Економија
Забавен падот на продажбата на автомобили во Европа

Падот на ројот регистрирани нови автомобили на европските пазари забавил во октомври благодарејќи на продолжениот раст на британскиот и стабилизирањето на германскиот пазар, соопшти во петокот здружението на европските производители на автомобили ACEA.
Во октомври, во 16 земји членки на Европската унија, без Малта за којашто податоците уште се недостапни, регистрирани се вкупно 959.412 нови автомобили, 4,8 отсто помалку отколку во истиот месец минатата 2011 година. Во септември годинава, пак, бројот на новорегистрираните автомобили во ЕУ беше намален за 10,8 отсто.
Меѓу најголемите пазари со добри резултати повторно се истакна британскиот, зголемувајќи се за 12,1 отсто. Во септември овој пазар порасна на годишно ниво за 8,2 отсто. Германскиот пазар во октомври се стабилизираше, со слаба стапка на раст од 0.5 отсто. Во септември,, пак, беше намален за 10,9 отсто.
Најголем пад во октомври забележала Шпанија, каде се регистрирани 21,7 отсто помалку нови автомобили, откако во истиот период минатата година. Следува Италија 12,4 отсто, па Франција каде бројот на новите регистрации се намалил 7,8 отсто.
Во десетмесечниот период заклучно со октомври, во 26-члената Европска унија, без Малта, регистрирани се вкупно 10.327.276 нови автомобили, 7,3 отсто помалку отколку за истиот период ланската година.
Раст забележан е само во Велика Британија, и тоа за 5 проценти. Германскиот пазар забележа благо намалување, за 1,6 отсто, додека другите големи пазари забележаа негативни двоцифрени стапки, Шпанија за 11,9 отсто, Франција за 13,3 отсто и Италија 19, 7 отсто./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трговците мора да ги прекинат нефер практиките, следуваат почести контроли, предупредува Комисијата за заштита на конкуренцијата

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) упатува јавно предупредување и повик до сите големи трговски синџири, супермаркети, доставувачи и дистрибутери да постапуваат строго во согласност со Законот за забрана на нефер трговските практики со цел да се обезбеди фер, транспарентен и законски пазар во интерес на економијата, производителите и потрошувачите.
Комисијата потсетува дека законот забранува злоупотреба на значителна пазарна моќ, вклучувајќи еднострани промени на договори, неосновани одложувања на плаќања, принудно враќање на производи, наметнати трошоци и други условувања, кои ја нарушуваат рамноправната позиција на учесниците на пазарот. Секој трговец што врши притисок врз доставувач, го уценува или диктира услови надвор од законскиот и договорниот основ, е предмет на прекршочна постапка и ризикува сериозни санкции.
„Законот е јасен – фер трговија не е опција, туку обврска. Ние не се бориме против бизнисот, туку против неправдата. Онаму каде што се наоѓа злоупотреба, Комисијата ќе постапува. Но, целта не е репресија, туку воспоставување култура на фер пазарна игра“, изјави претседателката на КЗК, Малинка Силјановска-Николиќ. Таа повика на одговорност, саморегулација и конструктивна соработка потенцирајќи дека најсилната економија е онаа во која сите играат според истите правила.
„Комисијата не е непријател на бизнисот, туку чувар на правилата. Односите меѓу трговците и доставувачите мора да бидат базирани на рамноправност, предвидливост и договор, а не на притисок, уцени и неформални условувања. Само на тој начин може да се создаде стабилен пазар во кој сите имаат еднаква шанса да успеат“, додаде Николиќ.
Комисијата ги охрабрува сите економски субјекти што се чувствуваат изложени на нефер услови или притисоци да поднесат пријава. Тие ќе бидат третирани со сериозност, професионалност и целосна заштита на идентитетот.
Николиќ најави дека во периодот што следува КЗК ќе продолжи со поактивен мониторинг на трговските синџири и поголем број теренски контроли, отворен дијалог со доставувачи и комори за препознавање нефер практики, правна заштита и постапки против компании што систематски го нарушуваат законот и со едукација на економските субјекти преку јавно достапни упатства, анализи и препораки.
Економија
Ангеловска-Бежоска на пролетните средби во Вашингтон: Носителите на политиките ќе разговараат за светската економија

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводат делегацијата којашто ќе ја претставува нашата земја на Пролетните средби на групацијата на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), коишто се одржуваат во Вашингтон, САД. Во состав на делегацијата учествуваат и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска.
Гувернерката и вицегувернерите веќе остварија средба со претставници на Федералните резерви на Њујорк ‒ најголемата банка во американскиот ФЕД. Разговараа за уште подобра соработка, особено за плаќања и трансакции во долари, како и за начините за управување со државните хартии од вредност. Се зборуваше и за заедничка работа во области како што се монетарната политика, управувањето со девизните резерви и ризиците и новите трендови во банкарството.
Гувернерката со вицегувернерите ќе имаат повеќе состаноци со претставници на ММФ. Делегацијата треба да оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот и алтернативниот извршен директор, Хероен Клик и Марникс ван Риј, како и со тимот на ММФ за нашата земја. Гувернерката и вицегувернерите ќе остварат средби и со претставниците на одделите за статистика, за монетарни и капитални пазари и правни работи при ММФ, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, делегацијата ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан во СБ, Шијаочинг Ју. Делегацијата ќе присуствува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Гувернерката и вицегувернерите ќе имаат средби и со претставници на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), заради размена на искуства за засилување на активностите за финансиска и родова вклученост. Претставниците на Народната банка ќе учествуваат и на тркалезната маса на Светската банка за зајакнување на регионалната соработка во доменот платежните системи.
Пролетните средби се значајна можност за носителите на економските политики од целиот свет да разговараат за важни и актуелни теми. Особена важност имаат состаноците на Светската банка и ММФ, каде што се разгледува напредокот во нивната работа. Темата оваа година е: „Работа – патот до успехот“.
Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.