Култура
Забрането присуството на Оскар за продуцентот на „Наредникот Џејмс“

Николас Чартиер продуцентот на еден од најголемите фаворите за наградата Оскар за најдобар филм, независниот „Наредникот Џејмс“ е казнет со забрана на присуство на доделувањето на наградите заради кршење на правилата на Американската филмска академија
Како што пренесуваат американските медиуми, доколку продуцентот филмот ја добие наградата, Оскарот на Николас Чартиер ќе му биде доделен дополнително. Филмот „Наредникот Џејмс“ покрај „Аватар“ на Џејмс Камерон е главен фаворит за наградата најдобар филм на годината, и двата се номинирани во по седум категории. Филмската академија или целосно The Academy of Motion Picture Arts and Sciences, која го доделува Оскарот ја разгледува тужбата против продуцентот на филмот „Наредникот Џејмс“ (The Hurt Locker) заради спорните електронски пораки кои им ги испраќал на членовите на Академијата. Имено,Чартиер испратил неколку е-мајл пораки наговорувајќи ги гласачите на Академијата да го доделат Оскарот за неговиот филм, а не како што напишал „за филмот кој чини 500 милиони долари“ .Со тоа ги прекршил правилата со кои се забранува промоција на својот филм со давање оценки за конкурентските.Имајќи предвид дека станува збор за филм на режисерката Кетрин Бигелоу кој покрај „Аватар“ на Џејмс Камерон е еден од главните фаворити за најпрестижната категорија – за најдобар филм, на самиот филм му е нанесена штета, за што Чартиер се извини јавно.„Мојата наивност, непознавање на правилата и чистата глупост на личност која првпат е номинирана не се изговор за ова однесување и искрено жалам заради тоа. Номинацијата на Академијата е најголемата чест и требаше да посветам време и да ги проучам правилата“, се вели во неговото соопштение испратено до медиумите.Според американските медиуми, првата порака била испратен ана 19-ти февруари, а набрзо тие дошле и до медиумите па јавноста беше информирана дека Чартиер во нив дава насока како да се гласа. Дистрибутерската куќа на филмот, Самит пикчрс, во писмена изјава објави дека не била запознаена со пораките се’ додека не реагирала на нив Академијата.Сега се очекува каква казна ќе одреди Академијата за Чартиер. Таа би можела да биде јавна цензура за продуцентот на филмот, одземање на влезниците за доделувањето на наградите или дури симнување на филмот „Наредникот Џејмс“ од листат номинирани за најдобар филм. Според медиумите, некој казна сигурно ќе следи, но каква ќе биде, ќе биде познато непосредно пред доделувањето на Оскарите кое ќе се одржи на 7-ми март.Филмот за ирачката војна „Наредникот Џејмс“, односно Марк Боал ја доби наградата за најдобро оригинално сценарио за филм на овогодишното доделување на наградите на Американското здружение на сценаристите, а во средината на јануари здружението на Американските филмски критичари за најдобар филм ја прогласи оваа воена драма за ирачката војна на Катрин Бигелоу. Фактот што речиси најголем дел од ова здружение се и членови на Академијата која го доделува Оскарот, го вброи филмот во еден од главните кандидати за најпрестижната награда.Боал инаку е новинар кој во 2004 г. правеше репортажа за американската единциа за деминирање во Ирак. Филмот снимен во 2008 г. зборува за типичен американски осаменик, наредник во американската армија, Вилијам Џејмс, стручњак за експлозиви, што всушност асоцира на познатиот американски философ со истото име кој, како што забележа самиот „живееше од едниот до другиот крај на тага“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Две македонски премиери вечерва на 16. „МакеДокс“ во Сули ан

Две македонски премиери ќе се одржат на 16. „МакеДокс“ во Сули ан на претпоследниот фестивалски ден на 27 август. Во 20:30 часот на програмата е документарниот филм „Крајолици на човештината“ на Јана Хунтерова, кој е снимен во соработка во „Арт-поинт Гумно“. По нејзината уметничка резиденција во селото Слоештица, Хунтерова креирала визуелна приказна за Љубица и малкуте други соселани, кои и покрај тешкотиите, наоѓаат мир, поврзаност и слобода во зафрленото македонско село.
