Економија
Канадската влада активно ги презентира инвестициските можности на Македонија

Македонските економски и бизнис потенцијали влегуваат во фокусот на канадските инвеститори, при што канадската влада, како одговор на засилената активност на Македонија и партнерите од регионот, се реши финансиски да го помогне економскиот форум.
На него ќе се презентираат потенцијалите за инвестирање и водење бизнис во Македонија, а во рамките на новиот циклус активности за информирање и привлекување на канадските инвеститори Македонија ќе организира повеќе презентации и тркалезни маси во Отава, Монтреал, Торонто и Виндзор.
На првата презентација на македонските бизнис и инвестициски потенцијали во вторникот во Отава, македонскиот амбасадор Љубен Тевдовски пред заинтересираните бизнисмени и македонски иселеници во Канада потсети дека инвестирањето во Македонија значи директен пристап кон слободен пазар од 660 милиони жители.
„Македонската амбасада е посебно задоволна што и канадската влада го дели ставот дека нашиот регион е од значаен интерес за канадските бизнисмени и инвеститори. Подолг период, заедно со турските пријатели и други партнери од регионот, ја нагласуваме оваа реалност, но по успешното Роуд шоу на македонскиот владин тим, одлуката на канадската влада да инвестира внимание и ресурси во нашите инвестициски потенцијали претставува нов квалитет во економските релации”-, рече Тевдовски.
Интересот на повеќе канадски компании од областа на рударството, инфраструктурата и градежништвото за потенцијалите на Македонија беше и главна тема на средбата на македонскиот тим со Питер Хејл, главниот економски аналитичар и заменик директор на престижната Агенција за Промоција на Извозот на Канада (ЕДЦ).
Од 3 до 6 април, потенцијалите на македонското рударство ќе бидат презентирани од амбасадорот Тевдовски и економскиот промотор Георгиевска на една од најголемите светски конференции за инвестиции во индустријата со минерали во Торонто, а презентација на можностите за инвестирање и водење бизнис во Македонија ќе биде организирана и пред Комората на Виндзор, најголемиот центар на автоиндустријата во Канада.
На, до сега, најголемиот економски форум за можностите за инвестирање и развивање бизнис во Југо-источна Европа, финансиски поддржан од Канадското министерство за надворешни работи и меѓународна трговија своја презентација ќе има и директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида.
Форумот за промоција на инвестициските потенцијали е во организација на Атланскиот совет на Канада, во соработка со македонската амбасада во Отава, а овојпат доби и директна финансиска поддршка од канадската влада.
Во август минатата година Атланскиот совет на Канада беше и локален партнер во организацијата на големото економско претставување на Македонија во Канада во рамките на економското роуд шоу на владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Од полноќ поскапуваат бензинот, дизелот и екстра лесното масло за домаќинство

Регулаторната комисија за енергетика донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,00 отсто во однос на одлуката од 20 јуни.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 6,182%, кај дизелот за 2,172%, кај екстра лесното масло за 6,442% и кај мазутот зголемувањето е за 2,609%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,1578%.
Од 24.6.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 77,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 41,687 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
Божиновска на „Козјак“: Пример за стратешко инвестирање во обновливи извори на енергија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, ја посети хидроелектраната „Козјак“, каде што се информираше за тековното функционирање на капацитетот, безбедносните стандарди, како и можностите за понатамошно унапредување на производните перформанси.
Хидроелектраната „Козјак“, која е дел од производниот систем на АД „ЕСМ“, располага со инсталирана моќност од 80 мегавати и служи како еден од клучните столбови за производство на електрична енергија од обновливи извори, но и како заштита од поплави на сливот на реката Треска.
„Со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, затекната беше исклучително тешка хидролошка состојба. Нивото на водостојот во акумулациите беше под алармантни 4%, што сериозно ја загрозуваше енергетската стабилност на државата. Но, преку одговорно и домаќинско менаџирање, координација со институциите и стратешко планирање на производството, денес состојбата е значително подобрена. Последните податоци покажуваат дека водостојот во акумулациите надминува 50% – јасен показател дека системот се стабилизира“, рече Божиновска.
Министерката истакна дека „Козјак“ претставува значаен дел од енергетскиот систем кој има повеќекратна функција.
„ХЕ ’Козјак‘ е пример за одржлива инвестиција – произведува чиста енергија, штити од поплави и позитивно влијае на локалната микроклима. Овој капацитет ја покажува вредноста на стратешкото планирање во енергетиката“ изјави министерката Божиновска.
За време на посетата, министерката беше информирана од страна на раководството на ХЕ „Козјак“ и претставниците на АД „ЕСМ“, дека објектот се одржува согласно највисоките безбедносни и еколошки стандарди, со редовен мониторинг на состојбата на браната, нивото и квалитетот на водата, како и биодиверзитетот во езерото.
Министерството за енергетика најавува дека во следниот период ќе се работи на подготовка на студии за можни подобрувања: зголемување на капацитетот, подобрена автоматизација и воведување на нови технологии за управување со резервите на вода.
„Ќе продолжиме со инвестиции во модернизација на постојните капацитети и во развој на нови проекти од хидроенергетиката. Нашата цел е јасна: стабилен, чист и независен енергетски систем“ нагласи министерката Божиновска.
Економија
Од полноќ поскап дизел

Од полноќ максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 95 – 76,00 (денари/литар)
– Моторен бензин – ЕУРОСУПЕР БС – 98 – 78,00 (денари/литар)
– Дизел гориво – ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 72,00 (денари/литар)
– Масло за горење – Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) – 70,00 (денари/литар)
– Мазут М-1 НС – 40,928 (денари/килограм)
Малопродажнaта цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 2,00 ден/лит.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) и на Мазутот М-1 НС не се менуваат.
Ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 21.6.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.