Надворешна политика
Нимиц: Бегалската криза прави притисок за решавање на спорот со името
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/nimic20sam-1.jpg)
Медијаторот во преговорите помеѓу Македонија и Грција за спорот со името, Метју Нимиц смета дека по изборите во јуни повторно ќе се создадат услови за решавање на тој проблем, додавајќи дека „бегалската криза го прави уште позначаен моментот за решавање на овој проблем и дека доколку тој беше решен, двете земји сега ќе беа партнери во ЕУ и НАТО и многу полесно ќе го надминеа проблемот со бегалците“.
Во интервју за грчките медиуми, Нимиц додал дека се чувствува разочаран бидејќи еден голем период имало „празнина“, која не дозволувала да биде посветено доволно внимание на напорите за решавање на овој проблем.
„Сепак во последно време тоа беше надминато, контактите меѓу претставниците од двете страни се обновени и пронајден е вистинскиот тон за да биде рестартиран преговарачкиот процес“, истакнал посредникот, додавајќи дека сепак, повремено двете страни давале многу груби изјави.
„Разочарувачки е тоа што имаше период на остри изјави, но мислам дека вистинскиот тест за сериозни преговори ќе биде кога двете страни ќе седнат на маса и ќе се соочат едни со други во обид да изнајдат решение. Само на тој начин може да се постигне некаков напредок“, потенцирал Нимиц.
Во однос на тоа кога преговорите повторно ќе се обноват, Нимиц рекол дека во моментов во Македонија има привремена Влада со мандат да организира избори на почетокот на јуни и изрази убедување дека ќе биде организиран неоспорен и фер избирачки процес, по што ќе биде формирана нова влада и дури потоа ќе се следат сериозни напори за решавање на овој проблем./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Македонија
Муцунски во прва работна посета на Брисел на средби со генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2017/02/mucunski-viena.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од Луксембург продолжува во прва работна посета на Брисел, во чии рамки ќе се сретне со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, како и високи претставници на Европската Унија.
Во фокусот на разговорите ќе бидат евроинтегративниот процес на државата, реформските процеси, како и активностите во рамките на НАТО, со посебен фокус на претстојниот аамит на алијансата, што ќе се одржи идниот месец во Вашингтон.
Посетата на Муцунски на Брисел на почетокот на мандатот како министер за надворешни работи и надворешна трговија е показател за цврстата определба на земјата за што побрзо членство во Европската Унија и посветениот придонес кон глобалниот мир и регионалната стабилност како кредибилна земја членка на НАТО.
Македонија
Муцунски се сретна со Вархељ: Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/06/mucunski-varheji.jpg)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархељ, во Луксембург.
Во фокусот на разговорите беа приоритетите и активностите на новата Влада, како и актуелностите поврзани со европското досие на земјата.
„Новата Влада е силно посветена на реформската агенда и европските интеграции, а во периодот што следува ќе преземеме низа активности во насока на забрзување на нашиот евроинтегративен процес. Политиката на проширување на ЕУ е најдобрата алатка за поттикнување на реформските и демократските процеси, но истовремено е и клучна геостратешка инвестиција во мир, стабилност и економски развој на земјите од регионот, но и Европа како целина“, нагласи Муцунски.
Соговорниците разменија мислења и за планот за раст на ЕУ оценувајќи го како силна поддршка од страна на ЕУ за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан, поттикнување на регионалната соработка, но и доближување на земјите од регионот поблиску до ЕУ и пред формалното членство.
Македонија
Средба на претседателите на Собранијата на Македонија и Украина, Митрески и Стефанчук
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/02/Ukraina-1.jpg)
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Јован Митрески, во рамките на посетата на Киев по повод втората годишнина од почетокот на руската воена агресија врз Украина, оствари средба со претседателот на Врховната рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Претседателот Митрески изрази благодарност за поканата и нагласи дека посетата претставува потврда на цврстата и непоколеблива поддршка на Република Северна Македонија за Украина, на сите полиња. Тој нагласи дека уште од самиот почеток силно ја осудуваме руската агресија против Украина, континуирано ја потврдуваме нашата поддршка за украинскиот територијален интегритет, суверенитет и целовитост и изразуваме целосна поддршка на правото на самоодбрана на земјата.
Претседателот на Собранието истакна дека Северна Македонија целосно се приклучи на сите рестриктивни мерки и санкции на ЕУ кон Руската Федерација, ко-спонзорираше бројни резолуции и иницијативи во однос на Украина, а упати и воена и хуманитарна помош за земјата.