Во терминот од 22:30 часот, исто во Сули ан, ќе биде прикажан филмот „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски. Во регионот на Долна Преспа, особено во селото Наколец, но и во околните села, со децении (а можеби и со векови) постои традиција на органски создаден соживот заснован врз меѓусебно разбирање и почитување. Секојдневниот живот на протагонистите таму и нивните меѓусебни односи претставуваат своевиден модел во кој е скриен одреден код на заедништво и општествена кохезија помеѓу луѓе од различни етнички, верски и други профили.
Сценариото за филмот е на Борјан Јовановски, кинематографери се Ѓорѓи Клинчаров и Фејми Даут, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на звук е Игор Поповски, музиката ја компонираше Глигор Кондовски, а продукцијата е на „Strymon Film“.
Претходната вечер, на 26 август, во Сули ан беше отворена фотоизложба на уметникот со светско реноме Киро Урдин. Фотографиите се создадени во при неговите многубројни посети на Долината Омо во Африка. Пред публиката во Сули ан авторот Урдин зборуваше за своите искуства при патувањата во Африка, средбата со африканските етнички заедници во Долината Омо и фасцинацијата од светот кој е далеку од цивилизацијата, а блиску до срцето.
Урдин зборуваше и за снимањето на своите арт-филмови во Африка, како и за патешествието со неговиот најпознат филм „Планетариум“. Во истиот блок беше прикажан и неговиот документарен филм „Оган и вода“.
Премиерата на три кратки документарни филмови на школата „Докуникулци“ на „МакеДокс“ се одржа на 26 август во Сули ан. Објектот едноставно беше претесен да ги собере сите заинтересирани да ги видат остварувањата на „Докуникулците“. Во еден блок беа прикажани филмовите „Живуша“ на Ксенија Довезенска, „Како стигнав до овде?“ на Рој Стефанова и „Борби со ветерници“ на Борјан Гаговски. Ментори на работилницата се режисерот Трифун Ситниковски и монтажерот Горјан Атанасов. Во реализацијата на филмовите учествуваа и Ивана Тимова, Ева Божиновска, Теодор Дамјановски, Јована Гаврилоска и Никола Поповски. Пред публиката во Сули ан младите филмски автори со голема возбуда зборуваа за снимањето, монтажата и продукцијата на своите први филмски дела.
Целосната програма на фестивалот „МакеДокс“ може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (www.makedox.mk), а може да се симне и мобилната фестивалска апликација.
Култура
Драмски театар Скопје со „Плејбоите…“ гостува на фестивалот РУТА на Бриони

Драмски театар Скопје со претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ утре, на 28 август ќе гостува на Бриони во Хрватска каде театарот „Ulysses“ е домаќин на фестивалот на Регионалната унија на театри, РУТА. Претставата ќе биде изведена на големата сцена на локалитетот Мали Бриони во 21 часот. Гостувањето на Бриони ќе биде шеста изведба на пиесата со што се заокружува сезоната на планирани настапи на летните фестивали. Станува збор за копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.
Премиерата на копродукциската претстава „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ се играше во Црна Гора на 10 август на 39. фестивал „Град театар“ Будва. На летната сцена во комплексот „Словенска плажа“ претставата беше играна во четири последователни вечери.
Предизвикот да се создаде копродукциската претстава на четирите уметнички куќи е одбележувањето на пет години од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот. За претставата е истакнато дека: „Плејбоите…“ е текст напишан во 1972, од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, работен во формата на комедија дел арте. Претставата првпат е изведена во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Во творештвото на тошашнаите „бунтовни“ уметници е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе што биле современици на регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“.
