Економија
Грција најзадолжена држава на светот
Некогаш најдоминантните држави во историјата денес се најзадолжените нации на светот, а светската листа ја предводи античката сила Грција, чиј нето долг на општата влада достигнува 173 отсто до БДП-то.
Ова се наведува во анализата на магазинот Forbes, која се базира врз податоци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).Меѓу 20-те најзадолжени држави на светот се наоѓаат и други историски супер сили, како Италија, Египет, Португалија, Шпанија, Франција, Велика Британија, Јапонија и САД.Грција е во најголеми проблеми, не само поради тоа што има далеку поголем долг во однос на БДП-то од која и да е друга земја, туку, исто така, и поради тоа нејзиниот БДП сé уште се намалува. Грчката економија се очекува да се намали шестата година по ред, овојпат за 4,2 отсто.„Ако вашите приходи одат надолу секоја година, тогаш како ќе може да ги отплатите долговите“, вели Метју Лин, автор на трудот „Грција, еврото и должничката криза“.ММФ предвидува дека грчката економија ќе престане да се намалува во 2014 година и ќе расте со стапка од околу 3 отсто годишно во следните четири години. Мерките за штедење го намалија огромниот грчки дефицити, но на државата и престои долг пат за да го смали својот долг.Јапонија е втора на листата зад Грција, со долг што е 140 отсто од нејзиниот БДП. Трета по големина економија во светот веднаш зад САД и Кина, се очекува да бележи раст помал од 2 отсто на годишно ниво до 2018 година. Пет други земји – Либан, Португалија, Гренада, Италија и Ирска, исто така, имаат национални долгови кои ги надминуваат нивните БДП.„Генерално правило е дека кога долгот еднаш ќе надмине 100 отсто од БДП, претставува проблем и потешко се отплаќа, освен ако имате навистина брз раст“, вели Лин.САД се рангирани 10-ти на листата, со долг којшто изнесува 87 отсто од нејзиниот БДП. Но оваа држава има најмногу долг од која и да е друга земај во апсолутна смисла, со 14,6 трилиони долари, што е двојно повеќе од Јапонија, која би била на второ место на една ваква листа. Американскиот долг се зголеми за 10 трилиони во последната деценија. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска во Прага: Македонскиот електроенергетски систем се усогласува со европските оперативни стандарди
Делегација предводена од министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна посета на чешкиот оператор на преносниот систем ČEPS, a.s., во Прага, во рамки на интензивната агенда за унапредување на институционалните капацитети и усогласување на македонскиот електроенергетски систем со европските стандарди.
Целта на посетата беше размена на искуства и добри практики, со посебен фокус на напредното оперативно и планско работење на ČEPS во услови на целосно интегриран европски енергетски пазар и строга регулаторна рамка. Во состав на делегацијата учествуваа и претставници на Македонскиот оператор на преносниот систем – МЕПСО, како клучен носител на стабилноста и развојот на националната преносна мрежа. Во рамки на работната посета беше остварена билатерална средба со Мартин Дурачак, претседател на Бордот на ČEPS.
Во рамки на посетата, делегацијата оствари увид во националниот диспечерски центар на Чешката Република, каде беа разгледани напредни решенија за управување и диспечирање на електроенергетскиот систем, употреба на алатки за работа во реално време, како и процесите на модернизација на контролни центри, SCADA/EMS системи и зајакнување на сајбер-безбедноста на критичната енергетска инфраструктура.
Посебен акцент беше ставен на долгорочното планирање на преносната мрежа, интеграцијата на обновливи извори на енергија и системи за складирање, како и на обезбедувањето флексибилност и стабилност на системот во услови на забрзана енергетска транзиција.
На средбата беше изразена заедничка подготвеност за продлабочување на соработката меѓу МЕПСО и ČEPS, преку размена на експерти, студиски посети, специјализирани обуки и можност за воспоставување подолгорочна рамка за техничка соработка од стратешко значење.
Работната посета во Прага претставува конкретен и значаен исчекор во јакнењето на институционалните и техничките капацитети на македонскиот електроенергетски систем и јасен сигнал за определбата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за системска модернизација, стабилност и целосно приближување кон европските најдобри практики.
Економија
Царина со грант од Јужна Кореја ја унапредува контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит
Царинска управа се етаблира како лидер на Балканот со напреден Систем за анализа на ризик и податочен склад имплементиран со грант од Република Кореја во висина од 4,75 милиони долари кој ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија.
Системот овозможува унапредување на контролата на целокупниот увоз, извоз и транзит, како клучно во сузбивање на сивата економија, разобличување на криминалот, заштита на финансиските интереси и полнење на Буџетот, како и олеснување и забрзување на легалната трговија.
Воедно, во случај цените на стоките да се пониски од берзанските, царинските службеници ќе добијат аларм за можна царинска измама. Ќе се овозможи и подобра детекција на профили со висок ризик во воздушниот сообраќај.
Ова беа клучните пораки на денешниот церемонијален настан на кој директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, заедно со генералниот директор на Корејска Царинска Служба, Ли Мјонг Ку го промовираа системот. Системот беше промовиран со одржување на состанок на највисоко ниво и во присуство на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, државниот секретар Андриана Матлиоска и амбасадорот на Република Кореја, Ким Донг Бе, по кој директорите на македонска и корејска Царина одржаа прес-конференција.
