Македонија
Излеани реки и одрони на патиштата

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива тековно, по претежно влажни коловози, одрони на патиштата и излеани реки.
Слаб снег паѓа во Крушево.Магла со видливост до 50м има на Плетвар.
На патен правец Страцин – К.Паланка поради свлечиште зафатена е третата лента од коловозот во должина од 150м. На самото место поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
Патен правец Д.Капија-Корешница (Р122)е во прекин поради вода на коловозот.
Поради одрони и голема количина на камења на патниот правец Кочани – М.Каменица сообраќајот е во прекин. Сообраќајот се пренасочува преку патен правец Виница – Пехчево – Делчево.
Сообраќајот кај клучка Марвинци – Гевгелија е во прекин поради излевање на река Вардар на коловозот.
На патниот правец Катланово-Велес, после наплатна станица Сопот, поради потенцијален одрон сообраќајот превентивно се одвива по една коловозна лента во должина од 200м. Поставена е соодветна сообраќајна сигнализација.
Сообраќајот на патните правци Кочани – Зрновци и Тработивиште – Разловци е во прекин поради попуштање на мостовите на река Брегалница. Алтернативен пат за Тработивиште е стариот пат Делчево-Тработивиште.
Дежурните екипи на ЈП МАКЕДОНИЈАПАТ деноноќно работат на расчистување на одроните и оспособување на сите патни правци за нормално одвивање на сообраќајот.
Во клисурите и усеците можна е појава на помали одрони, особено на патните правци: Кочани – Делчево, Виница – Берово, Маврово-Дебар-Струга, Д.Капија – Удово и Катланово-Велес.
На учесниците во сообраќајот им препорачуваме внимателно управување со возилата,почитување на поставената сообраќајна сигнализација,
како и прилагодување на брзината спрема условите на патот./крај/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Голема нервоза во белата палата, клеветите не поминуваат

Во реакција на својот профил на Фејсбук на прес-конференцијата на Бране Петрушевски, кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Мартин Костовски, порача:
„Голема нервоза во белата палата. Го извадиле Бране – човекот кој е директно против сиромашни работници и повисоки плати – да врти стари лаги и да ме клевети. Ама не кажа дека за истиве клевети веќе има и судска одлука – Бране изгуби во прв степен и треба да ми плати 2.500 евра отштета, пари кои веднаш ќе ги донирам. Клеветите не поминуваат, вистината во Куманово излезе на виделина.
Најголемиот криминалец е токму нивниот измеќар – Максим Димитриевски. Тој што сега им се клања, за да го спасат од одговорност. Нека продолжат вака, народот на Куманово гледа и добро знае. Следи голема казна на локалните избори. Народот не паѓа на коалициски математики.
А на Бране не може јас да му бидам крив што не е кандидат од ВМРО-ДПМНЕ, никој во партија не го сака ниту за измеќар. Седи си во Парламент и троши си ги парите, народот веќе ништо не очекува од такви како тебе.“ – напиша Костовски.
Македонија
Мицкоски: Нема да има данок за немажени и неженети – целта беше отворање јавна дебата

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема да има данок за немажени и неженети, појаснувајќи дека изјавата имала за цел да поттикне јавна дебата.
„Се извинувам на тие што можеби погрешно ја протолкуваа таа моја иницијатива, но факт е дека сум исклучително загрижен за демографската состојба во Македонија и факт е дека како претседател на Владата е моја одговорност да бидам загрижен за демографската иднина на мојата татковина“, рече Мицкоски, oдговарајќи на новинарско прашање по седницата на Извршниот комитет.
Вели дека изумираме тивко, а тоа поминува незабележано. Бројот на новородени е намален за 30, а бројот на бракови за 17 отсто за само неколку години.
Според него, не е до финансиите, туку до желбата, вредностите и воспитувањето. Тој повика на фокус кон семејството и на заедничка работа за обезбедување иднина на државата.
„Семејната парада е мојата гордост. Тоа е политиката што ќе ја водам додека сум премиер,“ заклучи Мицкоски.
Премиерот претходно, оваа недела изјави дека Владата размислува за даночење на немажените и неженетите, што предизвика бурни реакции во јавноста.
Македонија
Орце Ѓорѓиевски: Подготвен сум да го воскреснам Скопје

Орце Ѓоргиевски изјави дека кандидатурата за градоначалник на Скопје е еден од најголемите предизвици досега, изразувајќи благодарност до премиерот Христијан Мицкоски за континуираната поддршка – и за време на мандатот во Кисела Вода, и сега.
„Свесен сум во каква состојба се наоѓа Градот – девастиран и сив. Но, подготвен сум по изборите да го воскреснам Скопје и да стане град на достоинствен живот“, рече тој.
Ѓоргиевски најави дека ќе остане близок до граѓаните, како и досега, дека ќе ги слуша нивните барања и дека не се гледа како „салонски политичар“. Најави теренски посети и креирање на програма за решавање на најгорливите проблеми – сообраќајниот хаос, валканите улици и дивите депонии.
Ги повика сите граѓани да го поддржат, без оглед на партиската или верската определба, додавајќи дека за него постојат само скопјани кои го сакаат или не го сакаат својот град.