Култура
Промоција на албумот К.У.Р. Unplugged@Kanal 103

Македонскиот бенд Културно уметнички работници со промоција на акустичниот албум.
Културно уметнички работници утре на 16 септември во кафе Браво со почеток на 13 часот ќе одржат промоција на акустичниот албум од последниот концерт на „работниците“. Концертот кој се најде на акустичниот албум К.У.Р. го одржаа на 12 април 2009 година во живо на брановите на Канал 103 како дел од серијалот „Ако никој не свири“ каде домаќини беа Ѓорѓи Јаневски и Александар Сандревски. Албумот содржи 16 песни кои комплетно бесплатно можат да се симнат на МП3 формат на веб порталот Македонска музичка мрежа а исто така и 140 фотографии снимени таа вечер на концертот од страна на Александар Ников.Меѓу 16-те песни се и анталогиските: Неговите 5 минути, Пеце, Супер дечки, Пилот, Туршија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Глаголицата во фокусот на 64. Струшки вечери на поезијата, манифестацијата почнува утре

64-тото издание на меѓународната поетска манифестација Струшки вечери на поезијата почнува утре, 21 август. Фестивалот, кој ќе трае до 25 август, со учество на 70 поети од Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, земјава и регионот, традиционално ќе почне со садење дрвце и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ на СВП за 2025 година, истакнатиот словачки поет, раскажувач, есеист и преведувач Иван Штрпка (10 ч).
Во 12.30 часот ќе се одржи прес-конференција со лауреатот.
Свеченото отворање на Фестивалот е закажано во 20.30 часот во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, а ќе продолжи со меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“.
Фокусот на годинешното издание е глаголицата. Токму затоа, за негова промоција, подготвени се графички и видеосодржини, кои во себе ја обединуваат глаголицата како фонд, кој реферира на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик преку првите преводи на она што го знаеме како старословенски јазик.
Во сообразност на годинешниот концепт, на Фестивалот ќе биде и изложбата „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“ – Лазе Трипков, во хотелот „Дрим“, во салата „Пијано“ од 17.30 ч.
На програмата се меѓународни поетски читања на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025. Неизоставен дел се и портретите на добитниците на „Златен венец“, традиционално во црквата „Света Софија“ во Охрид, „Мостови на Струга“, „Браќа Миладиновци“ за 2024 година и „Млада Струга“.
Новина годинава е враќањето на препознатливите содржини на Струшките вечери на поезијата, како што се читањата кај споменикот на свети Климент на плоштадот во Охрид и патувањето со брод и поетското читање на Свети Наум. Поетското матине годинава ќе биде во предворјето на црквата „Света Богородица Перивлепта“ во Охрид.
На 64. фестивалско издание ќе бидат презентирани врвни светски имиња, а ќе биде објавени и тројазична луксузна монографија на лауреатот Иван Штрпка, како и други значајни публикации. Меѓу нив е и книгата на добитникот на награта „Мостови на Струга“, Матеуш Шимчик, книгата на минатогодишниот добитник на нашата најзначајна книжевна награда, наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу две изданија на фестивалот, на академик Катица Ќулавкова, „Небото ми е дома“, која излегува во превод на англиски јазик.
СВП годинава објавува една ретка антологија „Дионис и свети Трифун“, панорама на македонската винска поезија, која ќе биде презентирана во соработка со нашиот стратешки партнер „Тиквеш“, што е наш прилог во одбележувањето 140 години од постоењето на винарската визба „Тиквеш“.
Покровител на манифестацијата е претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а како национална установа е финансирана од Министерството за култура и туризам.
Култура
Потпишан меморандум за соработка помеѓу НУ Охридско лето и Театарската асоцијација на Јужна Кореја

НУ Охридско лето и Театарската асоцијација на Јужна Кореја денеска потпишаа меморандум за соработка во областа на културата.
Целта на потпишувањето на меморандумот е интензивирање на соработката помеѓу фестивалите, како и отворање простор за реализација на заеднички проекти и програми, размена на проекти, програми и искуства, како и зајакнување на културната соработка помеѓу земјите потписнички.
Спогодбата ја потпишаа директорот на НУ Охридско лето, Ѓорѓи Цуцковски, и претседателот на корејската Асоцијација, Сен Јеунг Ву.
Оваа соработка отвора нови перспективи за македонската уметност, смета директорот Цуцковски.
Инаку, со европска премиера на театарската претстава „Приказната на Електра“ од Сашо Димоски, во режија на Дејан Пројковски, копродукциски проект на Театарската асоцијација на Јужна Кореја, АРТЕМА – Театарска лабораторија и НУ Охридско лето, вечерва се спушта завесата на јубилејното 65. издание на фестивалот Охридско лето.
Култура
Дистрибутерски гигант од Англија ги откупи правата за „Сиљан“ на Тамара Котевска