„Само годинава заклучно октомври, вкупната трговска размена изнесува 18 милијарди долари, што кажува за тежината на секојдневната работа на Царинската управа во олеснување на трговијата, при истовремено спречување на обидите за криминал. Овој систем ни е од исклучителна важност бидејќи со истиот се овозможува унапредување на анализата на ризик и подобра селекција и концентрираност на контролите на високоризични пратки, со што се овозможува олеснување и забрзување на легалната трговија. Сите податоци за целиот увоз, извоз, транзит, податоците за акцизна стока, целокупната евиденција на заплени, прекршочни и кривични пријави се интегрирани во Системот каде истите се анализираат со поддршка на напредна вештачка интелигенција. Воедно истиот обезбедува податоци за пратки чии вредности се различни од берзанските цени, но и чии вредности се под просечните согласно анализата на вредноста на целокупниот увоз, со што ги алармира царинските службеници за проверка на контејнерите со вакви пратки, се со цел да се спречат можни обиди за царинска измама“, истакна директорот Николовски на прес-конференцијата.
Воедно, како што истакнува Николовски се овозможува подобрување на квалитетот на податоците кои понатаму ќе бидат предмет на анализи и креирање мерки за подобрување на трговските политики како клучни за забрзување на растот на економијата.
Директорот на корејската Царина, Ли, вели дека најважно и уверен е во истото, системот ќе претставува цврста основа за патот на државата кон членство во Европската Унија. Тоа не само што ќе придонесе државата да ја зацврсти својата позиција како лидер на Балканот со напреден царинско административен систем, туку и ќе биде инспиративен пример за силна царинска соработка и пријателство.
„Патот на овој проект до денешната церемонија на пуштање во употреба не би бил можен без посветеноста и блиското партнерство меѓу владите на Република Кореја и РС Македонија. Преку континуирана комуникација и соработка меѓу нашите две земји, денес тој конечно дава конкретни резултати. Од 2008 година, Царинската служба на Кореја го воведе нашиот систем за електронско царинење UNIPASS во 16 земји, со вкупна вредност од 329,37 милиони американски долари. Овој ODA проект во вредност од 4,75 милиони американски долари (6,1 милијарди корејски вони) за РС Македонија има особено значење, бидејќи претставува прво воспоставување на системот за електронско царинење на Царинската служба на Република Кореја во целиот европски регион. Воспоставен е интегриран информациски ресурс и систем за управување со ризици, со цел подобрување на оперативната ефикасност и обезбедување непречен проток на стоки во РС Македонија“, истакна директорот Ли.
Економија
Директна авиолинија Скопје – Прага, за Божиновска таа е реална врска меѓу двете економии
Со првиот лет на новата директна авиолинија Скопје – Прага, земјава прави значаен исчекор во унапредувањето на меѓународната поврзаност, економската соработка и мобилноста на граѓаните, истакнуваат во соопштението од Министерството за енергетика.
На настанот по повод воспоставувањето на авиолинијата се обрати министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, заедно со чешкиот амбасадор Јарослав Лудва, генералниот директор на TAV Македонија, Неџат Курт, како и претставници на Wizz Air.
Како претседател на Мешовитата комисија за економска соработка, министерката информираше дека иницијативата за директна авионска линија била покрената на Заедничкиот македонско-чешки состанок во Прага, во март годинава, како дел од пошироката агенда за продлабочување на билатералните односи и олеснување на бизнис-комуникацијата.
Божиновска истакна дека воспоставувањето на директната линија не е случаен потег, туку резултат на јасна визија и конкретна иницијатива.
„Оваа авиолинија е реална врска меѓу две економии, два пазара и две општества. Поврзаноста е предуслов за развој, за мене, оваа линија има и силна лична димензија. На 20 август 1998 година се иселив во Прага, во време кога немаше директен лет меѓу нашите две земји. Поврзаноста беше комплицирана, скапа и временски исцрпувачка. Од 2005 до 2012 година постоеше директна линија и од лично искуство знам колку директната авионска врска значи – не само симболично, туку реално, за животот, за бизнисот и за секојдневната комуникација меѓу луѓето. Затоа, уште од првиот ден како министерка, силно се залагам за продлабочување на врските меѓу Македонија и Чешка и за создавање реални услови што ќе ја олеснат таа поврзаност“ , нагласи Божиновска.
Според надлежните, директната авиолинија Скопје – Прага ќе придонесе за зголемен туристички и деловен сообраќај, подобра мобилност на граѓаните и посилно вклучување на Македонија во европските економски текови.
Авиосообраќајот е важен сегмент од целокупната стратегија за модерна инфраструктура, економски раст и регионална интеграција, при што ваквите проекти се реализираат преку координирана соработка меѓу институциите и приватниот сектор.
Министерката Божиновска ја поздрави соработката меѓу TAV Македонија и Wizz Air, оценувајќи дека таа е пример за ефикасно партнерство кое носи конкретни резултати за граѓаните и економијата.

