Економија
Пoвеќе вработени млади, за подобра иднина
Високата стапка на невработеност кај младите има големо влијание врз социјалниот и економски живот во земјата. Неискористениот млад човечки потенцијал претставува голема загуба за едно општество , беше речено на трибиината на тема „Дали е потребна поголема поддршка при вработувањето на младите во Македонија“.Панел дискусијата беше одржана во организација на Коалицијата на младински организации СЕГА, а како дел од програмата за млади во ЕУ Инфо центарот.
„Нашите истражувања покажуваат дека повисокото образование обезбедува подобри резултати за младите на пазарот на трудот и стапката на невработеност прогресивно се намалува со секој дополнителен степен на образование. Тоа ни покажува дека младите треба да вложуваат во своето образование и развивање на сопствени вештини бидејки така се многу поконкуренти на пазарот на трудот и шансата да се вработат или започнат свој бизнис се многу поголеми“, вели Зоран Илиески, извршен менаџер на Коалицијата СЕГА.
„Високата стапка на невработеност кај младите има големо влијание врз социјалниот и економски живот во земјата. Неискористениот млад човечки потенцијал претставува голема загуба за едно општество. Доколку еден млад човек не успее да најде работа брзо по завршувањето на школувањето (средно или високо) неговиот вкупен животен приход ќе страда многу. Затоа е многу значајно да се скрати тој транзициски период од образование до вработување. А тоа може да се потпомогне со разни активни мерки кои од една страна треба да го мотивираат и активираат младиот, и уште за време на студирањето подобро да се подготви за влез во пазарот на трудот и од друга страна да се креираат подобри услови за работодавачите да отвораат работни места за младите“, Урим Касапи, менаџер на програмата за вработување во УНДП.
Целта на оваа панел дискусија која е дел од програмското работење на Коалицијата СЕГА за вработување на младите во Македонија имаше за цел да се унапреди процесот и да се зголеми процентот на младите луѓе кои ќе се вработат, како и да се зголемат и подобрат работните вештини кај нив со цел поголема конкурентност. Податоците кои се презентираа на панелот говорат дека стапката на невработеност кај младите (на возраст 15-24) е речиси двојно повисока од таа на возрасните, со 52,1 проценти во третото тримесечје на 2012 г. Односот 1,7 меѓу стапките на невработеност на младите и возрасните останува непроменета во периодот меѓу 2011 и 2012 г. (третите тримесечја). Националниот акциски план за вработување на младите (НАПВМ) кој е донесен во 2012 година нуди тригодишен акциски план за промовирање на повеќе и подобри работни места за младите на возраст 15-29 години, и во изработката на тој план беа вклучени и социјалните партнери. Фокусот на акциски план за вработување на младите е кон зајакнување на политиките за вработување, вклучувајќи програми за образование, обука и млади, со цел зголемување и подобрување на можностите за вработување и социјална инклузија на младите. Акциониот план нуди ефективните политики за подобро образование и зголемување на видовите и различноста на обукит, со ставање на акцент на реформата на наставните планови за стручното образование и обука, со цел да се опфатат нестручните вештини и учењето засновано на работа.
Коалицијата на младински организации СЕГА е формирана во 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади на Р.Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. Коалицијата ја сочинуваат 29 членки./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Средба Муцунски – Aзески: Фокус на извозот и економската дипломатија
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работна средба со претставници на Стопанската комора на Северна Македонија, предводени од претседателот Бранко Азески.
На средбата беа разгледани иницијативи и конкретни форми на поддршка за извозно ориентираните компании, вклучително и организација на тематски посети со активно учество на деловната заедница, унапредување на комуникацијата со дипломатско-конзуларните претставништва, како и промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор во државата.
Министерот Муцунски нагласи дека целта на овие средби е директно да се слушнат ставовите и размислувањата на коморите, како и да се добијат конкретни иницијативи за поддршка на компаниите, зајакнување на економската дипломатија и унапредување на извозот, што директно придонесува кон зајакнување на економијата и забрзување на економскиот развој.
Беше потврдена одличната досегашна соработка и изразено заемно задоволство од постигнатите резултати, при што се разговараше и за нејзино натамошно продлабочување, со цел обезбедување конкретни придобивки за компаниите и позитивно влијание врз вкупниот економски развој на државата.
