Економија
Андреска нов претседател на КСС
Мирјана Андреска е нов претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на Македонија, одлучија делегатите на Трет изборен конгрес, што в вторникот се одржа во Скопје.
Таа го замени досегашниот претседател на КСС, Раско Мишкоски, чиј петгодишен мандат заврши на денешниот изборен Конгрес. „Ми доверивте огромна одговорност. Доследно ќе работам според програмата на Конфедерацијата и ќе дадам максимум од себе овие задачи и определби да ги зголемам во однос на подобрување на правата на секој работник во Република Македонија“, вети Андреска по изборот пред 128 делегати на КСС.Пред изборот за претседател, Андреска, како член на потесното раководство на Синдикатот за образование, наука и култура и наставник во општинското основно училиште „Владо Тасевски“, вети дека КСС ќе биде место каде што сите синдикални организации ќе добијат безрезервна и целосна поддршка во решавање на сите прашања од синдикалното работење, место каде што активно ќе се учествува во разрешување на проблемите со кои се соочуваат работниците – членови на КСС и место каде што ќе се гради посилна и помоќна синдикална организација.Питер Зајденек од Европската конфедерација на слободни синдикати ги повика синдикалните претставници „да ги отворат сивите кабинети и да го послушаат гласот на младите“.Тој го нарече ова повик за будење и сериозно размислување во однос на бројките кои се реални, а тоа е 53% невработени млади луѓе, околу 32% невработени граѓани во Македонија. Исто така, рече Зајденек, на ниво на Европа, се повеќе има штрајкови, избори каде граѓаните излегуваат под 40%.„Јасно е: луѓето се фрустрирани, на младите им е смачено и бараат решенија. Сто процентни воведени мерки за штедење не се решение, туку стопроцентна фрустрација. Потребни се промени и синдикатите мора да даваат реално издржани предлози. Не само да изградат ѕид на плачот, туку да дадат сугестии за излез од состојбата. Мора да бидеме обединети и не смееме да попуштиме. Помалку време и енергија треба да трошиме на внатрешните прашања, а да се посветиме на нашиот јасен непријател: сиромаштијата, ниското ниво на заштита на работничките права, невработеноста и перманентната борба за поголеми работнички права“, рече Зајденек.Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристевски, потенцираше дека ќе продолжи добровоспоставениот систем на соработка со КСС во интерес на работниците и нивните права. „Сите заедно треба да ги охрабриме работниците синдикално да се организираат. Социјалниот дијалог треба да биде важен инструмент и механизам за да се приближиме до европското ниво на социјален дијалог“, рече Ристовски./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

