Економија
Советот на странски инвеститори претстаи нова мисија, визија и начин на работа

Новото раководство на Советот за странски инвеститори што беше избрано во април годинава, во понеделникот ја претстави новата визија и новиот начин на работа на ова тело.
Претседателството составено од претседателот Даниел Сас (Главен извршен директор на Македонски Телеком) и потпретседателите Вернер Хенгст, претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија и Џатин Такрар, генерален директор на „Џонсон Мети“, ги презентираа плановите за работа за наредниот период. Советот на странски инвеститори го претстави своето ново лого, брошура и веб страницата www.fic.mk, каде може да се најдат сите информации за работата на Советот. Формирани се шест работни групи, од претставници на членовите на Советот, кои ќе работат на следните области: Имотнa регулатива, Даночна структура и финансиски надоместоци, Човечки ресурси, Административни и правни постапки, Финансиска рамка, како и Општи односи и Директни странски инвестиции (ДСИ) Според Советот ова се областите на кои најмногу ќе се обрне внимание во наредниот период и наскоро се очекуваат конкретни резултати на овие теми. Советот ги промовираше и новите канцеларии кои ќе бидат во склоп на Стопанската комора, каде ќе има постојано вработени кои ќе придонесат за поголема ефикасност. Друг крупен проект кој се планира да се заврши во 2013 година е изработката на „Бела книга“ – годишна публикација за информирање на инвеститорите и јавноста за инвестициската клима и надминување на предизвиците со кои се соочуваат странските инвеститори во земјата. Целта на оваа публикација е да ги подобри условите за странските инвеститори и на тој начин да привлече што повеќе инвестиции. Советот на странски инвеститори ќе креира нов бран на позитивна атмосфера во дијалогот со креаторите на политиката што се смета за суштина на успешното подобрување на инвестициската клима и истовремено ќе ја стимулира македонската економија“ – изјави Даниел СасСоветот на странски инвеститори е консултативно тело на Стопанската комора на Македонија со повеќе од 100 членки, што претставува големо мнозинство од најголемите странски инвеститори во земјата. Неговата мисија е да работи на заедничките интереси на членките на Советот со цел да придонесе кон подобрувањето на деловната клима. /крај/со/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Муцунски: Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд-инвестиции

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, Гоце Димоски, денеска одржаа тематска прес-конференција, на која говореа за последниот извештај на „Фајненшл Тајмс“ – fDi Intelligence, според кој Северна Македонија е рангирана меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП.
„Денес споделуваме резултати што се видливи и недвосмислени. Според најновиот извештај на ‘Фајненшл Тајмс’ – fDi Intelligence, нашата земја е меѓу првите во Европа и шеста во светот по обем на гринфилд инвестиции во однос на БДП. Докажуваме дека сме мала земја која умее да постигне големи резултати“, истакна министерот Муцунски.
Тој појасни дека гринфилд инвестициите значат нови фабрики, капацитети и нови работни места, додавајќи дека овој индекс покажува оти државата привлекува повеќе нов капитал отколку што би се очекувало за нејзината економска тежина – дека остварените резултати во делот на странските инвестиции се над нашата категорија.
„Тоа е порака до инвеститорите и граѓаните: тука вреди да се инвестира, да се гради, да се остане. Тоа е јасен сигнал дека енергетската транзиција и индустрискиот раст се во фаза на реализација – не само план или парола. И да бидеме јасни: ова признание не е случајно. Градиме предвидливост. Ние сме кредибилна членка на НАТО. Се поврзуваме со европските коридори. Испраќаме порака дека нашата држава е сигурен и достоинствен партнер“, додаде министерот Муцунски.
На прес-конференцијата тој истакна и дека граѓаните очекуваат чесна држава и јасни правила, подобро платени работни места и пониски трошоци. Во таа насока, нагласи дека целта не е постигната и дека Владата го забрзува чекорот:
„Денес не велиме ‘целта е постигната’. Денес го забрзуваме чекорот. Поедноставуваме постапки, кратиме рокови, ги поврзуваме домашните компании со странските инвеститори, вложуваме во вештини за младите. И, најважно – создаваме систем во кој никој не е над законот, затоа што довербата е нашата најсилна валута за раст“, заклучи министерот.
Директорот Димоски, пред медиумите, истакна дека денешниот успех претставува признание за стратегијата, пристапот и политиките што ги спроведува Владата во областа на привлекувањето странски директни инвестиции, каде клучни приоритети се економскиот раст, креирањето нови работни места и привлекувањето инвестиции со висока додадена вредност за македонската економија.
„После само една година посветена и напорна работа, сведоци сме дека, според последниот извештај кој веќе десет години го подготвува ‘fDi Intelligence’, специјален истражувачки оддел на ‘Фајненшл Тајмс’, Македонија е рангирана на шестото место во светот во привлекувањето на странски инвестиции во однос на бруто домашниот производ“, истакна Димоски.
Тој потенцираше дека крајната цел е структурна промена во начинот на привлекување инвестиции – со фокус на квалитет и додадена вредност, наспроти квантитет и обем на проекти – што е суштинската разлика која ја издвојува нашата земја од многу други економии во минатото, но и моментално во регионот.
Економија
Мицкоски: Македонија е шеста држава во привлекување странски инвестиции по БДП

