Економија
Сараќини: Јакнење на капацитетите на Бирото за метрологија

Завршницата на проектот и презентација на резултатите од ИПА2008 „Техничка помош за зајакнување на капацитетите на Бирото за метрологија“, финансиран од страна на Европска Унија, во организација Бирото за метрологија, беше одбележана во четврток во Скопје.
На свеченоста присуствуваше министерот за економија Ваљон Сараќини и Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Аиво Орав.
„Мисијата и визијата на Бирото се насочени кон градење на престижна метролошка институција, препознатлива на европско ниво и пошироко, која ќе даде практична поддршка на меѓународната интеграција на нашата земја и нашата индустрија, од аспект на нејзината меѓународна конкурентност. Овој проект, финансиран со средства од ЕУ фондовите, има клучна улога во процесот на усвојување и хармонизација на националното техничко законодавство од областа на метрологијата, со она на Европската унија и, секако, негова примена. Но, тој е примарно насочен кон јакнење на капацитетите на Бирото за метрологија, со цел обезбедување висок квалитет на услугите кон бизнис заедницата, потрошувачите и граѓаните“, изјави министерот Сараќини.
Директорот на Бирото, Димитар Парнарџиев изјави дека во изминативе 21 месец, колку што траел проектот, работеле истрајно за да ја постигнат целта, да создадат престижна метролошка институција.
„Нашата цел е преку создавање на современа метролошка институција, препознатлива на европско ниво и пошироко, да дадеме поддршка на меѓународната интеграција на нашата земја и нашата индустрија од аспект на меѓународна конкурентност“, рече Парнарџиев.
Амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Н.Е. Аиво Орав истакна дека овој проект е уште еден дополнителен чекор во приближувањето на законодавството во земјата кон политиките на ЕУ и стандардите во рамки на слободното движење на стоките.
„Ефикасната и одржлива национална инфраструктура е важен предуслов за слободното движење на стоки во рамки на државата и улогата на метрологијата е особено важна во овие рамки. Мерките ги допираат сите аспекти на нашето секојдневје, тие ни овозможуваат подобар квалитет, поголема безбедност, зачувување на здравјето, а и економијата ја прават поконкурентна. Мерките се клучни за производството, контролата, комуникациите… Точните податоци кои се засноваат на веродостојни мерки се можне важни“, истакна Орав.
Инаку, овој проект е финансиран со 548 илјади евра од фондовите на Европската унија. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши од Струга: Инвестираме 40 милиони евра за граѓаните да останат и напредуваат дома

Денеска во Струга, Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување ја одржаа јавната презентација на Оперативниот план за вработување 2025. Настанот привлече голем интерес кај граѓаните, бизнисите и локалните институции, а главниот фокус беше ставен на мерките што директно ја засилуваат вработеноста и ја стимулираат економијата.
На презентацијата присуствуваше и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кој порача дека Владата вложува во граѓаните – нивните идеи, капацитети и амбиции.
„Не нудиме празни ветувања, туку конкретни мерки, средства и поддршка. Оперативниот план е алатка за секој кој сака да започне, да се дообучи или да се вработи. Целта е јасна – да создадеме можности тука, дома“, истакна министерот Дурмиши.
Планот за 2025 година предвидува инвестиција од 40 милиони евра, насочена кон повеќе од 10.000 граѓани, а oд Министерството велат дек досегашниот одѕив покажува дека мерките веќе го даваат посакуваниот ефект.
Мерката за практикантство обезбедува вклучување на 1.352 млади лица до 29 години, од кои 40 преку онлајн практикантство. Секој учесник ќе добива месечен надомест од 12.000 денари во период од три месеци.
„Субвенционираното вработување за микро, мали и средни претпријатија веќе има над 2.000 апликации – доказ за високиот интерес на приватниот сектор да учествува во креирање нови работни места“, велат од Министерството.
Се додава и дека финансиската поддршка за започнување сопствен бизнис е успешно затворена со над 6.000 апликации, а во тек е селекцијата на корисниците, додека мерката 3.1 – Обука кај познат работодавач и понатаму останува една од најефикасните алатки за вработување.
„Овие бројки не се само статистика – зад секоја апликација стои приказна, надеж и одлука да се направи чекор напред. Нашата задача е да ја поддржиме таа одлука со реални алатки“, додаде министерот Дурмиши.
Настанот во Струга е дел од поширока теренска кампања, со која Министерството и Агенцијата за вработување ги претставуваат мерките директно пред граѓаните. Следуваат презентации во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со висока стапка на невработеност.
Економија
Франција го казни „Шеин“ со 40 милиони евра за лажни попусти

Франција го казни кинескиот онлајн-продавач на облека „Шеин“ со 40 милиони евра за заведување на клиентите со тврдења за попусти.
Од 1 октомври 2022 година до 31 август DGCCRF анализира наводно намалени цени за илјадници производи на француската веб-страница на „Шеин“.
Истрагата откри дека некои цени на платформата биле зголемени непосредно пред попустите или не ги вклучувале претходните попусти, објави регулаторот. Цените на повеќе од половина од анализираните производи, 57 проценти, воопшто не биле намалени, откри DGCCRF, а речиси една петтина од попустите биле помали од рекламираните.
Во 11 проценти од случаите цената била уште повисока, објави DGCCRF. „Шеин“ исто така не успеа да достави докази на својата веб-страница за да ги поткрепи своите тврдења за еколошки свесно работење, како што е намалувањето на емисиите на стакленички гасови за 25 проценти.
(Фото: ЕПА)
Економија
(Видео) Николовски: Власта удри по земјоделците, крати 478 милиони денари во ребалансот

Власта предлага антинароден и расипнички ребаланс на буџетот, со кој се кратат 478 милиони денари од поддршката за земјоделците. Во најголемиот буџет власта нема пари за земјоделците, нема пари за поголеми субвенции, но затоа има повеќе пари, 30 милиони евра за владиниот луксуз, обвини пратеникот од СДСМ, Љупчо Николовски.
Тој додаде дека во време кога земјоделците се соочуваат со драстично зголемени трошоци за нафта, ѓубрива, механизација и работна рака, власта им го завртува грбот. Наместо поддршка, рече Николовски, добиваат игнорирање.
„Спротивно на оваа антинародна политика, СДСМ останува цврсто на страната на земјоделците. Пратеничката група на СДСМ поднесува амандмани со кој бара да се врати предвидената сума за субвенции и дополнително бара конкретни мерки за реална поддршка на земјоделското производство“, рече тој.
Николовски додаде дека СДСМ предлага враќање на поддршката од 12.000 денари по грло говедо за сточарите; зголемување на поддршката за оризова арпа за реколта 2024; интервентна субвенција од 8 денари по килограм сончоглед; поддршка од 5 денари по килограм за предадена пченица; мерка од 3 денари за продадена пченка во откупни капацитети; враќање на мерката од 1.000 денари за предадено јагне и итна распределба на картичките за зелена нафта за 50.000 земјоделци.
Николовски кажа дека СДСМ и во време на ковид пандемија и војна во Украина не кратела од земјоделците туку напротив, интервенирала со дополнителни субвенции, закони и програми.
„Апелираме до Владата: наместо да уриваат што е создадено, продолжете ги добрите практики кои функционираа. Не ги оставате земјоделците сами, не им кратете од она што им припаѓа! Земјоделството не смее да биде жртва на вашата расипничка политика“, рече Николовски.