Култура
Спектакуларно затворен Бум Таксират Фестивалот
Последната фестивалска вечер од Бум Таксират фестивалот беше завршена со спектакуларната изведба на македонскиот виртуоз на електронската музика Кирил Џајковски. Тој заедно со неговиот Серџук оркестар ги отсвире своите најпознати хитови како „Баба Зумбула, „Primitive science“ и „Jungle shadows“.
Последната фестивалска вечер од Бум Таксират фестивалот беше завршена со спектакуларната изведба на македонскиот виртуоз на електронската музика Кирил Џајковски. Тој заедно со неговиот Серџук оркестар ги отсвире своите најпознати хитови како „Баба Зумбула, „Primitive science“ и „Jungle shadows“. Последната фестивалска вечер од Бум Таксират фестивалот во Метрополис Арената ја започна метал групата од Португалија „Moonspell“ кои беа одлично прифатени од публиката, иако таа сè уште влегуваше. Пејачот на Групата Фернандо Рибеиро во неколку наврати истакна колку му се допаднала Македонија и во самиот финиш на настапот тој стави македонското знаме на своите раменици кое му го фрли еден посетител од публиката. Одличен настап имаше најдобриот хип хоп бенд од Хрватска ,„Elemental“ што настапи веднаш по „Moonspell“. Момците од овој состав ја размрдаа македонската публика со својата енергија и одличните и весели песни. Долгонајавуваното звучно име на Холивуд и ѕвездата од филмовите „Ртот на стравот“ и „Родени убијци“ Џулиет Луис и нејзината најнова група „The romantics“ не успеа да допре до публиката и покрај што на својот репертоар имаше песни од најновиот албум „Terra incognita“, што излезе во продажба во септември оваа година. Можеби тоа се должи на фактот што македонската јавност сè уште ја препознава по нејзините филмови, а не е толку запознаена со нејзината музика. „Хладно пиво“, панкерите од Хрватска, продолжија онаму каде што „Elemental“ застанаа. Повторно ја кренаа публиката на нозе со нивните најголеми хитови, за да по полноќ публиката со нетрпение ги дочека единствените „Guano Apes“. Групата од Готинген, Германија, по неколкугодишно отсуство од настапите оваа година повторно се обедини, а на фестивалот ги отсвире добро познатите Open your eyes, Pretty in Scarlett, You can’t stop me, Lords of Boards, Big in Japan. Вокалистката на групата Сандра Насиќ одлично се снајде во комуникацијата со публиката и како Хрватка по потекло но, родена во Готинген, комуницираше со публиката и на српски и хрватски, за да се надополни впечатокот. Насиќ и тапанарот Денис Пошвата, исто така истакнаа колку им се допаднала Македонија, посебно Скопје што за прв пат го посетија. По „Guano apes“ една третина од публиката си замина, и останаа само верните обожаватели на Кирил Џајковски и неговиот бенд. Џајковски заедно со најновиот соработник Ем Си Твид и Серџук оркестарот го отсвиреа хитовите како „Баба Зумбула, „Primitive science“ и „ Jungle shadows“ на веќе уморната публика, со што се затвори едно одлично издание на Бум Таксират фестивалот. Бум Таксират фестивалот беше беспрекорно организиран од безбедносна гледна точка. При самиот влез на посетителите им беа поделени заштитни маски за превенција од свински грип, а организаторите поделија и бесплатни презервативи, бидејќи пред само неколку дена беше одбележан Светскиот ден за борба против сидата. Обезбедувањето беше на високо ниво и не се случи ниту еден инцидент, иако во просторијата се точеше алкохол. /крај/сл
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Арабеска“ – новата стихозбирка на Милчо Мисоски како современ повик кон убавината и добрината
Со длабока уметничка посветеност и богат духовен набој, збирката „Арабеска“ од Милчо Мисоски го остварува она што многу ретко се случува – преку поетската форма, авторот не само што се враќа кон античките симболи на убавината и добрината, туку ги поставува како основа за визија на подобар свет.
Во овој книжевен труд, идеалот за естетско и етичко, во сите нивни облици, форми, закони, предмети и појави, добива свој пиедестал, а читателот е повикан да се напои од вечните води на филозофските вистини. Збирката има егзистенцијална длабочина и не остава рамнодушен оној што сака да се сретне со смислата и копнежот на духот.
Милчо Мисоски е автор на повеќе поетски збирки, меѓу кои се издвојуваат „Чекајќи го ангелот“, „Записки“, „Изневерено време“, „Песочни капки“ и „Стаклени сенки“. Неговата прва збирка „Чекајќи го ангелот“ беше прогласена за најдобра збирка поезија на Конкурсот на Книжевна Младина на Македонија, што го потврди неговиот талент и поетска зрелост уште од првите чекори.
Посветен на трагањето и на отворањето на нови патеки во македонската поезија, Мисоски на својот читател му нуди простор за медитација и искуство на убавото како ветување, а добрината како темел.
Со „Арабеска“, авторот не само што го објавува своето ново дело-покана, туку ја реафирмира верата во содржината на поетското зборување – вистинската поезија не е само збор, туку живеење.
„Арабеска“ е книга која треба да се чита бавно, со внимание, за да се почувствува не само звукот на стихот, туку и неговата светлина.
Милчо Мисоски е доктор по медицински науки, но и поет кој преку зборот се обидува да ги допре големите прашања на човечкото постоење.
Култура
Изложба „Стопен град“ на Игор Сековски во Чифте амам
Изложба со наслов „Стопен град“ на Игор Сековски ќе биде отворена на 14 ноември 2025 (петок) во Националната галерија на Република Северна Македонија, објект Чифте амам, во 20 часот.
