Скопје
Завршена реконструкцијата на повеќе улици во Козле
Општина Карпош ја реконструираше улицата „Леринска“ во населбата Козле, во должина од 960 метри.
Проектот за реконструкција на улиците, кој вреди два милиони евра, а кој вклучува подземни инсталации, нов коловоз, тротоари, фекална и атмосферска канализација, како и поставување на ново улично осветлување претставува олеснување при движењето за жителите од овој дел на општината.
Првиот човек на локалната самоуправа, Стевчо Јакимовски, за медиумите говореше за инфраструктурата која е во полн ек во општина Карпош.
„Со асфалтирање на улицата „Леринска“, која што е во должина од 960 метри, практично го завршуваме целиот овој блок во Козле, каде што целосно се реконструирани улици токму од овој дел. Изградена е атмосферска и фекална канализација, заменети се рабници и тротоари, заменето е уличното осветлување. Целата инвестиција е околу два милиони евра, а покриени се улицата „Брадфорска“, „Пијанец“, „Крчин“, „Копачка“, „Илија Плавев“, „Стрезово“, „Ловќенска“, краците од улица „Ловќенска“, „Ловќенска 9 и 4“, односно целиот потег на улици, лево од главната улица „Козле“. Со ова, на граѓаните на Козле им се намалуваат проблемите околу фекалната и атмосферската канализација, како и нов асфалтиран коловоз, каде што ќе можат безбедно да возат, со што претставува особено задоволство за овој дел од општина Карпош“, истакна Јакимовски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Целосно се обновува паркот во Капиштец со нова урбана опрема, зеленило и ЛЕД-осветление
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека паркот во Капиштец целосно се обновува со нова урбана опрема, нови садници, ново ЛЕД осветлување, нова патека и ново зеленило кое опфаќа 7.800 метри квадратни.
„Вчера почнавме со партерно и хортикултурно уредување на паркот во Капиштец. Поставуваме ново зеленило на 7.800 метри квадратни и нови садници со цел почист и поздрав Центар. Заедно со општинските служби интензивно работиме на поставување нова урбана опрема, нови павер елементи, ЛЕД осветлување и нова патека за движење. Очекуваме проектот за обновување на паркот во Капиштец да го завршиме до крајот на оваа година. Во пресрет на новогодишните празници, жителите на населбата Капиштец добиваат нов парк за рекреакција и прошетка. Упатувам апел урбаната опрема да се чува и да не се уништува, заеднички да придонесеме кон почиста и поздрава животна средина“, вели Герасимовски.
Општина Центар продолжува и во следниот период интензивно да работи за заштита на животната средина и во интерес на Центарци.
Скопје
Бутел, Карпош и Сарај денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.00 до 12.00 часот, корисниците од улицата Александар Турунџов во општина Бутел.
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од улицата Панче Пешев бр. 1, 3, 5 и 7 во општина Карпош, како и корисниците од селата Глумово, Шишево и Матка во општина Сарај.
Скопје
Герасимовски: Општина Центар овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство
Општина Центар активно се вклучува во иницијативите за подигнување на свеста и спречување на насилството врз жените и девојчињата. По повод Меѓународниот ден за борба против насилството врз жените, градоначалникот Герасимовски ја истакна важноста од давање поддршка за жртвите и превенција во справувањето со овој сериозен проблем.
„Покрај психичкото и физичкото насилство врз жените кое е секојдневно, особено загрижува растечкиот тренд на онлајн насилство. Општина Центар ќе продолжи да создава поддржувачка средина, да ги поттикнува жртвите да го пријавуваат насилството, ќе ја засили соработката со институциите и стручните служби и ќе организира активности за едукација на младите за опасностите од дигиталнaта агресија“, истакна Герасимовски, посочувајќи ги последните истражувања според кои речиси 70 проценти од жените во земјава биле изложени на ваков вид вознемирување.
Општина Центар преку соработка со Националниот совет за родова рамноправност овозможува бесплатни советодавни услуги од психолог, правник и социјален работник за граѓаните кои претрпеле насилство или биле било како злоупотребени. Овие услуги се обезбедуваат од страна на стручни тимови од различни области со цел да им се понуди соодветна помош и поддршка на сите на кои им е потребна.