Економија
Силен пад на продажбата на автомобили во Германија и Италија
Продажбата на нови автомобили во Германија падна во септември 11 отсто во однос на истиот период лани, покажуваат прелиминарните податоци на здружението на германски возачи.
Кумулативно од почетокот на годината, во првите девет месеци во Германија биле продадени 2,36 милиони возила, што е за 1,8 отсто помалку во споредба со периодот јануари септември 2011 година.Истовремено италијанскиот производител на автомобили Fiat објави дека продажбата на автомобили на италијанскиот пазар во септември била за 25,74 отсто помала во однос на истиот месец лани, што е најлош септември од 1984 година.Fiat воедно извести дека го зголемил пазарниот удел на 30,3 отсто од 29,7, колку што изнесувал во септември минатата година. /крај/х/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
МЕПСО го раскина договорот со изведувачот на проектот за 400 kV интерконекција помеѓу Македонија и Албанија
АД МЕПСО информира дека е раскинат договорот со „Енергоинвест“ ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, изведувач на изградбата на 400 kV далекувод од ТС Битола 2 до македонско-албанската граница.
„До неодложно раскинување на договорот доведе неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања поради значителното зголемување на трошоците за материјали и услуги. Тоа доведе до неможност за постигнување согласност меѓу двете страни“, известуваат од компанијата.
Договорот со „Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година.
„Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, клуч на рака. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот“, истакнуваат од МЕПСО.
Од компанијата додаваат дека од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови (8,9%), а доставени се 51,2% од опремата.
„Имајќи ја во предвид настаната ситуација, слабата динамика, напуштањето на работата, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и Владата на РСМ.
АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова тендерска постапка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со изградбата.
Успешната реализација на оваа интерконекција останува приоритет за АД МЕПСО, бидејќи ќе ја зајакне регионалната енергетска стабилност и интеграција, со значителни придобивки за Северна Македонија, Албанија и регионот во целина“, се наведува во соопштението на МЕПСО.
Економија
Ангеловска-Бежоска-Васле: Mакропрудентните мерки ја зајакнаа финансиската стабилност
Централните банки преку преземените макропрудентни мерки, како што е на пример противцикличниот заштитен слој на капиталот, му помогнаа на банкарскиот систем да се справи со економските предизвици и имаа клучна улога во зачувувањето на финансиската стабилност во сложеното глобално окружување, полно со неизвесности.
Ова се дел од пораките коишто ги упатија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, на средбата во Народната банка.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека во текот на кризите, не само што се задржа, туку и дополнително се зајакна отпорноста на банкарскиот систем, којшто во целиот овој период постојано обезбедува кредитна поддршка за економијата.
„Главниот параметар преку којшто се утврдува стабилноста на системот е адекватноста на капиталот, којашто во моментов изнесува околу 19% и е највисока во последните 16 години, но и стабилната и солидна ликвидност и добриот квалитет на кредитното портфолио. Ова покажува дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Позитивни промени се забележуваат во рочната и валутната структура и на депозитите на банките, видливи преку значителниот раст на долгорочните депозити и штедење во денари, коишто бележат двоцифрен раст. Ова е показател и за довербата на јавноста во банкарскиот систем и во политиките коишто ги води централната банка“, нагласи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Во рамките на посетата на Народната банка, гувернерот на Банката на Словенија, Боштјан Васле, одржа презентација на тема „Најновите движења во банкарскиот сектор и патот напред“, пред претставниците на банките и регулаторните тела во земјава.
„Банките во еврозоната и во Словенија работат многу успешно во последно време, со високи стапки на профитабилност слични на оние на банките во С Македонија и со историски поволни показатели за квалитетот на средствата. Банките главно се добро капитализирани и одржуваат солидна ликвидност. Нивната поволна позиција е резултат на зајакнувањето и унифицирањето на банкарската регулатива и супервизија во еврозоната, подобрувањата на рамките на макропрудентната политика и на големата поддршка од монетарната и фискалната политика за време на пандемијата и енергетската криза. Сепак, европските банки се соочуваат со долгорочни предизвици поврзани со нивните деловни модели, дигитализацијата и зголемената конкуренција од небанкарските институции“, посочи гувернерот Васле.
Гувернерите Ангеловска-Бежоска и Васле истакнаа дека и покрај поповолниот макроамбиент во текот на годинава и натаму постојат ризици и неизвесности главно поврзани со надворешното окружување и влијанието на геополитичките превирања и геоекономската фрагментација, при што централните банки ја задржуваат внимателноста во водењето на макропрудентните политики, како поддршка за зајакнување на финансиската стабилност во наредниот период.
Економија
(Видео) Ристова: Основните прехранбени производи, наместо да бидат достапни за сите, сега стануваат луксуз
Зголемените трошоци за живот стануваат неподнослив предизвик за сè поголем број семејства. Основните прехранбени производи, наместо да бидат достапни за сите, сега стануваат луксуз, кажа денеска на прес конференција Лолита Ристова, членка ИО на СДСМ.
„И власта на Мицкоски, наместо нешто да преземе, да се справи со овој сериозен проблем и да го поддржи стандардот на граѓаните, направи измама со така наречената новогодишна кошничка. Го видовме истото сценарио – трговците прво ги покачија цените, а потоа мерките стапија во сила“, вели таа.
Според Ристова, реалноста во маркетите и продавниците којашто граѓаните ја гледаат секој ден е дека цените не само што останаа високи, туку кај некои производи и дополнително се зголемија.
„СДСМ ги помина маркетите во текот на вчерашниот ден, и еве што покажува реалноста:
– Цената на зејтинот сега е 97 денари, а на 1 октомври се продаваше за 83 денари. Значи имаме зголемување а не намалување.
– Јајцата кои се продаваа од 75 до 85 денари сега се над 100 денари. Од 107 до 140 денари. Исто така покачување на цените.
– Кај мешаното сирење нема промени и цените се движи околу 450 денари – непроменето.
– Кашкавалот е поскапен и сега е над 600 денари за килограм.
– Јогуртот со 3,2% масленост, во некои маркети достигна и над 72 денари, исто така зголемена цена.
– Намалувањето кај кравјото сирење е минимално – само 5 денари, и сега е 398 денари за килограм.
Ова е реалноста, ова се фактите кои јасно ја покажуваат измамама која со кошничката им ја приреди власта на граѓаните. Тоа народот го гледа секој ден“, истакна Ристова.
Таа нагласи дека граѓаните заслужуваат решенија, а не лажни ветувања и манипулации.
„СДСМ веќе понуди конкретен предлог – укинување на ДДВ за основните прехранбени производи. Со оваа мерка, цените ќе се намалат реално, без простор за манипулации од трговците. Едно семејство би заштедило 2.000 денари месечно, или 24.000 денари годишно.Тоа што власта не ја прифати оваа мерка покажува дека Мицкоски им удоволи на трговците и дозволи тие да се богатат на грбот на граѓаните“, заклучи Ристова.