технологијата на црпење нафта и гас од шкрилци ја намалува зависноста на светот од нафтата што ја произведуваат земјите членки на OPEC.
Организацијата за следната година предвидува заздравување на вкупната побарувачка врз основа на забрзување на светскиот економски раст. Така, побарувачката идната година би требало да порасне за 1,04 милиони барели дневно, што би претставувал нејзин најсилен раст од 2010 година наваму, се наведува во извештајот на картелот.
Истовремено снабдувањето со нафта од земјите производители надвор од OPEC, на коишто отпаѓаат две третини од вкупното производство, би требало да се зголеми за 1,14 милиони барели дневно, односно повеќе од вкупната светска побарувачка. Главниот придвижувач на тој раст би требало да бидат САД, каде што производството идната година ќе се зголеми за 560 илјади барели дневно, што е најголемото зголемување во оваа група производители, на вкупно 11,33 милиони барели дневно
Се додава и дека производство на нафта од шкрилци во САД веќе го ограничи увозот од членки на OPEC , како Нигерија и Алжир./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Манасиевски: Македонија ќе стане транзитен центар за гас и нето извозник на струја

„Од држава што увезуваше струја и беше енергетски слепо црево, сега стануваме транзитен центар за гас и иднина на извоз на енергија – ова е енергетиката со ВМРО-ДПМНЕ,“ порача денеска Валентин Манасиевски.
Манасиевски го презентираше прегледот на првата година работа на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во секторот енергетика, потенцирајќи дека е направен радикален пресврт по, како што рече, „седум години застој и злоупотреби“.
Тој најави дека преку новите гасни интерконектори со Грција и Србија, Македонија ќе стане клучна транзитна точка за пренос на природен гас кон Србија и Средна Европа. Станува збор за гас од ТАП гасоводот и од терминалот во Александропулис, кој ќе поминува низ земјава со капацитет до 3 милијарди нормални метри кубни годишно.
„Ова значи гаранција за енергетска диверзификација на целиот регион и значително зголемување на употребата на неруски гас – американски, азербејџански и друг“, изјави Манасиевски.
„Само за една година поставивме темели за Македонија од нето увозник да стане нето извозник на електрична енергија. Следуваат големи проекти за производство на струја – фотоволтаици, хидро, ветро и нови инвестиции,“ рече Манасиевски.
Тој посочи дека новиот Закон за енергетика го поставува секторот на стабилни нозе, а новиот услов за батериски системи кај фотоволтаичните централи ќе овозможи поефикасна и стабилна мрежа.
Дополнително, тој информираше дека е инсталиран нов 400kV трансформатор во Битола 2, со што се гарантира стабилноста на југозападниот дел од државата. Концесискиот надомест за рудниците, пак, е зголемен два и пол пати, што директно го полни буџетот на државата.
„Одговорна власт значи повеќе пари за државата, не за партиски џебови“, истакна Манасиевски.
Економија
Трет ден хаос со „МојДДВ“, граѓаните револтирани, не можат да скенираат фискални сметки

Апликацијата „МојДДВ“ не функционира веќе трет ден, а револтирани граѓани масовно пријавуваат дека не можат да ги скенираат фискалните сметки и да го остварат своето право на поврат на ДДВ.
Проблемите со апликацијата започнаа уште пред неколку дена, а Управата за јавни приходи (УЈП) вчера официјално потврди дека станува збор за технички проблем и увери дека се работи на негово отстранување.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција“, велат од УЈП.
Од институцијата не прецизираат кога „МојДДВ“ ќе проработи, а засега корисниците се оставени да чекаат, со надеж дека нема да изгубат право на поврат на средства.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи се појавуваат реакции од граѓани кои се жалат дека изгубиле време обидувајќи се безуспешно да ја користат апликацијата. Многумина бараат одговорност и транспарентност од институциите, но и посочуваат дека слични прекини во работата на апликацијата се случуваат сè почесто.
Економија
Скенирањето сметки на апликацијата „МојДДВ“ е со прекини, УЈП извести за технички проблеми

Управата за јавни приходи извести дека мобилната апликација „МојДДВ“ во моментов работи со прекини. Тимот на УЈП интензивно работи на отстранување на проблемот, со цел апликацијата да биде целосно функционална.
„Ги информираме корисниците дека, согласно член 6 од Законот за враќање на дел од износот на ДДВ на физичките лица, фискалните сметки можат да се скенираат во рок од 10 дена од датумот на нивното издавање. Тоа значи дека сите сметки, кои се во рамки на овој рок, ќе можат да бидат скенирани веднаш штом апликацијата повторно биде ставена во функција. Ги молиме сите корисници за трпеливост и разбирање. Тимот на Управата за јавни приходи е целосно ангажиран и работи на надминување на техничките пречки“, соопшти Управата за јавни приходи.
Од таму не откриваат за какви технички проблеми се работи, ниту пак кога очекуваат да бидат надминати.