Економија
Сараќини во САД ги презентираше можностите за инвестирање во Македонија
Министерот за економија Ваљон Сараќини, во рамки на посетата на САД која ќе трае до 10 февруари, во среда оствари средба со претставниците на Управниот одбор на Стопанската комора на Менхетен.
На средбата беа разгледани можностите за соработка на оваа комора која брои 100.000 меѓу кои и Google, Microsoft, City Bank, универзитети како свои членки, со деловните здруженија во Република Македонија и на иницијатива на министерот за економија беше договорено потпишување на Меморандум за соработка со коморите од двете земји, со цел меѓусебна размена на искуства.
Сараќини предложи и креирање на листи на производи кои се од посебен интерес за компаниите од двете земји, а ќе придонесат за продлабочување на деловната соработка меѓу деловните субјекти, во насока на подобрување на трговската соработка меѓу двете земји, која веќе една деценија се одвива согласно правилата, принципите и правната регулатива на СТО.
Посебно интересни за американскиот пазар се производите од фармацевтската и прехранбена индустрија, а министерот за економија посебен акцент пред присутните стави на промовирање на ИТ секторот.
Беше разгледана и можноста за испраќање на наши студенти на пракса во компании членки на Стопанската комора на Менхетен.
Меѓу другото, на состанокот Сараќини упати покана до компаниите – членки на оваа комора за присуство на бизнис форум во Скопје, каде би имале можност за директни средби со претставниците на македонските компании, а беа разгледани и можностите за финансиска поддршка на претприемништвото и малото стопанство кај нас.
Оваа средба беше искористена и за презентирање на можностите за инвестирање во Република Македонија, вклучувајќи ги предностите на бизнис климата, даночните олеснувања и актуелните инвестициски проекти.
Министерот Сараќини ја претстави Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација на средбата со претседателот на BSC Travel USA Луис Шохет, специјалист за травел менаџмент, на која беше договорено во текот на месец април Република Македонија да ја посетат американски туроператори, што би овозможило нашата земја да стане дел од туристичката понуда на туристите од САД.
Во рамки на првиот ден од посетата на САД, министерот Сараќини оствари средба со првиот човек на Fast Pack Store, со седиште во сојузната држава Њу Џерси, фирма која е најголем увозник и дистрибутивен центар на производи од Република Македонија во САД.
На средбата Сараќини и Ивановски разговараа за можноста за пласирање на нови производи од Македонија на пазарот на САД, кои се важен надворешно трговски партнер на Република Македонија и во последните неколку години се наоѓаат меѓу 15. и 20. место на листата на земји со кои Република Македонија има најголем обем на размена.
Беше предложено организирање на средба со компании од Република Македонија кои се заинтересирани за пласирање на нивните производи во САД, по примерот на веќе етаблираните „Витаминка“, „Виталиа“, „Европа’, „Винчини“, „Алкалоид“, кои ја исползуваа одлично развиената бизнис мрежа на Fast Pack Store.
Продлабочување на соработката меѓу двете земји беше и темата на состанокот на министерот Сараќини со раководството на Американско-македонската стопанска комора.
Првиот ден од работната посета на САД министерот за економија го заокружи со средба со наши иселеници во САД, од Дебар, Кичево и Струга, со цел нивно вклучување во иницијативата „Македонија 2025“, со што би се поттикнале инвестиционите процеси од нивна страна во Република Македонија.
Пред нив министерот Сараќини ги претстави можностите за инвестирање во Република Македонија, а најголем интерес кај овие бизнисмени предизвика зоната во Кичево, односно нејзин развој со анимирање на американски компании кои дел од својот бизнис би префрлиле токму во оваа зона, користејќи ги овозможените поволности за инвестирање.
Во рамки на денешниот ден, министерот Сараќини ќе отпатува за Вашингтон, каде ќе гостува во „Гласот на Америка“ на македонски и на албански јазик, а веќе на 7 февруари ќе присуствува на традиционалниот Молитвен појадок кој го приредува претседателот на САД, Барак Обама. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

