Економија
МФ: Писмото од СДСМ до Светска банка е преседан
Со изнесените клевети пред Светска банка(СБ), СДСМ не и нанесува штета само на Владата, туку и на Република Македонија и на Светска банка.
Ова се вели во реакцијата на Министерството за финансии(МФ), на писмото што опозициската СДСМ го испрати до СБ, во кое изразува загриженост за тоа како ќе се трошат парите од најновиот кредит што СБ ќе и го исплати на Македонија.
„Со заемот во висина од 50 милиони долари, ќе се финансираат повеќе клучни реформски активности поделени во четири области: развој на производството со висока додадена вредност, олеснување на преструктуирањето на земјоделскиот сектор, подобрување на ефикасноста на трговската логистика и воспоставување на флексибилност на пазарот на труд преку развој на вештини и иновации. Реализацијата на овие мерки ќе придонесе за развој на приватниот сектор, и за подобрување, на конкурентноста на македонската економија“, појаснуваат до Министерството за финансии.
Според нив, нелогично е како во СДСМ воопшто се сомневаат во одлуката која Светска банка ја донесе на 29 ноември годинава.
„Бордот на директори кои ги претставуваат повеќе од 190 земји членки, едногласно и додели на Република Македонија заем од 50 милиони долари кои се показател за довербата на Светска банка во Република Македонија и квалитетот на економските политики. Во исклучително тешки услови во светот заемот и е доделен на Република Македонија под најдобри можни услови: каматна стапка шестмесечен Еурибор, кој во моментот изнесува 0,61 проценти, со рок на отплата од 18 години и вклучен грејс период од пет години“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека никогаш претходно ниедна опозициона партија во Република Македонија, а ни во Европа не реагирала на ваков начин.
„Поднесувањето на 159 амандмани и пишувањето на срамни писма до Светска банка е преседан во работењето на Светска банка со Република Македонија во овие дваесет години“, се вели во реакцијата од Министерството за финансии. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор помеѓу Македонија и Србија: ќе се испитува можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас
Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија склучи Меморандум за соработка во полето на гасниот сектор со Министерството за рударство и енергетика на Република Србија, во просториите на Владата.
Гасниот интерконектор Северна Македонија – Србија е означен како Водечки проект за енергетиски мрежи во рамки на ЕУСАИР (EU Strategy for the Adriatic and Ionian Region) со што ќе се обезбеди сигурност во снабдувањето за регионот на Југоисточна Европа и ЕУ по пат на имплементација на проектите од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот гасен прстен, преку диверзификација на рутите и изворите за снабдување со гас.
Со меморандумот се предвидува испитување на можноста за развој на нова директна врска меѓу двата системи за гас. Во рок од 9 месеци ќе се изработи Физибилити студија и Студија за оценка на влијание на проектот врз животната и социјалната средина за новата гасна интерконекција помеѓу државите.
Врз основа на резултатите од техничките и пазарни истражување и земајќи ја во предвид постојната инфраструктура за пренос на гас кај двете страни, Страните ќе ги анализираат и ќе превземат соодветни одлуки за реализација на проектот и координирање на понатамошни дејствија.
Економија
Зголемување на цената на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,81% во однос на одлуката од 30.9.2024 година.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,108 ден/кг и сега ќе изнесува 42,780 ден/кг.
Економија
Претседателката на ММФ: Живееме во свет на бавен економски раст и високи долгови
Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на земјите да се приспособат на бавниот економски раст и високиот долг бидејќи ова е светот во кој моментно живееме, изјави денеска претседателката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, на конференцијата за одржливост во Хамбург.
Според неа, тоа значи дека реформите што придонесуваат за раст, подобрување на инвестициската клима и напредок на пазарот на трудот треба безмилосно да се одложат.
„Меѓународниот монетарен фонд може да им помогне на своите членки да ги спроведат неопходните реформи, со што овие земји ќе имаат потенцијал да го зголемат растот на БДП во текот на четири години за осум отсто“, додаде Георгиева, пренесува „Танјуг“.
Конференцијата беше отворена со говорот на германскиот канцелар, Олаф Шолц.