Македонија
Поранешните амбасадори препорачуваат поактивен пристап на македонската дипломатија
И покрај отежнатите околности за евроинтеграцискиот процес на Македонија и промената на внатрешната политика на Европската Унија кон приемот на нови членки, македонската дипломатија мора и натаму да биде активна во давањето иницијативи, подобрувањето на билатералните односи и позицијата на Македонија во меѓународни рамки, беше еден од заклучоците кои произлегоа од вчерашната кафе-дебата, која во организација на Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) се одржа во кафето Тренд во Скопје.
На дебатата учествуваа поранешните амбасадори на земјава: професор Димитар Мирчев, Мухамед Халили, Ристо Никовски, како и директорот на МЦМС, Александар Кржаловски и претседателката на ЕДРМ, професорката Милева Ѓуровска.
Дискутирајќи на темата Евроинтеграциските процеси на Република Македонија од гледиштето на дипломатијата, дипломатите се сложија дека има позитивен исчекор во развојот на македонската дипломатија. Според професор Мирчев, веќе имаме 107 дипломатски претставништва, што е нормално за помали земји, но дека е потребно и натаму да се работи на развивањето на нејзината мрежа, нејзината активност и транспарентност.
Во поглед на спорот со името со Република Грција, кој го блокира процесот на проближување на Македонија кон евроатланските структури, Мирчев нагласи дека е важно Европската унија да не му пристапува на овој спор како на билатерален, помеѓу Македонија и Грција, туку да се нафати да го решава во рамките на заедничката надворешна и безбедноста политика на Европската унија, за што веќе има слични предлози.
Халили истакна дека е потребно да градиме подобри поединечни односи со земјите членки бидејќи „политиката се креира во престолнините, а се финализира во Брисел“. „Ние треба да работиме на тоа Македонија повеќе да биде присутна во ЕУ одошто ЕУ да биде присутна во Македонија, бидејќи обично ангажманот на ЕУ кај нас е првенствено во заживувањето на политичкиот дијалот во државата“, истакна Халили.
Професорката Ѓуровска нагласи дека Европската унија очекува најнапред да се реализира регионалната интеграција на овие простори, пред да се случи европска интеграција, но амбасадорот Никовски пак потсети дека расте евроскептицизмот и во и надвор од границите на ЕУ, вклучувајќи ја тука и Република Македонија, на што укажа и
Александар Кржаловски, кој потсети дека сегашниот процент на поддршка на македонските граѓани за влез во Европската унија е помал од порано и изнесува околу 66 проценти, што сеуштене е мала поддршка.
„Но, не требаме да имаме дилеми дека и Европската унија и еврото ќе преживеат, без оглед на потешкотиите со кои можеби унијата наскоро ќе се соочи, бидејќи се работи за универзална вредност, која ќе биде зачувана“, рече Никовски. Тој посочи и дека Европа стана поле на кое се одвива руско-американската конфронтација, во светлото на украинската криза и дека новата Студена војна веќе е започната и дека таа може да потрае и 10-15 години./крај/со
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка, утре со врнежи од дожд и снег претпладне , попладне облачноста ќе се намалува
Висината на снежна покривка во 16 часот на Попова Шапка изнесува 34 сантиметри, 17 сантиметри се измерени во Маврови Анови, 12 во Битола, 7 во Ѓуриште, 5 во Тетово, Крушево (во 13ч), 3 сантиметри во Претор, 2 во Штип, Демир Капија, 1 во Крива Паланка, Прилеп, Виница.
До крајот на денот ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег.
Утре се очекува променливо облачно време со сончеви периоди. Претпладне ќе има локални врнежи од дожд и снег, а на повисоките места и на планините од снег. Попладне облачноста ќе се намалува. Ќе дува слаб јужен ветер.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 0, а максималната ќе достигне од 2 до 7 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 4 степени.
До сабота времето ќе биде променливо облачно со пораст на дневната температура. По одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Пообилни врнежи ќе има во недела во попладневните и ноќните часови, кога на повисоките места ќе преминуваат во снег.
Македонија
Стаменкоска-Трајкоска: Најсилната општина е онаа што ги слуша своите граѓани
Денес во oпштина Кисела Вода се одржа работен состанок меѓу градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска и референтите и претседателите на месните и урбаните заедници од општината, со цел директно согледување на потребите, проблемите и барањата на граѓаните.
Градоначалничката се информираше од прва рака за состојбите на терен, преку луѓето кои се првиот и најблискиот контакт на граѓаните со локалната самоуправа. Месните и урбаните заедници претставуваат прва адреса каде што жителите ги изнесуваат своите проблеми, без потреба да доаѓаат во општинската зграда, туку најблиску до своето место на живеење. Токму таму најчесто се евидентираат секојдневните предизвици, инфраструктурните потреби и конкретните барања, кои потоа се пренесуваат до раководството на општината.
Во општина Кисела Вода функционираат вкупно 15 месни и урбани заедници, што овозможува поефикасно работење на општината и побрза, подостапна услуга за граѓаните. Ваквиот модел на децентрализирана комуникација значително придонесува за подобро функционирање на локалната самоуправа и навремено решавање на проблемите, истакнуваат од таму.
На состанокот, на кој присуствуваа и раководителите од Секторот за месна самоуправа од општината, беше потенцирана важноста од континуирана и интензивна соработка, при што беше договорено навремено да се интервенира за сите прашања што се во надлежност на општината, но и координирано да се постапува во оние случаи каде што решавањето на проблемите зависи од Град Скопје или од централната власт.
-Претставниците од месните заедници се нашите очи и уши на терен. Преку нив имаме директен увид во реалните потреби на граѓаните и можеме побрзо и поефикасно да реагираме. Нашата цел е силна, отворена и двонасочна комуникација, затоа што само така можеме да градиме општина што навистина им служи на своите жители. Денешниот состанок е потврда дека заеднички, со уште поголема соработка, можеме да ги решаваме проблемите, и локалните, и оние што бараат поширока институционална координација- изјави Стаменкоска-Трајкоска.
Македонија
Амбасадорот на Турција кај градоначалникот Лимани: „Сигнал за зајакнување на соработката со Гостивар“
Градоначалникот на Општина Гостивар, Валбон Лимани, денес оствари официјална средба со амбасадорот на Република Турција, Фатих Улусој, во рамки на неговата прва посета по преземањето на мандатот од страна на градоначалникот Лимани.
За време на средбата, градоначалникот Лимани ја изрази својата благодарност за посетата на амбасадорот Улусој, оценувајќи ја како доказ за блиските и пријателски односи што Општина Гостивар ги негува со Република Турција. Тој истакна дека оваа посета претставува важна основа за продлабочување на меѓусебната соработка во различни области од заеднички интерес, вклучувајќи ја културата, спортот, образованието, како и економската размена и поттикнувањето идеи за одржлив локален развој.
Од своја страна, амбасадорот Улусој му честиташе на градоначалникот Лимани за победата и преземањето на функцијата, нагласувајќи дека Турција и Гостивар споделуваат заеднички вредности, историја и интереси, кои треба да се искористат како потенцијал за интензивирање на соработката во иднина.
Во рамки на посетата, градоначалникот Лимани и амбасадорот Улусој остварија и заедничка посета на основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар, образовна институција во која наставата ја следи значителен број ученици од турската заедница. Посетата беше оценета како важен сигнал за посветеноста кон образованието и зачувувањето на културната разновидност во општината.

