Македонија
Новиот закон за сообраќај стапува на сила
Во населените места максималната дозволена брзина ќе биде 50 километри на час, а не 60 како до сега, се предвидува со најновите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата кои стапуваат во сила од среда.
Ако во населените места се вози 50 километри на час повеќе од дозволената брзина, глобата е 400 евра, а следува и забрана за управување со возилото шест до 12 месеци. Доколку, пак, се вози 30 до 50 километри на час побрзо, казната е 300 евра или 50 негативни поени со забрана за управување со возилото три до 12 месеци. Во двата случаи паричните казни може да се заменат со впишување негативни поени, во првиот 65, а во вториот 50.Доколку, пак, се вози 10 до 30 километри на час побрзо од дозволенто, казната е 45 евра или 25 негативни поени, а за до 10 километри на час побрзо, казната е 10 евра или 10 негативни поени. Во овие два случаја не е предвидена прекршочна санкција, односно забрана за управување со возилото. Слични се санкциите и за пречекорување на дозволената брзина на отворен пат. За возење 70 километри на час повеќе од дозволеното, казната е 400 евра или 65 негатиовни поени и забрана за управување со возилото шест до 12 месеци. За следните категории: побрзо движење за 50 до 70 километри на час, 30 до 50 километри на час и до 30 километри на час, казните се исти како претходно спомнатие за населено место.Согласно законските измени, за деца до пет години возилото отсега ќе мора да има детско седиште позади. Деца до две години ќе може да се превезуваат на совозачкото седиште, исто така во детско седиште, но во овој случај детето би седело свртено со лицето кон задниот дел на автомобилот. Притоа, воздушното перниче треба да биде деактивирано.Новина има и во делот на потпишувањето на Европскиот извештај. Наместо како досега, возачите најпрво да се тргнат од патот, а потоа да го поплнат Извештајот, сега ќе мора да постапат обратно – прво да го потпишат Извештајот, а потоа да се тргнат од патот. Велосипедистите се должни да имаат бело светло од предната страна, катадиоптер со црвена боја или рефлектирачка лента на задната страна, како и по еден катадипоптер со жолта или портокалова боја на секоја страна. Носењето шлем или рефлектирачки елек е препорачливо, но не и задолжително.Со измените првпат се воведуваат и нови категории возачки дозволи: АМ – за велосипеди со помошен мотор, А2 – за мотоцикли до 35 киловати и Национална категорија Т – за трамвај. Исто така, се воведуваат и Прекршочен платен налог, како и Мандатен платен налог. Првиот се употребува за казнување при сторен прекршок кој треба да се докажува, како што е минувањето на црвено светло, а вториот, за полесни, евидентни прекрошоци како возење со поголема брзина од дозволената или под дејство на алкохол.Предвидена е и можност, лицата кои ќе бидат фатени да возат во алкохолизирана состојба, да бидат задржувани во полициска станица, наместо, како досега, по пишувањето казна, веднаш да бидат пуштени да продолжат со возилото. На фирмите им се овозможува, ако немаат обезбедено дозвола за вонреден превоз, да платат казна на граничниот премин при излезот од државата за да не се враќаат назад. Глобите во ваков случај се многу високи и се пресметуваат зависно од повеќе параметри меѓу кои, број на вработени во фирмата, остварен годишен приход,…Со измените се опфатени и автошколите, при што се воведуваат повисоки стандарди. Авто-школите се должни да поседуваат аудио и видео снимки од спроведените обуки за возачки испит и овие материјали да ги чуваат најмалку 90 дена.Зголемени се и глобите, од 25 на 100 евра, во случај некое возило да се вклучува во сообраќај од земјен пат, без претходно да биде измиено.Се дефинираат забранетите места за запирање и паркирање – плоштад, пешачка зона и противпожарен пат, а се прецизира и каде точно може да застануваат таксистите за да соберат патник, но со максимално задржување од три минути. Такси возачите, исто така, според посебна одредба во законските измени, ќе може да користат мобилен телефон или друг уред за комуникација при возењето доколку со тоа не предизвикуваат какви било закани по безбедноста за сообраќајот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсено лицето што го оштети стаклото на влезната врата на бугарската амбасада во Скопје
Полициски службеници од МВР денеска (12 јануари 2026 година) во 12:40 часот на улицата Кирил и Методиј во Скопје го приведоа Ш.А. (54) од овој град, поради сомнение дека вчера го оштетил стаклото на влезната врата на амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Веднаш по добиената пријава за инцидентот биле преземени мерки и активности за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот, по што Ш.А. бил лишен од слобода. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инцидентот се случи вчера, 11 јануари 2026 година, кога беше пријавено оштетување на стаклото на влезната врата на Амбасадата на Република Бугарија. Според претходните информации од МВР, оштетувањето било забележано преку системот за видео надзор, а сторителот со удар со рака го оштетил стаклото и се оддалечил од местото.
