Економија
Истекува рокот за регистрирање на операторите со храна

Преодниот рок од две години, во кој согласно Законот за безбедност на храната, операторите со храна треба да се регистрираат во Агенцијата за храна и ветеринарство, истекува на 31 декември, потсетуваат од Агенцијата.
Од таму додаваат дека обврската важи и за операторите со храна кои претходно биле евидентирани во поранешната Дирекција за храна.
„Регистрацијата ќе значи потврда дека тие го усогласиле своето работење со одредбите од овој Закон, кој налага во промет да се стави храна која е подготвена или се продава исклучиво во објекти кои се одобрени и регистрирани од Агенцијата за храна и ветеринарство и каде инспекциските служби вршат редовни контроли во сите фази на производството, преработката и дистрибуцијата на храна“, се вели во соопштението.
Казните за непочитување на обврската за регистрација на операторите согласно Законот за безбедност на храната изнесуваат 500 евра во денарска противврденост за физичките лица и 2.000 евра за компаниите.
Казна од 5.000 евра Законот предвидува за правните лица кои ставаат во промет храна која е подготвена во објекти кои не ги исполнуваат хигиенските услови и кои не се регистрирани како оператори со храна во Агенцијата. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Инжинерите повикаа да престане фактурирањето врз основа на измислена потрошувачка за струја: „Регулаторна ја штити ЕВН“

Здружението Инжинери на Македонија повторно се огласи по претставката што ја поднесе на 29 мај, кога во сила стапи новиот Закон за енергетика.
Од тука велат дека добиле одговор од Регулаторната комисија за енергетика кој е типичен пример на институционална покорност пред енергетскиот оператор ЕВН и очигледен доказ за нефункционирање на регулаторниот систем во заштита на јавниот интерес.
„Во нашата претставка баравме итно укинување на член 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија, затоа што е во директна спротивност со член 185 од новиот Закон за енергетика. Дополнително побаравме итен вонреден надзор над ЕВН. Баравме РКЕ да упати јавен повик до граѓаните да пријавуваат незаконски издадени фактури. Баравме да се повика ЕВН на одговорност за континуираното прекршување на законските и договорните обврски“, велат инжинерите.
Суштината на нивната претставка беше да истакнат дека мерењето на потрошената енергија е технички процес што го изведува мерниот уред, а отчитувањето е акција на операторот за прибирање на тие податоци. Се потенцира дека без отчитување, не постои правна основа за реална фактура. Сѐ што се фактурира без реален податок од мерниот уред, освен ако уредот е технички расипан, е спротивно на Законот за енергетика, Законот за заштита на потрошувачите, Законот за облигациони односи и самиот Устав.
„Во одговорот што го добивме наместо Регулаторната комисија да ја суспендира примената на членот 31, кој дозволува паушално фактурирање дури и кога има валиден измерен податок, таа тврди дека тој член останува во сила сè додека не се донесат нови подзаконски акти, иако истиот е очигледно спротивен на член 185 од Законот. Со тоа, РКЕ свесно го крши уставното начело според кое секој пропис мора да биде во согласност со закон. Подзаконски акт кој е спротивен на закон автоматски ја губи правната сила. Уште пострашно е што Комисијата во својот обид да го оправда системот, се повикува на обврски на МЕПСО (операторот на преносниот систем) иако темата на претставката се однесува на мерење и фактурирање кај домаќинства, што е исклучива надлежност на ЕВН Електродистрибуција и ЕВН Хоум, универзалниот снабдувач. Ова или укажува на неспособност за разбирање на правната и техничката структура на енергетскиот систем, или на намерно заматување на одговорноста, а патем еден член на Регулаторната комисија за енергетика е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката“, велат од Здружението додавајќи дка регулаторот дури отворено признава дека се обратил до Министерството за енергетика за „мислење“, како да е некаков пасивен извршител без самостојна надлежност.
Потсетуваат дека Регулаторната комисија, според член 46 од Законот е независно тело кое има целосна обврска да постапува по закон. Толкување на закони може да даде исклучиво Собранието. До тогаш, законот се применува таков каков што е. Барање мислење, според нив, не е основ за продолжена примена на незаконска пракса.