Нагласувајќи ја важноста на дипломатско-конзуларните претставништва и на дипломатската мрежа во целост, претседателот на Стопанската комора истакна дека иницијативите за зајакнување на економската дипломатија доаѓаат во вистински момент, во насока на поддршка на стопанството и економското закрепнување.
На средбата беа разгледани и конкретни иницијативи и настани планирани за наредниот период, како можности за понатамошна соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Стопанската комора.
Економија
Мој ДДВ не се укинува – налозите за исплата во февруари се подготвуваат, извести УЈП
Управата за јавни приходи ги демантира написите во дел од медиумите дека се укинува мерката „МојДДВ“.
„Јасно и недвосмислено истакнуваме дека не постои одлука за укинување на „МојДДВ“ – мерката се спроведува континуирано, а сите граѓани можат да ја користат апликацијата и да ги остваруваат своите права согласно законските одредби. За спроведување на мерката „МојДДВ“ се предвидени средства во Буџетот за 2026 година, со што се обезбедува нејзино непречено и континуирано спроведување“, велат од УЈП.
Во текот на 2025 година за редовна исплата исплатени се 3.458.885.995 денари, што е 56,2 милиони евра средства вратени на сметките на граѓаните по основ на „МојДДВ“.
Гледано по квартали, повратот на средства преку „МојДДВ“ во текот на 2025 година е следен:
•За К4 2024 година (исплата во февруари 2025) исплатени се 870.329.146 денари за 496.442 корисници;
•За К1 2025 година исплатени се 784.442.146 денари за 491.770 корисници;
•За К2 2025 година исплатени се 882.137.038 денари за 503.655 корисници;
•За К3 2025 година исплатени се 921.977.665 денари за 515.182 корисници;
•За К4 2025 година налозите се во обработка и согласно законските одредби исплатата на средства е предвидена за февруари 2026 година.
Во текот на 2025 година беа извршени и дополнителни исплати (од изминатите години) кон корисниците кои немале точни податоци во периодот кога биле редовните исплати:
•За скенирани сметки во 2020 година исплатени се 2.658.049 денари;
•За скенирани сметки во 2023 година исплатени се 7.552.401 денари;
•За сметки скенирани во 2024 година исплатени се 4.076.525 денари.
На сметките на граѓаните во 2025 година по основ на редовна и дополнителна исплата на средства преку „МојДДВ“, исплатени се вкупно 3.473.172.970 денари или 56,4 милиони евра.
УЈП ги известува граѓаните дека веќе ги подготвува налозите за исплата на средства за скенирани сметки во последниот квартал од 2025 година, која треба да се реализира во февруари 2026 година.
„Апелираме граѓаните да не потпаѓаат под шпекулации и да ги следат исклучиво официјалните информации и соопштенија на Управата за јавни приходи. Истовремено, УЈП ја информира јавноста дека апликацијата „Мој ДДВ“ функционира редовно. Во рамки на тековните технички подобрувања на системот, можно е повремено забавување при најавување на апликацијата од страна на корисниците или при вчитување на фискалните сметки. Овие појави се привремени, а надлежните технички служби континуирано работат на нивно отстранување, со цел да се обезбеди подобро корисничко искуство. Со ова уште еднаш потврдуваме дека апликацијата „Мој ДДВ“ останува во функција и не се разгледува нејзино укинување“, се додава во соопштението на УЈП.
Економија
Малите и средни претпријатија се ’рбетот на економијата – претставена Националната стратегија за МСП 2025–2030
Министерството за економија и труд денес ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025–2030, стратешки документ кој ја дефинира насоката за развој, конкурентност и отпорност на малите и средни претпријатија во Република Северна Македонија во наредните години.
Малите и средни претпријатија претставуваат ’рбет на националната економија, сочинувајќи околу 99 проценти од вкупниот број претпријатија и обезбедувајќи егзистенција за речиси три четвртини од вработените. Тие имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност на државата.
На настанот, министерот за економија и труд Бесар Дурмиши истакна дека Стратегијата е повеќе од формален документ и дека таа претставува јасна определба за поддршка на домашните претприемачи.
„Малите и средни претпријатија не се само дел од нашата економија – тие се нашата економија. Секој нивен успех значи посигурна иднина за едно семејство и посилна држава. Со Стратегијата за МСП 2025–2030 создаваме услови тие да бидат лидери на промените, а не нивни следбеници,“ истакна министерот.

