Македонија
Советувалиштата за откажување од пушење отворени за сите граѓани
Советувалиштата за откажување од пушење, лоцирани во центрите за јавно здравје во Македонија, од четврток се отворени за сите граѓани.
Советувалишта ќе има во секој Центар за јавно здравје, а во нив ќе бидат ангажирани стручен и обучен кадар од доктор-специјалист, медицинска сестра и здравствени соработници (социјален работник, психолог и др), кои ќе одржуваат едукативни предавања, со фокус на презентирање на штетните ефекти од пушењето врз здравјето на пушачите, како и на штетните влијанија од тутунскиот чад за околината. Исто така, во рамки на предавањата ќе се презентираат и различните можности за одвикнување од пушењето, со посочување на одредени супститути на никотинот како и укажување на симптомите на апстиненцијалната криза.
Советувалиштата за откажување од пушење почнаа да функционираат во јуни годинава и со нив првично беа опфатени здравствените работници кои се пушачи, а со цел понатаму истите да можат да придонесат кон одвикнување од пушење кај нивните пациенти, велат од Министерството за здравство.
Имено, студиите на оваа тема спроведени во нашата земја, покажаа дека речиси 80% од лекарите сметаат дека пациентите полесно ќе се одвикнат од пушење доколку ги советуваат лекарите, имајќи го предвид нивниот кредибилитет, а воедно и поддршката која може да им ја пружат во соочувањето со предизвикот со кој и тие самите се соочиле.
Во контекст на методите на едукација, во советувалиштата ќе се врши групна едукација на сите лица кои ги посетуваат советувалиштата, или околу десетина во група, но со оглед на тоа што откажувањето од пушењето претставува релативно долготраен процес кој не се заокружува со само едно едукативно предавање, во советувалиштата е предвидена и индивидуална едукација на лицата кои ќе искажат желба и волја да се откажат од пушењето, информира МЗ.
Целта на овие советувалишта, стои во соопштението на МЗ, е целокупно подобрување на јавното здравје и одржување на здрави генерации во нашата земја.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.
Македонија
Никаде во Европа нема ваква корумпирана Влада, техничка влада мора да остане, бараат од СДСМ
„Споредбите со земјите од ЕУ како аргумент за укинување на техничката влада се класична манипулација. Никаде во Европа нема ваква корумпирана влада“, велат од СДСМ.
„Тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не ја сака техничката влада, затоа што кога ќе влезе министер од опозиција, ќе има увид во сите документи, во сите злоупотреби во целиот коруптивен систем.
Скандалот со ИПАРД 3 и злоупотребите на европските пари, за кои е приведен директор од ВМРО, се уште еден пример дека влез на опозициски министер ќе значи отворање и на другите криминални шеми во министерството.
Од тоа се плаши тендер коалицијата. Не сакаат техничка влада, затоа што тоа ќе значи отворање на пандорината кутија на криминалните тендери.
Без техничка влада не може да има праведни избори, нема контролен механизам и нема фер избори и затоа мора да остане“, соопшти СДСМ.

