Култура
Делата на пат за Венеција

Ликовните дела со кои Република Македонија ќе се претстави на 54-тото Биенале во Венеција веќе се на пат кон македонскиот павилјон.
Ликовните дела со кои Република Македонија ќе се претстави на 54-тото Биенале во Венеција веќе се на пат кон македонскиот павилјон.Годинава Македонија се презентира со два проекта. Колективот „Зеро“ го подготви проектот „Досие шлепер“, додека скулпторот Жарко Башески ќе се претстави со проектот „Прескок“.Македонските проекти во Венеција ќе ги постават НУ Национална галерија на Македонија и НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.Националната галерија на Македонија петти пат ја претставува Република Македонија на Биеналето во Венеција и годинава го организира проектот на Колективот „Зеро“.„Македонскиот павилјон во Венеција годинава е сместен во палатата Папафава во две галериски простории на спратот во палатата која се наоѓа во непосредна близина на плоштадот Свети Марко. Интересен момент е што годинава двата македонски проекти ќе бидат сместени во иста палата во два различни галериски простори“- нагласи Маја Крстевска, директор на НУ Национална галерија на Македонија и комесар на изложбата.За проектот на Колективот „Зеро“ на прес-конференцијата одржана во мултимедијалниот центар „Мала станица“ зборуваше ликовниот уметник Ацо Станкоски.„Проектот на групацијата „Зеро“ тесно е врзан со годините на транзиција на македонската држава, како еден вид историја видена од поетски и уметнички агол. Затоа проектот носи наслов „Досие шлепер“, бидејќи сакавме сите наши транзициони искуства да ги сумираме во проектот. Така создадовме една комплексна ликовна инсталација која во една глобална симболичка смисла ги нотира координатите на драматичните собитија од нашата историја“ – објасни Ацо Станкоски.За претставувањето во Венеција веќе е подготвен каталог со проектот на групата „Зеро“ и две промотивни видеа.Проектот „Прескок“ на Жарко Башески во Венеција ќе биде претставен од НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ од Прилеп.„Проектот е приказна заснована врз идеите на германскиот филозоф Фридрих Ниче и говори за човековите настојувања кон себенадминување. Во ликовен аспект станува збор за инсталација на три фигури од еден ист човек, со димензии нешто поголеми од вообичаените. Скулптурите се поставени во три различни ситуации. Врската меѓу скулптурите е во релациите – човек кој самиот себе се носи, човек кој самиот себе се прескокнува и човек кој самиот себе се надвиснува, како вечно човеково настојување да се самонадмине“ – потенцираше авторот Жарко Башески.Свеченото отворање на македонскиот павилјон во Венеција ќе се одржи на 2 јуни во 16 часот во палатата Папафава./крај/макфакс/т.д.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.