Економија
ЕБРД планира три милијарди евра кредити за нова Европа

Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) ќе одобри во следните две години три милијарди евра кредити за земјите од југоисточна Европа кои се најдоа под најжестокиот удар на кризата во еврозоната, изјави челник на банката во Токио.
Сума Чакрабарти додаде дека има намера д аги наговори и другите меѓународни финансиски иснтитуции да дадат свој финансиски придонес на ова поле,
Во разговорот за Reuters изминатиот викенд на маргините од редовното полугодишното собрание на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка коешто започна минатиот четврток во јапонската престолнина Токио, на коешто присуствуваат и вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, претседателот на ЕБРД, Сума Чакрабарти најави покренување на споменатата тема во овонеделните разговори.
ЕБРД ќе се концентрира на поддршка на банкарскиот и на приватниот сектор во земјите од регионот и ќе настојува да го поттикне вработувањето низ големи инфраструктурни проекти, како што се градењето железнички пруги патишата, вели челникот на банката.
Светската банка од своја страна сигнализираше дека е заинтересирана за тој план и би можела да учествува во неговото финансирање со најмногу пет милијарди евра, вели друг добро упатен извор.
Треба притоа да се додаде дека секое евро коешто ќе го вложи ЕБРД, најчесто, во просек привлекува дополнителни 2,6 евра приватни инвестиции, со што проценетиот првичен износ би нараснал на околу 15 милијарди евра.
ЕБРД има намера, инаку, да го подготви кредитниот пакет до крајот на оваа година.
Осврнувајќи се на ситуацијата во новите членки на Европската унија, односно ткн нова Европа, ЕБРД во јули годинава прогнозираше пад на хрватската, словенечката и унгарската економија во 2012 година, а предупреди и дека земјите од југоисточна Европа, како што се Бугарија и Романија, се особено ранливи на кризата во еврозоната поради изложеноста на Грција и другите периферни земји членки на еврозоната.
„Постојано слушаме за Грција, Италија и Шпанија, а речиси никој не зборува за другите земји во соседството на Грција, коишто, исто така, чувствуваа негативни последици од ефектот на прелевањето на кризата“, предупредува Чакрабарти.
Банките во многу источноевропски земји надвор од рамките на еврозоната се во целосна или во делумна сопственост ан западноевропските банки, коишто го намалуваат кредитирањето за да ја подобрат состојбата во своите биланси притиснати од должничката криза во зоната на употреба на единствената европска валута.
Балканките економии, истовремено, во голема мера зависат од вложувањата на Грција, Италија и другите земји од еврозоната.
„Досега настојувањата главно беа насочени на намалувањето на дефицитите, но ја уважуваме и потребата од структурни реформи во земјите од регионот, за да може да уживаат во плодовите од растот кога економиите ќе заздрават“, додава Чакрабатри./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Затворени четири субјекти: триесет отсто од контролираните се со неправилности за фискализација, објави УЈП

Во периодот од 28 јули до 3 август 2025 година Управата за јавни приходи (УЈП) спроведе вкупно 214 теренски контроли за фискализација, насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе-барови, шанкови на плажа, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, хотел, автопревозници, паркинзи и други трговски објекти за продажба на мало.
Контролите беа реализирани во државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места, каде што во летниот период има зголемена фреквенција на туристи. Од 214 контролирани субјекти, кај 30,8 %, односно кај 66 од контролираните се утврдени неправилности во согласност со Законот за регистрирање на готовинскиот промет.
За утврдените неправилности донесени се 66 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени во согласност со големината на субјектот.
За четири, односно три субјекти од Охрид и еден од Струга, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност (запечатување).
„Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна: • Во Скопје извршени се 14 контроли и при истите утврдени се 4 неправилности; • Во Струга, Охрид и Битола извршени се 126 контроли, а утврдени се 29 неправилности од кои 11 неправилности во Струга и 18 во Охрид • Во Прилеп извршени се 7 контроли, a утврдени се 3 неправилности; • Во Тетово, Гостивар извршени се 32 контроли, а утврдени се 14 неправилности од кој 13 во Тетово и една во Гостивар • Во Штип, Неготино, Демир Капија, Кавадарци Велес и Куманово извршени се 35 контроли, а утврдени се 16 неправилности, по една неправилност во Неготино и Кавадарци, 2 во Демир Капија, 3 во Штип, 4 во Велес и 5 неправилности во Куманово“.
УЈП апелира до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
„Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување. Управата за јавни приходи останува цврсто посветена на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници“.
Економија
Николоски – Соријано-Ортиз: Авиолиниите до Мадрид и до Барселона се одлична можност за подoбрување на соработката меѓу двете држави

Билатералните односи меѓу Македонија и Шпанија дополнително ги зајакнуваме преку отворање на авиолинијата Скопје -Мадрид и претходно воспоставената линија Скопје -Барселона, истакнаа на денешната средба вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Сориано Ортиз.
Двете авиолинии, информираше вицепремиерот, се дел од владината програма за развој на ависообраќајот преку кои се отвораат нови перспективи меѓу двете земји и за двата народи.
На средбата, исто така беа разменети и мислења и ставови за актуелните политички и економски прашања во земјава и регионот, притоа вицепремиерот Николоски истакна дека Македонија е влезена во инвестициски циклус во развој на патната и железничка мрежа со посебен акцент на коридорите кои треба да го придвижат регионалниот економски развој.
На средбата беа потенцирани и можностите за инвестирање во земјава, преку реализација на инвестиции во сектори од заеднички интерес.
На крајот од средбата двајцата соговорници се согласија дека соработката меѓу двете земји е на добро ниво и дека истата дополнително може да се зацврстува особено во делот на економијата.
Економија
УЈП: Инкасирани 2,3 милијарди денари или 37,4 милиони евра повеќе во буџетот споредбено со јули лани

Во јули 2025 година, Управата за јавни приходи оствари значителен раст на наплатата по основ на даноци и социјални придонеси за речиси 37,4 милиони евра во споредба со јули 2024 година.
Вкупната наплата од даноци (Данок на додадена вредност (ДДВ), данок на личен доход (ДЛД) и данок на добивка ДД) изнесува 14.344 милиони денари, односно приближно 233 милиони евра, што претставува рекордна месечна наплата досега.
По тој основ остварен е раст од 922 милиони денари или околу 15 милиони евра, што е раст од 6,9% во однос на јули 2024 година. Раст од 13,4% се бележи и кај социјалните придонеси, и по тој основ наплатени се 11.823 милиони денари (192,2 милиони евра), што е за 1.400 милиони денари (околу 23 милиони евра) повеќе наплатени средства од придонеси во споредба со истиот месец минатата година.
„Растот на приходите не е случаен – тој е резултат на зголемена економска активност, како и посветена работа, партнерство и доверба која Управата за јавни приходи постојано ја гради со даночните обврзници. Во изминатиот период, а во согласнст со законските надлежности, УЈП презеде низа мерки и е во постојан контакт со даночните обврзници и нивните овластени сметководители кои имаат пријавен, но ненаплатен долг за соодветниот даночен период. Целта е навремено подмирување на обврските и избегнување на блокада на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата“, велат од УЈП.
Во рамки на превентивните мерки, доставени се персонализирани пораки и известувања до обврзниците, со јасна порака за доброволно усогласување. Придобивката од овој пристап е јасна: се овозможува финансиска стабилност кај обврзниците, се избегнуваат санкции и се гради одржлива даночна историја, што директно придонесува за стабилни јавни финансии и позитивна деловна клима.