Оценката е дека со ваквото однесување, РКЕ ја погазува својата основна функција. Наместо да врши надзор над пазарот, како што ѝ е наложено со член 55 од Законот, таа активно го толерира кршењето на правата на потрошувачите, ја штити компанијата што има доминантна позиција на пазарот и дозволува нејзината волја да биде над законот.
Бараат веднаш да се суспендира примената на членот 31, да се покрене вонреден надзор над ЕВН и да престане практиката на фактурирање врз основа на измислена, непроверлива потрошувачка. Најавија и други граѓански мерки за да се спроведе законот.
Економија
Дурмиши за владините мерки за вработување: Досега аплицираа 4.500 невработени лица, интересот е голем

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна посета во Општина Чаир, каде заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Селајдин Белули, одржа средба со граѓани, локални бизнисмени и претставници на јавните институции.
Централна тема на средбата, како што информираа од Министерството, беше презентацијата на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за 2025 година, со кој Владата вложува рекордни 40 милиони евра во поддршка на вработувањето и самовработувањето.
„Ова не е само план на хартија – ова е реална можност за над 10.000 лица да добијат пристојно работно место, поддршка за сопствен бизнис или обука на терен. Според последните информации со кои располагам поднесени над 4.500 апликации, што покажува голема доверба во мерките и подготвеност на граѓаните да преземат иницијатива“, изјави министерот Дурмиши.
Посебен акцент беше ставен на Мерка 3.1 – Обука кај познат работодавач, една од најдиректните форми на подготовка за вработување. Преку оваа мерка: работодавачите добиваат можност да обучат идни вработени според свои потреби, невработените лица стекнуваат конкретни практични вештини во реална работна средина, се создава можност за долгорочно вработување по завршување на обуката.
„Мерка 3.1 е мост меѓу невработените и работодавачите. Таа нуди обострана корист – компаниите добиваат обучен кадар, а граѓаните добиваат шанса за стабилна работа, рече Дурмиши.
Со Оперативниот план министерот потсети дека се активни и мерките за самовработување каде е особено голем интересот кај младите до 29 години за што се пристигнати повеќе од 3.000 апликации – мерка 1.1: До 7.000 евра за бизнис за лица над 29 години, мерка 1.2: До 10.000 евра за млади до 29 години со иновативни идеи, мерка 1А: До 20.000 евра за заеднички бизниси на најмалку две лица.
„Преку теренските презентации, Министерството за економија и труд, заедно со Агенцијата за вработување имаат за цел директно да ги информираат граѓаните и да ги поттикнат да аплицираат. По Чаир, каде што интересот беше особено голем, следуваат посети во Гостивар, Кичево, Сарај, Липково и други општини со повисока стапка на невработеност“, велат од Министерството.
Економија
Групацијата 4iG именува извршен директор и заменик-извршен директор на OНЕ Македонија

4iG, водечка телекомуникациска и ИТ-групација во Централна и Источна Европа, именува двајца високи извршни директори да ја водат гринфилд инвестицијата во Северна Македонија, OНE Mакедонија Телекомуникации ДООЕЛ. Овој потег претставува важен чекор во подготовката на Групацијата да учествува на националниот тендер за фреквенции и да воведе трет мобилен оператор со целосна услуга на македонскиот пазар.
Брано Ѓуровиќ е назначен за главен извршен директор на OНЕ Македонија. Ѓуровиќ е искусен извршен директор со повеќе од две децении богато искуство во телекомуникацискиот и технолошкиот сектор низ целиот Западен Балкан и пошироко. Како поранешен извршен директор на OНЕ Албанија, тој успешно ја водел трансформацијата на бизнисот по преземањето, обезбедувајќи подобри перформанси, проширена покриеност и дигитално интегрирано корисничко искуство. Претходно, тој бил комерцијален директор во ОНЕ Црна Гора, а пред тоа работел во Ericsson, Microsoft и други регионални даватели на услуги, каде што бил одговорен за стратегиите за дигитализација, B2B менаџмент на регионално ниво и национални инфраструктурни проекти.
