Македонија
Сончево со слаб југозападен ветер
Сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од југозападен правец.
Дневните температури ќе се движат од 7 до 14 Целзиусови степени.
Во Скопје и околината слично време со температура до 8 степени. /крај/ухрм
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Лимани – Светската банка: Резултатите од заедничката работа се видливи, испорака на квалитетни услуги до граѓаните на кои навистина им се потребни
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани денеска одржа работна средба со претставници на Светска Банка, на која се разговараше за активностите поврзани со Проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира со поддршка на Светска Банка.
Проектот опфаќа три компоненти: промовирање на социјалната вклученост преку подобар пристап до парични надоместоци и услуги; проширување на пристапот и подобрување на квалитетот во системот за згрижување и воспитание и управување со проектот, мониторинг и евалуација.
На средбата од двете страни беше изразено задоволство од досегашниот тек на проектот, неговата реализација и посветеност на сите вклучени во него, што води кон остварување на заедничката цел – испорака на квалитетни услуги кон граѓаните.
Потврда за успешноста на проектот се активностите кои се во тек, а тоа се вклучување на нови 13 општини кои се избрани за проширување на групи во други просторни услови, со што се овозможува влез на нови деца во предучилишниот процес.
Понатаму, изразувањето на интерес на 55 општини за грант за развој на социјални услуги, за што ќе биде објавен и Јавен повик за аплицирање веќе следната недела. Општините заедно со потенцијални даватели на услуги ќе може да аплицираат за грантови наменети за проекти за развој на социјалните услуги: услуги во домот (Помош и нега во домот) и услуги во заедницата (Дневен престој за лица со попреченост, Дневен престој за лица со попреченост со индивидуална работа, Дневен престој за стари лица, Дневен престој за стари лица со активно стареење).
На општините кои ќе изразат интерес за добивање грант за развој на социјални услуги, ќе им се обезбеди поддршка за подготовка на проектната апликација, од страна на единицата за управување со проектот.
На средбата се разговараше и за активностите околу развојот на Електронскиот систем за администрирање на парични надоместоци, социјални услуги и јавни овластувања Овој систем веќе се пилотира во четири центри за социјална работа – Берово, Кратово, Ресен и Македонски брод, а во периодот кој што следува ќе се вклучат и останатите центри со користење на електронскиот систем.
Придобивките од овој систем се големи, бидејќи овозможува веднаш да бидат видливи сите права кои што ги добива едно домаќинство од системот на социјална заштита.
Соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката во насока на успешно имплементирање на проектот во целост со акцент на испорака на квалитетни услуги на оние граѓани кои навистина им се потребни за достоен живот.
Македонија
Камбовски: Комисијата да одлучува внимателно во постапката за Јованов, чувствително е оти предметот е пред Апелација
Комисијата формирана од Судскиот совет првично треба да изврши увид во претходниот предмет што се водел против возачот што ја усмрти Фросина Кулакова за понатаму да утврди дали имало неправилности во постапувањето.
Претседателот на Советот, Александар Камбовски, одговарајќи на новинарски прашања, изјави дека малку е чувствително времето затоа што предметот во овој момент се наоѓа пред Апелациониот суд во Скопје и затоа комисијата треба да постапува внимателно за да не се содаде притисок врз овој суд, кој одлучува по првостепената пресуда.
„Комисијата треба внимателно да изврши увид и кога ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз овој суд“, истакна Камбовски по седницата на Судскиот совет.
Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин на булеварот Партизански одреди во Скопје на 29 јануари од 20-годишниот Васил Јованов за кого беше објавено дека возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. Нему лани му се судело и за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги и прекурсори, но судот му одредил мерка поправен дом третирајќи го како помлад полнолетник. Тогаш Обвинителството поднело жалба на пресудата по која сѐ уште одлучува Апелација.
Македонија
Мајката на Фросина: Светлата и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила, ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија
Камелија Кулакова, мајката на трагично загинатата Фросина во трагедијата на „Партизанска“, се огласи на својот фејскуб -профил со емотивна објава и порача дека ќе оди до крај за да има правда.
„Почитувани родители, млади луѓе – идни родители. Душава ми гори од болка, а срцето ми е распарчено, но морам да ви се обратам.
Сето ова популаризирање на нашата семејна трагедија е дотурање сол на нашата рана, која никогаш нема да се залечи.
Јас бев горда мајка. Пораснав три златни деца. Ги воспитував и учев да бидат добри личности. Добри, чесни и доблесни луѓе. Да си ја сакаат татковината. Да си ги почитуваат културата и традицијата. Да сочувствуваат. Да споделуваат радост и тага. Секогаш да се ставаат на другата страна пред да осудат и да ги разгледуваат нештата од сите страни пред секоја своја постапка.
Тоа е многу тешка задача. Особено во ова време невреме.
И што се случи.
Соништата на Фросина беа и наши соништа.
И што се случи.
Огромна празнина, неподнослива болка, траурни слики, кои постојано ти поминуваат пред очите и безброј зошто, зошто, зошто, зошто баш Фросина…
И во еден момент си помислив… можеше да е друго дете, син, ќерка, сестра, брат, љубена, Љубен, другар. Можеше друго семејство да се распаѓа од болка. А болката не познава политика. Не знае за вера, раса, нација… само едно БОЛКА.
И тогаш си реков. Морам да сум силна. Морам да сум силна за да има правда за моето чедо и за сите деца чии родители, браќа, сестри не ја дочекале правдата за нив. И нема да се скршам. Ќе одам до крај. Ќе бидам мајка, татко, сестра брат…
Меката, светла и моќна енергија на Фросина ме води и ми дава сила. И не само мене, на сите нас.
Поради тоа, најискрено ве замолувам да не правите политика од оваа наша семејна трагедија. Бескрајно сум благодарна на сите што искрено сочувствуваат со нас. Бескрајно сум благодарна на медиумите, на новинарите, кои ми помогнаа некои работи да ми станат многу повеќе јасни. Благодарам на сите политичари – ЛУЃЕ, кои застанаа на нашиот пат. Му благодарам на народот, кој нѐ подржува, зашто, без притисокот на народот и медиумите, патот на правдата немаше ни да почне.
Затоа сакам да ве прашам.
Па нели благодарноста е доблест и основно начело на секое општество, цивилизација, религија.
ПРАВДА ЗА ФРОСИНА МОРА ДА ИМА ЗАШТО
СЕКОЈ МОЖЕ ДА Е СЛЕДЕН
Почивај во мир, сонце мое.
Нека ти е светол патот.
Една e мајка“, стои во објавата.
Обвинителството сѐ уште презема мерки и прибира докази за сообраќајната несреќа на „Партизанска“, во која загина 22-годишната Фросина Кулакова.