Македонија
Ќе се пренесува во живо полагањето на кандидатите за обезбедување

Полагањето на кандидатите за стекнување со лиценца за физичко и техничко обезбедување ќе се пренесува во живо, соопштуваат од Министерството за внатрешни работи.
Изминатиов период биле реализирани сите неопходни технички подготовки и било договорено кандидатите кои денеска ќе го полагаат теоретскиот дел, испитувањето на нивното знаење да биде согласно последните измени во Законот за приватно обезбедување.„Сите заинтересирани преку интернет страницата на Министерството, www.mvr.gov.mk и посебниот таб http://web.maxtv.mk/testmvr.html ќе може да го проследат денешниот испит кој започнува во 16.00 часот во просториите на Комората за обезбедување. Следењето во живо на стручниот испит на кандидатите ќе биде можно единствено преку деск топ компјутери, односно истиот нема да може да се следи преку мобилни телефони“ соопшти Министерството.Членот 24-г од Законот предвидува: „Теоретскиот дел од стручните испити за физичко и за техничко обезбедување се полага во просторија за полагање испит определена од страна на Комората, која е посебно опремена за полагање на стручен испит со материјално-техничка и информатичка опрема, интернет врска и опрема за снимање на полагањето. Полагањето на стручните испити од ставот (1) на овој член се снима и во живо се емитува на веб страницата на Министерството, а ако поради технички причини снимањето се прекине, снимката од целиот испит се поставува на веб страницата на Министерството.“./крај/мвр/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Стручното образование е силна страна на македонскиот образовен систем, креира квалитетен и побаруван кадар на пазарот на трудот

„Во средните стручни училишта во Македонија успешно функционира концептот на дуално образование во чија реализација е вклучена и бизнис заедницата. Училиштата и компаниите заедно содаваат квалитетен кадар кој полесно може да се снајде на пазарот на трудот. Затоа, развојот и проширувањето на овој концепт ќе биде наш приоритет и во следниот период“.
Ова го истакна државниот секретар во Министерството за образование и наука, Елена Ивановска на панел дискусија „Достапност на квалификувана работна сила: предизвик и стратешки фактор за инвестициски одлуки и економски раст“, организирана во рамки на Првиот македонско – германско бизнис самит, со кој АХК германската стопанска комора во Македонија одбележува 25 години постоење.
Ивановска рече дека од самиот почеток на мандатот, новото раководство во МОН се заложи за унапредување на законската регулатива, бидејќи таа е основ за спроведување на образовните политики, новите мерки и активности со кои ќе се остварат целите од владината програма за градење на поквалитетен образовен систем.
„Во новиот Закон за стручно образование и обука системски се уреди концептот на дуално образование, се прецизираа обврските на сите учесници во реализацијата. На пример се дефинираше кој и како може да стане ментор на учениците, компаниите да им исплаќаат месечен надомест на практикантите, да им овозможат заштита и безбедност при работа и така натаму. Со Законот за средно образование пак, се предвиде поголема поддршка за талентираните ученици, се воведуваат кариерни советници што ќе ги насочуваат учениците и сето ова е во интерес на создавање на потребната квалификувана работна сила“, рече Ивановска.
Осврнувајќи се на регионалните центри за стручно образование и обука рече дека тоа се всушност средни стручни училишта кои се трансформираат во образовни установи со поголема вредност и повеќе функции, обврски и одговорност.
„Таму не само што се реализира средно стручно образование за ученици, туку идејата е да се реализира и образование и обука на повозрасни кои имаат потреба од доквалификација, преквалификација и слично, за да станат конкурентни на пазарот на трудот. Фреквентноста на луѓе ќе биде многу поголема. Центрите ќе прават и анализи на пазарот на трудот, ќе креираат програми за настава и обука и така натаму“, рече Ивановска, додавајќи дека во моментов се формирани 7 регионални центри, а до 2028 година ќе се формира осмиот и последен, што како обврска е предвидено во Реформската агенда.
Државниот секретар информираше дека во регионалните центри се вложуваат големи износи на средства за да има добри училници, опремени кабинети, работилници и соодветни сместувачки капацитети. Средствата во најголем дел ги обезбедува Европската унија, а Ивановска ја повика и бизнис заедицата да помогне во модернизацијата на инфраструктурата, затоа што, како што рече, училиштата се инкубатори на човечки капитал кој и нив им е потребен.
На панел дискусијата модерирана од Дејан Чуповски, раководител на програмата за дуално образование при АХК германската комора, се обратија и програмската директорка на Источниот комитет на германското стопанство, директорот на средно стручно училиште „Св. Наум Охридски“ во Охрид, Сашо Недески, раководителката на одделот за глобална техничка и комерцијална обука во компанијата Дрекслмаер, Барбара Гербер и управниот директор на компанијата Унија Груп, Бранислав Серафимоски.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими шпанскиот амбасадор и претставниците на ОН и УНДП во пресрет на Конференцијата во Севиља

