Економија
Промовирани измените на Законот за стечај во насока на подобрување на бизнис климата
Подобрување на бизнис климата, но и подобрување на условите на пазарот, особено во реалниот сектор и појасно и побезбедно регулирање на правата и обврските помеѓу субјектите на пазарот се целта на измените и дополнувањата на Законот за стечај, што во четвртокот ги промовираше министерот за економија Ваљон Сараќини.
„Стручните тимови на Министерството за економија работеа на анализирање на состојбите во овој домен на пазарот, при што беше утврдено дека е потребно да се создаде нова регулација на пазарот во овој домен, а потребата од тоа во најголем дел е во насока на создавање на стабилен и ликвиден реален пазар, кој ќе придонесе до развој и поголема стабилност на компаниите“, истакна Сараќини.Тој додаде дека во новото законско решение се вградени одредби за забрзување на стечајната постапка и зголемување на процентот на намирување на доверителите. „Освен измените кои се однесуваат на веќе постојни законски решенија, се предлагаат неколку битни измени кои досега не беа вградени во законот, а тоа се реорганизација на должникот пред отворање на стечајната постапка, електронска продажба на стечајната маса, стечајна постапка од мала вредност, нов начин на назначување на стечаен управник“, информираше Сараќини.Преку реорганизацијата, на должникот се овозможува поголема гаранција за доверителот во процесот на наплата на своите побарувања, а се дава можност да се постигне договор помеѓу должникот и доверителите за прифаќање на план за реорганизација, пред должникот да влезе во состојба на инсолвентност, со што деловниот потфат би продолжил без да се отвора и води стечајна постапка. Во оваа постапка се определуваат мерки од страна на судот за заштита на средствата и имотот на должникот од присилно извршување, со оглед што по својот карактер стечајната постапка е постапка за колективно намирување, за разлика од постапката за извршување, каде доверителите се намируваат поединечно.„Се предлага и спроведување на постапка за реорганизација во претходна постапка, чија предност е во тоа што не се отвора стечајна постапка и не настапуваат сите правни последици. Планот го доставува должникот, кој претходно склучил договор со доверителите околу начинот на кој се врши реорганизацијата и околу начинот на намирувањето на побарувањата на доверителите. Во оваа постапка се испитуваат услови за отворање на стечајната постапка, за да му се овозможи на должникот да може да предложи план за реорганизација, кога фирмата е се’ уште во финансиска кондиција. Тој план го оценува стечајниот судија, кој може да не го одобри, а се објавува оглас со кој се повикуваат сите доверители да извршат увид во него и да дадат забелешки за кои судијата може да свика рочиште. Рокот во кој се спроведува оваа постапка за реорганизација е 60 дена“, истакна министерот. Следната новина е претворање на имотот во пари или нова електронска продажба, каде се предлага пред да започне продажбата, стечајниот управник во рок од три дена од донесувањето на одлуката за ликвидација на деловниот потфат да објави оглас во најмалку еден дневен весник, а по потреба и во странски весник, со кој ќе ги повика заинтересираните купувачи да достават понуди за намера за купување на имот, кој ќе трае 15 дена.Се предлага продажбата на имотот во пари по електронски пат со лицитација без почетна вредност, да трае најдолго 90 дена, да биде објавена во три огласи на еден од предвидените начини, а ако се неуспешни, во тој случај се пристапува веднаш кон физичка делба на имотот на доверителите. Во случај кога на огласот се јавил купувач кој понудил најповолна цена, се предлага стечајниот управник да го извести стечајниот судија дека електронската продажба била извршена, со тоа што стечајниот судија во рок од три дена носи писмено решение, со кое констатира дека учесникот на огласот понудил најдобра цена и го задолжува во рок од осум дена да ја усплати постигната цена. „Постапката од мала вредност е постапка во која не се формира одбор на доверители, туку одлуките ги носи собранието на доверители, стечајниот судија, а ги предлага стечајниот управник, со што се постигнува пократок рок за постапување и се намалуваат трошоците на постапката. Тоа ќе овозможи поголем процент на намирување на доверителите, а оваа постапка се спроведува во случај кога вредноста на стечајната маса е до 1.000.000 денари“, посочи министерот.Една од најважните измени во предложениот закон за стечај е во делот на именувањето на стечајните управници, кое се врши според методата на електронско избирање на од листата на пријавените стечајни управници за секој суд кој постапува по стечајните предмети, а новоименуваниот стечаен управник или предложениот стечаен управник мора да биде од листата на стечајни управници на судот кој е надлежен за водење на стечајните постапки.Сараќини потенцира дека во моментов во Република Македонија активни постапки кои во моментов се водат се 254, а во 2013 година има 40 отворени постапки. Експертот Дејан Костовски кој долго време ја проучува оваа проблематика истакна дека новите измени на законот ќе придонесат за добивање на поголеми оценки на Р’епублика Македонија во Извештајот Doing Bussines, како и во поглед на привлекување на странски инвеститори./крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

