Култура
Утревечер свечено ќе биде откриена монументалната скулптура „Пајонска свештеничка“
На платото пред Музејот на Македонија утревечер, 20 часот, свечено ќе биде претставена трииполметарската скулптура „Пајонска свештеничка“, изработена од музејскиот скулптор Сретко Јовановски
Скулптурата свечено ќе биде откриена од министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, а самиот настан ќе биде збогатен со танцов перформанс во кореографија на Рисима Рисимкин и музичка изведба на Драган Даутовски.Скулпторот Јовановски ја изработи оваа скулптура според гробот и накитот откриени на локалитетот Лисичин дол кај Исар Марвинци, а се водел според цртежите на археологот Страхил Темов. Самиот накит и‘ припаѓал на свештеничка од VIII-VII век п. н. е. Богатиот и ексклузивен наод на накит и други предмети за украсување е дел од колекцијата „Македонски бронзи“ во сопственост на Музејот на Македонија и претставува уникатно откритие од железното време во Македонија. Нејзината претстава во мала димензија во форма на статуетка, во изминативе неколку години беше презентирана во земјава и странство, во рамките на изложбата „Македонски бронзи“.Претставувањето на скулптурата е уште еден настан со кој културното богатство ќе се направи попристапно за јавноста, а преку ваков вид на реконструкции и визуелизации на значајни личности и настани од културниот живот, Музејот на Македонија излегува надвор од изложбениот начин на прикажување на пронајдените артефакти. „Пајонската свештеничка“ треба да се претвори во еден вид симбол на македонската археологија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“
Култура
Почина македонскиот актер Лазе Манасковски
На 67-годишна возраст денеска почина македонскиот актер Лазе Манасковски.
„Со длабоко жалење ве известуваме дека нашиот актер и долгогодишен колега Лазе Манасковски почина денеска. Вечерашната изведба на претставата „Куршуми над Бродвеј” ќе биде изведена во негова чест! Нека му е вечна слава!“, наведуваат од Драмски театар.
Манасковски е роден во 1958 година. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година се вработил како актер во Драмски театар – Скопје и работи сѐ до неговото пензионирање во 2022 година.
Ќе остане познат по своите улоги во „Исцелител“, „Сенки“, „Трст виа Скопје“, „Еурека“, „Солунски патрдии“, Македонски народни приказни, „Преспав“, „Пусто турско“.