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз, постојаната координаторка на ОН, Рита Колумбија и претставникот на УНДП во Скопје, Армен Григориан, во пресрет на одржувањето на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот (FfD4), што под покровителство на ООН ќе се одржи во Севиља, Шпанија, а на која ќе учествува Сиљановска-Давкова.
На средбата претседателката беше запознаена со целите, очекувањата и важноста на Конференцијата. Лидерскиот собир во Севиља, соговорниците го оценија како добра можност за изнаоѓање решенија за справување со финансиските предизвици во исполнувањето на Целите на одржливиот развој. Од Конференцијата, на којашто е најавено учество на повеќе од 50 шефови на држави и влади, се очекува да произлезе Платформа за акција, со конкретни иницијативи и финансии.
Сиљановска-Давкова смета дека без соодветни финансиски средства не е можно да се е реализира Агендата 2030. Таа укажа на потребата од реформирање на меѓународната финансиска архитектура, од поддршка на земјите во развој и поголема достапност на финансиите. Во инвестицискиот поттик на приватниот сектор и во јавно-приватното партнерство претседателката гледа решение за обезбедување на потребните средства. Потенцирајќи ги јасните цели, претседателката ја нагласи суштинската важност на мултилатералната и на регионалната соработка.
Претставниците на ОН ја поздравија силната посветеност на нашата држава на Агендата 2030, како и интегрирањето на целите за одржлив развој во националните стратегии и плановите за локален развој. Тие изразија задоволство од успешноста на Кредитната линија зa финансирање во зелена енергија (Green Financing Facilities), којашто овозможува инвестиции на малите и средни претпријатија во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија.
Претседателката изрази подготвеност за натамошно проширување на билатералните односи со Шпанија и продолжување на одличната соработка со институциите на ОН. Таа го поздрави ангажманот на целиот тим на ОН во развојот на Рамката за соработка за одржлив развој 2026-2030, како стратешки документ, усогласен со националните развојни приоритети и меѓународните обврски за човековите права.
Македонија
(Видео) Костадиновска-Стојчевска до Љутков: Се знае ли кој е државен секретар во Министерството за култура?

Пратеничката на СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати прашање до министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Прашањето се однесуваше на прекинувањето на значајни проекти во културата и на фактот дека незаконски се претставува кој е државен секретар во Министерството за култура.
„Драго ми е што ги продолжувате проектите коишто беа наследени, како што е еден од нив – реконструкцијата на кино „Партизан“. За волја на вистината, не ги продолжувате сите, меѓутоа сепак гледаме некое поместување.
Најголем дел од проектите ги прекинавте, како „Љубојно“ и ред други значајни проекти, меѓутоа никој не дозна зошто.
Не дознавме ни зошто нема резултати од конкурсот за креативни индустрии, како што не ги видовме ниту програмите на националните установи јавно објавени, за да знае јавноста што е тоа што е одобрено“, рече Костадиновска-Стојчевска.
„Не знаеме зошто не распишувате конкурс за капиталните дотации до ЕЛС, а имате 200 милиони денари на таа сметка – конкурс којшто се објавува најдоцна до април.
Знаеме колку потрошивте за Јапонија, и дека отсега имате купено авио карта за во септември повторно за Јапонија. Изгледа убаво е таму.
Но, не знаеме кој е државен секретар во Министерството за култура. Затоа моите три прашања до вас се следниве: Кој е државен секретар во Министерството за култура на 22 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството на култура на 24 мај 2025 година? Кој е државен секретар во Министерството за култура на 26 мај 2025 година“, праша пратеничката Костадиновска-Стојчевска.