Ќе бидам прецизен за да не бидам погрешно разбран, зборувавме дека сме четврта економија во Европа. За жал се уште постојат такви кои на брутален начин лешинарски се обидуваат да дефокусираат, многу јасно и прецизно рековме тогаш дека станува збор за четврти најголем раст на БДП во Европа. Така и ова ние сме шеста држава по бројот, обемот и волуменот на странски инвестиции во светот според БДП, значи да бидеме прецизни, да не оставиме на овој тип на луѓе да го дефокусираат и ова, вели премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски додаде дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година.
„И исто така треба да кажеме дека Обединетите Нации секторот туризам објавуваше дека сме шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено истиот период минатата година. Тоа се параметри кои се добри и значајни. Дали тоа ќе се почувствува кај стандардот кај граѓаните, јас сум убеден дека тоа се случува, можеби доаѓа споро, но во периодот кој што следи ќе биде уште по изразено. Имајќи предвид дека без да имаме интервенционизам, популизам и без да имаме начин на кој што порано се зголемуваше просечната плата, ние го имаме истиот раст од 11, 12 и 13 проценти, што значи дека стандардот полека но сигурно доаѓа на свое место“, истакна тој.
„Примарна наша цел беше да се консолидираме како држава, ценам дека сме во таа состојба на консолидирање и сега е времето да се почне со раст, односно да се почувствува сето она за кое што денеска зборуваме. Затоа велам ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 проценти на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7 проценти. Каква беше состојбата пред година ипол, две: Тогаш имавме просечна инфлација од 15,18, 20 проценти, и раст на платите кое што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, посочи премиерот Мицкоски.
Економија
Советот на Народната банка донесе одлуки за унапредување на заштитата на потрошувачите на финансиски услуги

На својата последна седница, Советот на Народната банка усвои четири значајни одлуки насочени кон зајакнување на системот за заштита на потрошувачите, коишто треба да обезбедат поголема транспарентност, фер практики и ефикасно постапување по поплаките на граѓаните од страна на банките и штедилниците, како и соодветни контролни механизми од страна на Народната банка во оваа област.
Со Одлуката за обезбедување јасни, релевантни и навремени информации за производите и услугите, којашто беше усвоена од Советот, се воведува задолжителна обврска за банките да обезбедуваат точни, разбирливи и навремени информации на потрошувачите, особено пред склучувањето договори за кредити и депозити. Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги, извести Народната банка.
Со усвоената Одлука за обезбедување фер и транспарентен пристап при склучување и примена на договорите со потрошувачите се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики. Воедно, се дефинираат основните можни ризиците кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор, а банките се задолжуваат да донесат интерни акти со кои ќе обезбедат фер практика и недискриминација, вклучително и во однос на потрошувачите со попреченост.
Одлуката за воспоставување систем за прием, евиденција и правично постапување со поплаките на потрошувачите го уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците.
Одлуката за начинот на вршење контрола над работењето на финансиските институции во доменот на заштитата на потрошувачите ги пропишува основните видови на контроли во доменот на заштита на потрошувачите. Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување“ по примерот на напредните европски практики.
Со овие четири одлуки, Народната банка поставува правила и механизми за подобра заштита на правата и интересите на потрошувачите, придонесувајќи кон потранспарентна и пофер средина за користење на финансиските услуги, како и поголема финансиска инклузија, се додава во соопштението на Народната банка.