Култура
Галичко културно лето
Со одржувањето на традиционалната Галичка свадба на 15 јули ќе започне манифестацијата „Галичко културно лето“.
Со одржувањето на традиционалната Галичка свадба на 15 јули ќе започне манифестацијата „Галичко културно лето“.„Покрај одржувањето на 47-та Галичка свадба, програмата на Галичкото културно лето го збогативме со повеќе настани“ – потенцираше Митре Ажиевски, претседател на МЗ Галичник, на денешната прес-конференција на која беа објавени деталите од програмата на Галичкото лето.Првиот настан во програмата ќе биде Ликовна колонија, која ќе се одржи од 15 до 17 јули. Со проектот „Роднокрајниот пејзаж на Личеноски“, во кој ќе учествуваат ликовните уметници Симонида Филипова Китановска, Соња Димовска, Илина Петрушевска, Кристијан Санев и Атанас Ботев, ликовната колонија ќе го одбележи јубилејот – 110 години од раѓањето на еден од основоположниците на македонската модерна ликовна уметност Лазар Личеноски. На денот на одржувањето на Галичката свадба, учесниците во колонијата ќе изработат едно заедничко дело кое ќе биде изложено пред сватовите и гостите присутни на свадбата.На 16 јули во Галичник ќе се одржат уште два културни сегмента од програмата на Галичкото лето. Националната галерија на Македонија ќе ја организира изложбата „110 години од раѓањето на Лазар Личеноски“, која ќе биде поставена во просториите на МЗ Галичник. Истиот ден на платото под црквата „Св. Петар и Павле“ ќе биде поставена биста на Ѓорѓија Пулески. Организатори на настанот се Музеи на Македонија и Минчо Јорданов, кои едновремено се и донатори на бистата.На бачилото „Смрдливи води“, кое се наоѓа на патот кон селото Галичник, на 16 јули ќе се одржи манифестацијата „Денови на овчарството“. Домаќин на манифестацијата е „Вардар ОЗ Градско“, која традиционално организира претставување на голем број земјоделски претпријатија кои се бават со овчарството, а во текот на денот се организираат и натпревари во стрижење овци, борби на пеливани и трка со коњи.Одржувањето на традиционалната Галичка свадба ќе започне на 16 јули во 19 часот со китење, редење на бајракот и фрлање пушка. Согласно традицијата, Свадбата има утврден тек во два дена.„Редоследот на програмските активности на свадбата во однос на претходните изданија има две промени кои се направени со цел сите случувања повеќе да се приближат до гостите. Првата промена се однесува на локацијата на куќата на невестата, која по желба на младенците, ќе биде куќата во која живеат во Галичник. Втората промена се однесува на локацијата за изведување на чинот „Канење на мртвите“. Годинава место на селските гробишта, зетот и сватовите ритуалот ќе го извршат пред старата црква „Света Петка“ во Галичник. Оваа локација се наоѓа на пократка оддалеченост од претходната, со што би се добило повеќе време за другите ритуали во текот на одржувањето на свадбата“, објасни Велимир Граоркоски, режисер на Галичката свадба.Од оваа година локациите, маршрутата и термините на изведување на поединечните чинови на Галичка свадба ќе бидат претставени на мапа, која е достапна на Интернет на сајтот www.galichnikwedding.mk.Годинашни зет и невеста на Галичката свадба се Љупчо Раваноски и Верица Митричка. Зетот и по татко и по мајка потекнува во Галичник и досега повеќе пати учествувал во организацијата на свадбата. Верица Митричка по потекло е од Куманово, но неколкупати досега учествувала како бајрактарица, а годинава има чест да биде невеста на Галичката свадба. Младите веќе седум години се заедно, а годинава им е исполни желбата да бидат зет и невеста на Галичката свадба. Свадбата ќе се одржи на 16 и 17 јули.Програмата на Галичко културно лето ќе има уште четири активности. Книжевната колонија ќе се одржи од 5 до 7 август, Галичката ликовна колонија ќе почне на 15 август, верскиот празник Преображение ќе се слави на 18 август, додека на 20 и 21 август МЗ Галичник ќе организира турнир во табла со учесници од цела Македонија./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