Англискиот дистрибутерски гигант Dogwoof од Лондон го откупи светските права за интернационална продажба на „Сиљан“ [The Tale of Silyan] – најновиот документарен филм на Тамара Котевска.
Dogwoof е компанија позната по современи документарци со Оскар и BAFTA номинации, а ова е нивна втора соработка со Котевска по успехот со „Медена земја“. Вклучувањето на Dogwoof е силен индикатор дека „Сиљан“ веќе се гледа како сигурен кандидат за престижната номинација за Оскар.
Филмот за една недела ќе ја има својата светска премиера во Венеција 2025 (во селекцијата (Out of Competition), а потоа и северноамериканска премиера во Торонто, каде е во официјалната натпреварувачка програма.
Американската UTA Independent Film Group ги обезбеди правата за Северна Америка, а на продукцискиот тим му се приклучи и Concordia Studios, чија продуцентка Casey Meurer вели: „Уште од првиот разговор со Тамара, Concordia беше all-in. Тамара е ексепционален талент – нејзината храброст, уникатна визија и безрезервна предаденост на создавање филмски дела блескаат од секој кадар на „Сиљан“. Пресреќни сме што Dogwoof ни се приклучи во тимот“.
МУЗИКА ОД СТУДИОТО НА HANS ZIMMER
Оригиналната музика за „Сиљан“ ја потпишуваат Joe Wilson Davies и Hun Oukpark, композитори од студиото на Hans Zimmer. Нивната музика, длабоко емотивна и суптилно слоена, создава звук што дише заедно со кадрите, поддржувајќи ја тивката болка, нежноста и визуелната поетика на „Сиљан“. Композициите не само што го надополнуваат наративот, туку стануваат посебен лик во филмот, невидлив, но длабоко присутен.
Вклучувањето на композиторите од креативниот универзум на еден од најголемите филмски композитори во светот, преставува уште едно значајно признание за уметничкиот квалитет на филмот и за гласот на Котевска во светската документаристика.
ФИЛМСКА ВИЗИЈА И ИНСПИРАЦИЈА
„Сиљан“ е вистинска приказна со бајковиден пристап инспириран од македонски фолклор од 17 век. Филмот ја следи врската меѓу еден земјоделец – Никола, кој по земјоделската криза останува сам, и бел штрк со повредено крило што го наоѓа на депонија. Од тој момент започнува реална бајка, огледало за човечките судбини и насоката по која се движи општеството.
КОТЕВСКА ОБЈАСНУВА:
„Во најзаборавените, но најбогати и живописни предели успеав да најдам приказна што е совршено огледало меѓу животите на белите штркови и човештвото воопшто“.
ФИЛМСКА ЕКИПА
Филмот е копродукција на Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop и продуцентите Тамара Котевска, Jean Dakar, Јорданчо Петковски и Anna Hashmi.
Екипата ја сочинуваат:
Режисерка и продуцентка: Тамара Котевска
Кинематограф и продуцент: Jean Dakar
Продуцент: Јорданчо Петковски – Ова е втора соработка помеѓу Тамара Котевска и Јорданчо Петковски на долгометражен филм, во моментов заедно го подготвуваат „Човек против Јато“.
Останати продуценти: Ciconia Film, Concordia Studios, The Cornershop, и Anna Hashmi
Монтажер: Мартин Иванов
Музика: Joe Wilson Davies и Hun Oukpark (Hans Zimmer Studio)
Студио за тонска обработка: PROTA
Колор корекција: GHABHA Studios
Консултанти за наратив: Верица Недеска, Трифун Ситниковски и Suz Courtiz
„Чест е повторно да се соединиме со Тамара, која повторно му подари на светот кинематски дијамант – магична документарна бајка што ќе ги остави без здив гледачите ширум светот“. – изјави Oli Harbottle од Dogwoof