Култура
Фестивалот „Ристо Шишков“ стартува во вторник

Овогодинешното, 17. издание на Фестивалот за камерен театар „Ристо Шишков“ започнува на 8-ми септември, во Домот на културата „Антон Панов“ во Струмица
Како што беше најавено, до 13 септември ќе бидат прикажани 16 камерни претстави од Бугарија, Србија, Црна Гора, Косово и Македонија. Фестивалот свечено ќе биде отворен со изложба на дела од колонијата „Де Ниро“ во 19:30 часот. Во 20 часот честа да го означат почетокот на фестивалот ја имаат актерите од ансамблот на НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп и претставата „Тапани во ноќта“, во режија на Мартин Кочовски. Истата вечер на 8-ми, во 22 часот, ќе биде изведена претставата „Граница“ на Мал драмски театар – Битола, во режија на Софија Ристевска. Во наредните денови ќе следуваат изведбите на: „Таму каде што не сум бил“ на Прилепски театар, „Сонував бегство“ на Драмски куклен театар од Враца, Бугарија, „Жената како воено поле3 на Драмски театар – Скопје, „Осамениот запад“ на Народниот театар Битола, „Пикник на фронтот“ на Факултетот за драмски уметности – Скопје, „IRK BITIG“ на Градски театар од Коцели, Турција, „Последниот ден на Мисирков“ на Струмичкиот театар, „Последната лента на Крап“ на Градски театар – Скопје, „Суза“ – Кралски театар од Цетиње, Црна Гора, „The Martin Couple“ – Национален театар на Косово, „Власт“ на театарот Славија од Србија, „Посета на една млада дама“ на ДТК „Иван Радоев“ од Плевен, Бугарија, „Вејка на ветрот“ на Македонскиот народен театар, „Црна птица“ на Буден театар – Скопје. Во рамки на фестивалот секојдневно ќе се одржуваат тркалезни маси, а ќе бидат промовирани и две книги: „Змијогуштерско распетие“ – избрани драми од Југослав Петровски и „Театарот и фолклорот“ од Катерина Петровска – Кузманов. Покровители на фестивалот, кој му е посветен на бардот на македонското глумиште Ристо Шишков и на најдобрите актерски остварувања во тековната сезона, се градоначалникот и Советот на општина Струмица и Министерството за култура на Република Македонија.Фестивалот „Ристо Шишков” е единствениот театарски фестивал во Македонија кој во преден план го става и вреднува актерското мајсторство. Фестивалот за прв пат се одржа на 22 октомври 1992 година во Домот на културата во Струмица.Досегашни добитници на наградата за високо актерско остварување „Ристо Шишков” се: Сенко Велинов, Игор Џамбазов, Диме Илиев, Зора Георгиева, Перихан Ејупи, Јоана Поповска, Владимир Илиевски, Елена Моше, Петар Темелковски, Митко С. Апостоловски, Ѕвезда Ангеловска, Соња Михајлова, Васил Зафирчев, Мето Јовановски, Ѓорги Јолевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.