Економија
Конкурс за добивање на награда за најдобри општествено одговорни практики
Објавен е шестиот по ред конкурс за претпријатијата регистрирани во Република Македонија за добивање на награда за најдобри општествено одговорни практики.
Новитет годинава е што Националната награда за првпат станува дел од иницијативата поддржана од Европската комисија – „Европски систем на наградување на општествена одговорност на претпријатијата“, чија цел е да промовира позитивни практики на општествено одговорно делување и притоа да инспирира за воведување и понатамошно унапредување на општествена одговорност кај претпријатијата во Македонија.
„За првпат оваа година Република Македонија се приклучува на иницијативата наречена Европска шема за наградување на претпријатијата, поддржана од Европската Комисија и две организации: CSR Europe од Брисел и Business in the Community од Велика Британија. Главната цел на Европската шема за ООП е да ги награди најдобрите ООП проекти од 29 земји, по две за секоја земја, и тоа едно големо и едно мало или средно претпријатие, со нагласено партнерство на бизнисите со јавниот или граѓанскиот сектор“, информираше министерот за економија Ваљон Сараќини.
Тој додаде дека годинава компаниите треба порано да ги изготват своите проекти и да аплицираат, а церемонијата за доделување на Наградите во Македонија е предвидено да се одржи на 18 април 2013 година.
„Најдобрите практиките на нашите претпријатија во оваа област ќе бидат промовирани во Брисел, пред широката европска јавност и ќе добијат Сертификат потпишан од висок претставник на ЕК“, истакна Сараќини.
Евроамбасадорот Аиво Орав, кој присуствуваше на објавувањето на конкурсот, рече дека годинава се обезбедени 652.000 eвра преку програмата за Иновации и претприемништво, во рамките на Рамковната програма за конкурентност и иновации (ЦИП) за кофинансирање на Европската шема.
Пријавените претпријатија, додаде амбасадорот, ќе можат да добијат признание како предводници во општествената одговорност на претпријатијата, да ја зголемат својата репутацијата и кредибилитетот на национално и европско ниво, да ја прикажат својата иновативност и заложбите за постигнување на одржливост, да учествуваат во размена на најдобри практики и да добијат сугестии за унапредување на своите општествено одговорни практики од стручни комисии, да ги одбележат успешните партнерства со непрофитни субјекти.
Претседателот на Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата Александар Николовски информираше дека Националната награда се доделува во пет категории: oдноси со вработените, eтичко управување, односи на пазарот, заштита на животната средина и вложување во заедницата и дека едно претпријатие може да аплицира само со еден проект во една категорија, а истовремено може да учествува со повеќе проекти, доколку се во различни категории.
„Претпријатијата ќе може да ги доставуваат своите пријави за учество од 18 јануари до 11 март 2013 година, преку пополнување на формулар што е објавен на веб страната на Министерството за економија и на веб страната на Координативното тело за ООП“, објасни Николовски, потсетувајќи дека во изминатите пет години македонските претпријатија пријавија речиси 300 добри практики, со кои ја демонстрираа својата одговорност кон животната средина и кон заедницата. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