Инцидентот беше остро осуден од бугарското Министерство за надворешни работи, кое го оцени како напад врз дипломатската мисија. Реакција имаше и од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, кој го осуди настанот, оцени дека станува збор за изолиран случај и нагласи дека институциите реагирале брзо и ефикасно.
Македонија
Алиу-Андоновска: Обезбедени 7.500 вакцини против Хепатитис Б, наменети за здравствени работници
Министерот за здравство Азир Алиу и директорката на Институт за јавно здравје, Марија Андоновска, денеска одржаа заедничка прес конференција по повод потпишување договор за донација од страна на Министерството за здравство на Институтот за јавно здравје на 7.500 вакцини против Хепатитис Б, во вкупна вредност од 123.450 американски долари, кои се наменети за здравствените работници.
-Станува збор за конкретна превентивна мерка за намалување на изложеноста на ризици по здравјето на вработените во здравствениот систем, притоа истовремено засилувајќи ја и сигурноста кај пациентите. Со овие количини ќе бидат опфатени 2.500 здравствени работници, со три дози вакцина по лице. Вакцинацијата ќе се спроведува во Институтот за јавно здравје и во Центрите за јавно здравје. Нашата одговорност како институционални носители на здравствените политики е да создадеме услови здравствените работници да не бидат оставени сами во ризиците кои ги носи извршувањето на нивните обврски, како што е контактот со крв и телесни течности, повреди со остри инструменти и слично. Вакцините се обезбедени од „Project HOPE“ – меѓународна невладина организација за глобална здравствена и хуманитарна помош, на кои им се заблагодарувам, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој посочи дека во рамки на заложбите за овозможување едноставен и достапен процес на вакцинација, Министерството за здравство подготви електронски модул за изразување интерес за вакцинација, кој е достапен на веб-страниците на Министерството за здравство и на Институтот за јавно здравје.
-Денес обезбедуваме и дополнителна поддршка за Институтот за јавно здравје за засилување на биосигурноста. Станува збор за авионски и бродски транспортни кутии за инфективни материјали, со што овозможуваме побезбедно постапување и транспорт на инфективни материјали согласно протоколите, додаде министерот.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со претставници на „Македонија 2025“
Во рамки на активностите во областа на надворешната трговија и економската дипломатија, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, денеска, придружуван од директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димовски, оствари посета на организацијата „Македонија 2025“ и одржа средба со нејзиното раководство.
Посетата е дел од серијата работни средби што министерот Муцунски ќе ги реализира во текот на неделата со раководствата на стопанските комори и сродни организации.
На средбата беа отворени повеќе прашања поврзани со можностите за организирање заеднички активности во делот на извозната и инвестиционата промоција на бизнис-компаниите кои се членки на „Македонија 2025“.
Фокусот на разговорите беше ставен на можностите за организирање бизнис-форуми во рамки на официјални посети на владини делегации во странство, со посебен акцент на улогата на дијаспората. Воедно, беа разгледани и начините на кои дипломатско-конзуларните претставништва можат да дадат поддршка во организирање деловни средби за заинтересираните компании кои сакаат да ги истражат странските пазари и да отпочнат извозни активности.
Претставниците на „Македонија 2025“ ја поздравија иницијативата за интензивирање на соработката и комуникацијата со стопанските комори, истакнувајќи дека на тој начин дополнително се зајакнува улогата на државата како поврзувач меѓу домашните компании, странските пазари и македонската дијаспора.

