Македонија
Намалени референтни цени на 13 лекови и измена на позитивната листа на лекови
Намалени цени на лекови, олеснување на начинот на добивање лек на товар на Фондот за здраствено осигурување и поголем избор на лекови, се некои од новините на ФЗОМ што во вторник на прес-конференција ги објави директорката Маја Парнарџиева Змејкова.
Се очекува заштедите од новините за осигурениците да бидат 200.000 денари годишно, а Фондот за лекови годишно ќе може да пренамени два милиони денари.
Прва новина е намалени референтни цени на 13 лекови.
„Поради влез на пазарот на нови регистрирани лекови во Република Македонија, ФЗОМ утврди нови намалени, избалансирани референтни цени за лекови кои се користат кај пациенти со трансплантирани органи, лекови од групата на антидепресиви, остеопороза, антиепилептици, антипаркинсоници, за мијастенија гравис (нервно-мускулна болест). Со оваа новина Фондот обезбеди нови, во сите 13 генерики, по најмалку еден без доплата за осигурениците и одлуките се објавени во Службен Весник“, појасни Парнарџиева Змејкова.
Втората новина се однесува на 20 нови заштитени имиња на лекови.
„Поради влез на нови лекови на пазарот на лекови во РМ, ФЗОМ изврши дополнување на одлуката за референтни цени на лекови со нови 20 заштитени имиња, со што се зголемува можноста на избор на лекови за осигурениците. Лековите се наменети за терапија на желудник, за намалување на масти во крв, антибиотици, Алцхајмер, астма и ХОББ, карциноми, против болки и покачена телесна температура“, рече директорката на ФЗОМ.
Исто така, додаде, ФЗОМ изврши промена во режимот на пропишување за 28 генерики со форма и јачина – тоа значи дека осигурениците ќе може да добиваат препорака за лекови од повеќе лекари специјалисти отколку досега.
ФЗОМ овозможи отсега лекот levothyroxine за штитна жлезда, да може да го препишува матичен лекар, при хронична примарна хипотироза. Оваа поволност ќе биде олеснување за 10.000 осигуреници.
Директорката на ФЗОМ информираше дека се направени и дополнувања и корекции за индикациите на лекови што се наоѓаат на Позитивна листа – отсега осигурениците ќе може да добиваат лекови на товар на ФЗОМ и за нови индикации.
„Дополнување на индикации има кај следните лекови: Ursodeoxycholic acid (Ursofalk) кој е наменет за третман на жолчка и жолчни патишта, а сега може да се пропишува за терапија на деца до 14 години болни од цистична фиброза и со алажил синдром; Cefadroxil (Alycef, Duracef) и Cefuroxime (Zinnat, Xorimax, Aksef, Cefaks, Megasef, Inceptum-sanovel) и Cefaclor (Alfacet, Cefaklor Alkaloid) од групата антибиотици цефалоспорини, што сега може да се пропишува и за генитоуринарни инфекции; Amoxicillin (Sinacilin, Hiconcil. Moxilen, Almacin, Ospamox) што спаѓа во групата на бета лактамски антибактериски средства, а сега може да се пропишува и за одонтогени (стоматолошки) инфекции; Dydrogesterone (Dabroston), кој спаѓа во групата на полови хормони и лекови за третман на гениталниот систем сега може да се пропишува и за крварење во рана бременост; отсутна, скудна и ретка менструација; обилна, честа и нередовна менструација; друго означено ненормално крвавење од утерус и вагина“, појасни Парнарџиева Змејкова.
Со измените, лекот Benzathine phenoxymethylpenicillin со заштитено име Ospen ќе може да се пропишува без ограничувања од матичните лекари кај бремените жени и малите деца, а Cefalexin ќе може да се пропишува без ограничувања од матичните лекари, согласно регистрираните индикации за лекот.крај/мф/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