Режисерот Пеновиќ за претставата „Плејбоите…“ вели дека е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.
Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење). Во копродукциската претставата играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ.
По изведбата во Охрид, македонската публика ќе има можност повторно да ја гледа претставата во втората половина на октомври за време на фестивалот РУТА во Драмски театар Скопје.
Култура
(Фото) Премиера на документарниот филм „Планината не оди никаде“ на 16. „МакеДокс“

Со силни и долготрајни аплаузи и овации на 25 август во Куршумли ан се одржа македонската премиера на новиот долгометражен документарен филм „Планината не оди никаде“ на словенечката авторка, режисерка и продуцентка Петра Селишкар. Премиерата се одржа во рамки на програмата на 16. „МакеДокс“.
Публиката во исполнетиот до последно место Куршумли ан во еден здив ја проследи приказната за браќата кои со своето стадо овци најголемиот дел од годината го поминуваат високо во планината, на околу 2.400 метри надморска височина под врвот Солунска Глава. Покрај овците, браќата се опкружени и заштитени од 30-ина шарпланинци, кои се во нивната непосредна близина додека ги исполнуваат секојдневните обврски. Единствениот контакт со цивилизацијата се нивните мобилни телефони, со кои ако сакаат да воспостават контакт мораат да се искачат на околните планински врвови.
На премиерата на филмот присуствуваа тројца од браќата – протагонисти во приказната – Зекир, Басри и Бесам, како и нивниот пријател Марјан. Во Куршумли ан беше присутна и филмската екипа што работеше на најновото документарно остварување на Петра Селишкар.
По премиерната проекција на „МакеДокс“, режисерката Петра Селишкар изрази огромна благодарност до филмската екипа на соработката во изминатите, речиси, шест години, колку што траеше продукцијата на филмот, и огромна благодарност до протагонистите на трпението и искрените намери со кои ја прифатија идејата и филмската екипа во нивниот планински дом.
Режисерката Селишкар рече дека иако потекнува од Словенија, која е позната како планинска земја, сепак прва вистинска средба со животот во планината ја направила во текот на снимањето на филмот и дека открила еден свет што не го познавала.
Со искрена и возбудена емоција и протагонистот Зекир се обрати кон публиката, искажувајќи благодарност за времето што го посветиле да го гледаат филмот во кој тој е протагонист, посакувајќи им на сите да се гледаат само за убаво. За возврат од публиката доби искрени аплаузи, а прашањата што беа поставени се однесуваа на условите во кои живеат, но и на начинот на живот со толку многу кучиња кои им се неопходни за чување на стадото овци во планината. Зекир едноставно одговори дека кучињата имаат внимателен и грижлив однос кон луѓето, а стануваат агресивни кога кон стадото ќе наближи некое диво животно.
Филмот е реализиран како копродукција помеѓу Словенија, Франција, Северна Македонија преку продуцентските куќи „Петра Пан Филм“ (Словенија), „Синефаж продукција“ (Франција), ППФП (Северна Mакедонија) во копродукција со РТВ Словенија.
Сценариото го потпишуваат Петра Селишкар и Танкред Ривиер, директор на фотографија е Бранд Ферро, монтажери се Лорелин Делом и Сашко Потер Мицевски, музиката е на Изток Корен, дизајнот на звук е на Владимир Ракиќ, додека фоли-артист и едитор на звучни ефекти е Вера Галешев. Продуценти се Петра Селишкар, Виктор Еде и Сара Ферро, а извршни продуценти се Бранд Ферро и Ивана Нацева.
Филмот досега е прикажан на 10 фестивали, со 2 номинации и 2 награди, а до крајот на годината веќе е поканет на уште многу фестивали. По фестивалската патека ќе започне редовна дистрибуција во повеќе земји, вклучително и во македонската Кинотека.