Економија
Братушек очекува раст на словенечката економија во втората половина од 2014
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/fd193ddc-21ae-48a9-baea-d1d94022f31f-1.jpeg)
Словенечката премиерка Аленка Братушек изјавила дека словенечката економија, во втората половина од следната година ќе започне да излегува од рецесија, и ќе забележи раст.
„Сакам, и лично сум уверена дека нашите мерки ќе дадат позитивни резултати, и дека позитивниот економски раст над нулата ќе го забележиме веќе во втората половина на идната година“, изјавила Братушек во интервју за Словенечката телевизија.
Во Словенија на крајот на година се очекува годишен пад на БДП-то од 2,4 проценти, а повеќе домашни прогнози и најави од меѓународните институции, предвидуваат дека словенечкиот БДП идната година ќе падне за околу 0,8 отсто, а скромниот раст би бил забележан дури во 2015 година. Братушек изјавила дека на економскиот раст ќе делуваат санациите на банките со кои владата преку, т.н. лоши банки, ќе започне да ги спроведува наскоро, откако ќе се објават резултатите за ревизиите за состојбата на лошите кредити во банките, бидејќи банките во моментот, поради лошите кредити запаѓаат во кредитен грч и ги намалуваат пласманите.
„Тоа ќе влијае позитивно на економијата, за која главен проблем е недостатокот на евтините извори“, рекла Братушек, додавајќи дека нејзината влада паралелно подготвува и програма за раздолжување на презадолежните компании, што покрај состојбата со банките, е најголем проблем за словенечката економија.
Словенечката премиерка потенцирала дека нејзината влада нема да ја побара програмата за финансиска помош, ниту од Тројката (Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд), ниту пак од европскиот фонд за стабилизација на еврото, туку ќе инсистира на тоа финансискиот проблем да го реши со сопствените сили.
„Важно е да останеме суверена држава, и сами да ги решаваме сопствените проблеми. Земјите кои ја бараа финансиската помош, покрај нејзе добија програми со многу радикални мерки кои мораат да ги исполнат“, рекла Братушек, наведувајќи дека во Шпанија, која ја побарала финансиката помош за стабилизација на состојбата во некои банки, дошло до зголемување на невработеноста, особено меѓу младите./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
Поскапуваат некои од горивата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/11/benzin-gorivo-960x639-1-2.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,15 % во однос на одлуката од 28.6.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензините во просек за 0,868 %, кај дизелот зголемувањето е во просек за 0,368 %, кај екстра-лесното масло зголемувањето е во просек за 0,387 % и кај „мазутот“ зголемување во просек за речиси 0,170 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,042 %.
Од 2.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
– моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 83,00 (денари/литар)
– моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 85,00 (денари/литар)
– дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,50 (денари/литар)
– масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 75,00 (денари/литар)
– „мазут М-1 НС“ – 48,008 (денари/килограм)
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 0,50 денари/л.
Малопродажните цени на бензинoт ЕВРОСУПЕР БС-98, на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-=лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се зголемува 0,080 денари/кг.
Економија
Елена Петрова ја презеде функцијата директор на УЈП
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/elena-petrova-ujp.jpg)
Денеска Елена Петрова формално ја презеде функцијата Директор на УЈП, од Замeник на директорот, Мевљудин Синани.
Елена Петрова е професионалец со долгогодишно работно искуство во УЈП, која во моментот на назначувањето беше Раководител на Секторот за наплата и управување со долгови. Нејзината биографија е достапна на следниот линк.
Директорката Елена Петрова изјави дека нејзина долгорочна и стратешка агенда е трансформацијата на УЈП, создавање „нов лик” на УЈП, „нов амбиент” и за даночните обврзници, за даночните службеници и за соработниците на даночната администрација.
„Во УЈП ќе поттикнам динамичен курс на работа со цел за дигитализација и трансформација, за да обезбедиме плаќањето данок и услугите од УЈП да бидат најмало можно административно оптоварување, а што повеќе да бидат „природно” вградени во деловните системи на компаниите и на „близок дофат” на граѓаните“, изјави Петрова.
Обраќајќи се на даночните обврзници, Петрова истакна дека ќе негува кооперативност со даночните обврзници преку мрежи за директна соработка и отворена дебата за сите заеднички предизвици во плаќањето даноци и остварувањето на даночните права.
Таа изјави: „Даночните обврзници спроти себе нема да имаат бирократи кои настапуваат од позиција на моќ, туку администрација која обезбедува лесно достапни информации, едноставни алатки и директна помош кои ќе водат кон точно плаќање на даночните обврски и лесно и брзо оставрување на своите права“.
Петрова ќе се залага за интензивна соработка со меѓународните организации, експертската јавност, медиумите и други засегнати страни, со цел со заеднички напори да оствариме позитивно влијание, зголемена даночна свест и даночен морал во општеството.
Петрова најави бескомпромисна борба со неплаќачите и затајувачите на данок и криминалните даночни измами, одговорност и казни за секој што ги оштетува народните пари заради противправно стекнување лична имотна корист.
Економија
ВМРО-ДПМНЕ: 250 милиони евра за капитални проекти за општините од септември
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2019/10/evra.jpg)
Во септември градоначалниците од цела држава ќе можат на аплицираат на јавниот повик на Министерството за Локална самоуправа за добивање средства за проекти во нивните општини, информираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалниците од цела држава да направат и довршат што е можно повеќе проектна документација, со цел да аплицираат за повеќе проекти.
Ова е прва година за проектот 250 милиони евра за општински проекти, ист ваков повик ќе има секоја година, а вториот ќе се случи веќе за неколку месеци од сега.
Време е за реален раст и развој. Време е за рамнорен развој“, се вели во партиското соопштение.