„Северна Македонија претставува стратешки важен нов пазар за групацијата 4iG. Растечката побарувачка во земјата, квалификуваната работна сила и дигиталните амбиции се добро усогласени со нашите долгорочни цели. На пазарот не влегуваме со слогани, туку со докажан оперативен модел и силна посветеност на квалитетна услуга. Нашата цел е да направиме модерни, безбедни и инклузивни телекомуникациски услуги достапни за сите, обезбедувајќи конкретни придобивки за секој граѓанин“ – изјави Брано Ѓуровиќ, извршен директор на OНЕ Mакедонија.
Габор Алтман е именуван за заменик-извршен директор на OНЕ Mакедонија. Алтман има повеќе од 25 години искуство во раководење на телекомуникациски компании, развој на инфраструктура и дигитални иновации. Тој имал извршни позиции во неколку големи телекомуникациски компании и системски интегратори, каде што раководел со програми за трансформација, проекти за подготовка за 5G и модернизација на корисничките услуги. Алтман е познат по изградбата на ефикасни организациски структури и проширувањето на гринфилд инвестициите со дисциплиниран и брз пристап, што го прави идеален избор за динамичниот пазар во Северна Македонија. Тој повторно се враќа на македонскиот пазар, носејќи претходно искуство од неговата работа во Македонски Телеком во Скопје, каде што од 2008 до 2012 година извршувал повеќе високи комерцијални позиции.
„Ова е ретка можност, да се дизајнира телекомуникациска компанија од следната генерација од самиот почеток, со целосен локален фокус и стратешка поддршка. Со поддршка од Групацијата 4iG и со почит кон македонскиот пазар и институциите, подготвени сме да започнеме со градење од првиот ден. Исто така, ми претставува особено задоволство што се враќам во Скопје, каде што имав можност да работам пред повеќе од десет години, искуство кое продолжува да ја обликува мојата професионална перспектива“, изјави Габор Алтман, заменик-извршен директор.
Групацијата 4iG веќе има основано локално правно лице и се подготвува да учествува на тендерската постапка за фреквенции, распишана од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). Нивното влегување на пазарот во Северна Македонија не претставува само комерцијална експанзија, туку и долгорочна стратешка инвестиција во дигиталната иднина на земјата.
Работејќи под брендот OНЕ во Албанија и Црна Гора, Групацијата 4iG опслужува над 2,2 милиони индивидуални и 400 000 деловни корисници и активно гради безбедни мрежи со високи перформанси низ целиот Западен Балкан. Со богато искуство во воведување инфраструктура подготвена за 5G и усогласена со ЕУ, компанијата има уникатна позиција да ги поддржи целите на Северна Македонија за поголема конкуренција, инклузија и дигитални иновации.
За 4iG:
4iG Nyrt., со седиште во Будимпешта и во мнозинска сопственост на унгарски акционери, е една од водечките телекомуникациски и инфо-комуникациски корпорации во Унгарија и регионот на Западен Балкан. Како компанија котирана на берзата во Будимпешта, 4iG е препознатлива по свежиот и иновативен пристап. Како водечки унгарски телекомуникациски и ИТ систем интегратор, 4iG е клучен играч во дигиталната трансформација во регионот.
Како сопственик на ОНЕ Црна Гора и ОНЕ Албанија, групацијата 4iG опслужува скоро 2,2 милиони резиденцијални и 400 000 деловни корисници низ целиот Западен Балкан и е лидер на пазарот во телекомуникациските и инфо-комуникациските услуги во регионот. Како членка на O-RAN Alliance, групацијата е посветена на градење мрежи користејќи технологија од веродостојни и сигурни извори во рамките на иницијативата „Чиста мрежа“.
Со повеќе од 8000 високо квалификувани професионалци, 4iG обезбедува телекомуникациски и инфо-комуникациски услуги од највисок ранг, прилагодени на постојано променливите барања на пазарите на кои работи. Динамичната стратегија за проширување на Групацијата ја зацврсти нејзината позиција како значаен играч во телекомуникацискиот сектор и во Унгарија и на Западен Балкан.
ПР