Македонија
Нови апарати за брза и точна детекција на тубркулозата
Два нови апарати за брза, навремена и 100 отсто точна детекција на туберкулозата, набавени преку Глобалниот фонд функционираат на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, јави МИА.
Вредноста на апаратите заедно со набавениот потрошен материјал е над 70.000 евра.
Министерот за здравство Никола Тодоров во сабота го посети Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза и изјави дека едниот апарат овозможува да се прави брза дијагностика која е на ниво на ДНК и сериозно го забрзал времето на добивање на 100 отсто точна дијагноза на 24 часа до 48 часа во споредба со она што го имало порано, кога, иако можело во тој период да се детектира туберкулозата, сепак не можело да се детектира со 100 отсто точност и поради тоа се правеле дополнителни испитувања кои понекогаш траеле од месец до месец и половина.
„Тоа е период од три месеци кој требало да помине за да се утврди 100 отсто точна дијагноза и да се утврди дали има определена резистентност. Сега целиот тој период е сведен за 24 до 48 часа што значи сериозно намалување на времето за добивање на резултатот и подигнување на нивото на квалитетно лекување на болните“, рече Тодоров.
Нагласи дека имајќи предвид какви биле методите кои се работеле порано, се случувало некој пациент да се лекува и до три месеци, а потоа да се констатира дека е резистентен на таа терапија и таа да се промени. Додаде дека со новата апаратура тоа веќе нема да се случува.
Директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза – Скопје, Билјана Илиевска Попоска рече дека значително е напредната дијагностиката на заболувањето и очекуваат со новите тестови да придонесат за натамошно намалување и што поуспешно лекување на болните од туберкулоза во Македонија.
Појасни дека другиот нов тест познат како квантиферон кој се применува, детектира инфекција само од хуманиот тип туберкулозни бактерии, што значи, укажа, ќе ги открие вистинските носители на туберкулозната инфекција и ќе придонесе на натамошна што поуспешна контрола на туберкулозна инфекција и на туберкулозата како болест.
Бројот на заболени од туберкулоза има континуирано намалување во последните десетина години./крај/миа
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДУИ: Дебаклот во Давос како слика за урнисана меѓународна позиција на земјава
Демократската унија за интеграција реагира на како што велат, крајно погрешната и штетна патека по која се движи Република Северна Македонија, стратешките отстапувања и честото менување насока, која, според оваа партија, земјата ја доведе во длабока меѓународна изолација, каква што државата не памети во поновата историја.
„Резултат на оваа промашена политика е дебаклот што премиерот и владината делегација го доживеаја на Светскиот економски форум во Давос – дипломатски пораз кој ја маргинализира и ја става во подредена позиција целата земја. На форум на кој практично целиот свет беше присутен, премиерот заедно со владината делегација речиси да немаа ниту една значајна билатерална средба, а нивните настапи на перифериите од форумот, преку нивните видеа на социјалните мрежи, дополнително ја отсликуваа тажната состојба во која е доведена меѓународната позиција на земјата.
Давос покажа и целосно промашување на таканаречената „Периметар дипломатија“. Додека соседните држави беа поканети од претседателот Трамп на т.н. „Board of Peace“, земјава остана меѓу непоканетите. Незрелото менување правци во надворешната политика, но и нејасната позиција на земјата кон сопствената стратешка ориентација, ја доведе државата денес да е игнорирана и од Европската Унија и од Соединетите Американски Држави – двата клучни стратешки партнери на земјата“.
Последиците од оваа изолација, како што посочуваат од ДУИ, веќе се чувствуваат.
Појаснуваат дека европското досие сѐ повеќе се трга настрана, земјата станува ранлива на странски влијанија од алтернативните центри на моќ, со што ѝ се заканува колапс не севкупниот политички систем.
„Два американски инвеститори ја напуштија земјата, нови инвестиции не доаѓаат, буџетот се празни, а економскиот стандард ги прави граѓаните да живеат сѐ посиромашно. Ова не е апстрактна политика, туку состојба која директно ќе ја погоди секоја фамилија, секој работник и секој бизнис“.
ДУИ предупредува дека продолжувањето на оваа состојба на изолација ќе има долгорочни и тешко поправливи последици за економијата, стабилноста и иднината на државата. „Северна Македонија не смее да биде изолирана земја, без сојузници, без перспектива и без доверба“.
Македонија
Петрушевски: Дали Филипче со државни пари сакал поевтино да ја преземе клиниката „Жан Митрев“
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска упати обвинувања до претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, дека во време на владеењето на СДСМ државниот апарат бил користен за остварување приватни интереси, а посебно, како што рече, за притисоци врз доктор Жан Митрев со цел клиниката да му се отуѓи по „багателна цена“.
„Наместо да се грижи за здравјето на граѓаните, Венко гледал како да дојде до приватна болница“, изјави Петрушевски.
Тој посочи дека буџетските трансфери од државата кон Клиничката болница „Жан Митрев“ нагло се зголемиле во периодот кога министерството го водел Филипче. Според податоците што ги изнесе, во 2015 година трансферите изнесувале околу 5,8 милиони евра, а во 2020 – речиси 11 милиони евра.
„Јавно достапните информации говорат дека во време на власт на СДС, особено кога Филипче е министер, се зголемува буџетот кој Клиничката болница од државните институции. Од 361.600.000 денари или околу 5,8 милиони евра, колку што изнесувал буџетот во 2015 година, трансферите до болницата од државната институција се зголемија за скоро дупло со доаѓањето на СДС на власт. Односно, во 2020 година кога Филипче раководеше со македонското здравство, буџетските трансфери кон болницата на којашто Венко и фрлил око, достигнале до 682 милиони денари, сума која во денари изнесува скоро 11 милиони евра“, рече.
„Го прашуваме Филипче: дали овие огромни приливи биле дел од обидот да се изврши притисок за клиниката да се продаде поевтино?“ рече Петрушевски.
Пратеникот апелира до Јавното обвинителство да постапи по, како што рече, сериозните индиции за изнуда и криминал.
Македонија
Алијансата на Таравари со критики за „Безбеден град“: Јазични повреди, селективна примена и непропорционални казни
Алијанса за Албанците (крилото на Арбен Таравари) упати критики за проектот „Безбеден град“ и неговата примена во рамки на Законот за прекршоци, оценувајќи дека истиот отвора сериозни правни, социјални и уставни загрижености.
Од партијата посочуваат три главни проблеми.
Прво, како што велат, не се спроведува Законот за употреба на јазиците, особено во службената комуникација со граѓаните, вклучително и при издавање известувања и санкции поврзани со „Safe City“. Тоа, според нив, претставува директно кршење на јазичните права на албанските граѓани во мултиетничка држава.
Второ, се бара ревизија на висината на казните и дефинирање на толеранција, со цел, како што наведуваат, граѓаните да не бидат неправедно оштетени.
„Безбедноста е важна, но не смее да се гради на сметка на егзистенцијата на граѓаните“, се наведува во соопштението.
Трето, од Алијанса за Албанците посочуваат дека селективната примена на „Safe City“ само во три градови е неправедна и дискриминаторска, иако целта на проектот е зголемување на јавната безбедност.
Партијата бара итно отворање јавна дебата и повикува надлежните институции да ги адресираат забелешките, со цел, како што наведуваат, секој ваков проект да биде во согласност со законот, со еднаквоста и со интересот на сите граѓани.