Со проектот Стопен град, Игор Сековски го продолжува своето истражување на градот како жив, чувствителен и нестабилен организам. По серијата дела посветени на урбаните трансформации, овој пат фокусот е насочен кон климатските промени и нивното влијание врз материјалната и човечката кревкост.
Серијата парафински објекти го претставува градот во состојба на топење – како метафора на архитектонскиот поредок под притисок на топлина, загадување и ентропија. Парафинот, материјал што реагира на температурата, го воведува климатскиот фактор како коавтор на формата, каде што уметноста станува еколошка соработка меѓу човекот, материјата и околината.
Стопените структури асоцираат на надреални урбани пејзажи во кои границите меѓу стабилност и распад, реалност и имагинација, стануваат флуидни. Градот се појавува како „психогеографија на нестабилност“, при што топлината не е само физички, туку и психолошки и социјален симптом.
Изложбената поставка, со „левитирачки“ парафински форми и нивните сенковни проекции, создава впечаток на урбана фрагментација и климатска халуцинација – град во состојба на распаѓање, кој истовремено го задржува сеќавањето на сопствената стабилност.
„Стопен град“ ја претвора уметноста во лабораторија на топлината и кревкоста, прикажувајќи го топењето како физички и емоционален процес. Концептот на „урбана топлинска имагинација“ го реосмислува градот како динамичен екосистем што постојано се менува под влијание на климатските сили. Проектот не прикажува крај, туку трансформација – град што се претопува, но не исчезнува. Така, Сековски го поканува гледачот да ја замисли иднината на урбаното пред да се стопи реалноста што ја познаваме.
д-р Ана Франговска
Проектот е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам и Националната галерија на Република Северна Македонија и ќе биде поставен до 27 ноември 2025.
Култура
Концерт „Впечатоци од Шпанија“ на „Есенските музички свечености“
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје соопшти дека последниот концерт на овогодишните „Есенски музички свечености“ насловен „Впечатоци од Шпанија“ ќе се одржи на 14.11.2025г. (петок) со почеток во 20:00 часот во Салон 19 19 (Културно информативен центар). Ќе настапат Миреиа Пинто – мецосопран и Владислав Броневецки – пијано, од Шпанија.
Миреиа Пинто (родена во Манреса , Барселона – Шпанија) е добитничка на највисоки награди на неколку натпревари за пеење во Шпанија и Италија. Нејзиниот обемен репертоар, кој се движи од барок до современа музика, ги опфаќа жанровите: опера, ораториум и лид. Настапувала како солист со бројни камерни ансамбли и оркестри, под диригентство на познати маестра како Л. Мазел, Г. Дудамел, П. Мааг, Р. Бонинџ, Х. Рилинг, П. Гудвин, Е. Ериксон, А. Зеда, Ж. К. Малгоир, О. Дантони, М. Армилијато, Р. Фрица, С. Мелки, М. Бенини, Ф. Хајдер, М. Мариоти, Ф. П. Декер, Б. де Били, Д. Јуровски, С. Фуџиока, С. Вајгле, Ј. Трауб, А. Анисимов, Г. Носеда, М. Гвидарини, А. Алеманди, Р. Толомели и многу други. Учествува на бројни концертни циклуси, музички фестивали и оперски изведби во Италија, Русија, Холандија, Германија, Грција, Андора, Франција, Монако, Јапонија, Чешка, Колумбија и Шпанија, со значајни настапи во водечките концертни сали и оперски театри. Во однос на Лидер концертите, од 1992 година таа има дуо со пијанистот Владислав Броневецки, со кого развива богата концертна активност низ повеќе земји, на фестивали и концертни циклуси (вклучувајќи ги и престижните концертни сали како „Гран Театре дел Лисеу“ – Барселона, „Рахманинов Хол“ – Москва, „Хамариќју Асахи Хол“ – Токио и многу други).
Тие изведуваат широк репертоар што опфаќа германски лид, француска мелодија, англиски песни, руски романси, италијански, шпански и каталонски песни. Има снимено опери како „Sly“ од Волф-Ферари (со Хосе Карерас), „Il Viaggio a Reims“ од Росини, „Die Walküre“ од Вагнер и „Babel 46“ од Монсалваж (во Операта Лисеу – Барселона). Исто така има издадено и CD „One Life to Live“, заедно со Манел Камп (пијано), со дела од К. Вајл и Гершвин, како и CD „Pushkin in Music“, со Владислав Броневецки (пијано). Таа е професор по соло пеење на Високата школа за музика на Каталонија (ESMuC – Шпанија), вокален советник и професор по пеење на Меѓународната оперска академија (IOA – Гент, Белгија), како и на бројни мастеркурсови во различни земји. Во 2011 година е наградена од Òmnium Cultural со „Наградата за култура Бажес“, а во мај 2017 година ја добива и „Наградата за култура Regió 7“. Таа е Амбасадор на Манреса за 2022 година. Сите овие признанија се за нејзината уметничка кариера и нејзиниот значаен културен придонес кон земјата преку фестивалот на класична музика кој го основала и го организира од 1995 година.
Владислав Броневецки, пијанист од Владивосток, Русија, дипломирал на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, каде студирал кај Елисo Вирсаладзе. Добитник е на наградата „Tchaikovsky Grant“ и признанија од меѓународни натпревари, меѓу кои „Robert Schumann Competition“ во Германија. Настапува на бројни концерти и фестивали низ светот и соработува со истакнати уметници како Наталија Гутман и Хуан Диего Флорез. Денес е професор по пијано на Високата музичка школа на Каталонија (ESMUC) во Барселона.
Влезот е слободен.

