Македонија
Спасов: Преку активните мерки на Владата постигнати 6868 вработувања
Активните мерки за вработување што ги спроведува Владата на Република Македонија за нецели осум месеци допринесоа за вработување на нови 6.868 лица во саботата соопшти министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, на прес-конференција на која информираше за прогресот на мерките за вработување за 2014 година.
Ваквиот напредок, според министерот Спасов, се должи на создавањето амбиент и предуслови за зголемување на вработеноста, пред сè, со примена на систем на програми и мерки кои нудат поволности на работодавачите, но и отвораат перспективи на невработените лица со акцент на нивните вештини и компетенции за вработливост.
„Би сакал да ја информирам јавноста дека со воведувањето, спроведувањето и надградувањето на оперативните планови за активни програми и мерки за вработување постигнавме значителни успеси во создавање нови работни места и нови вработувања во приватниот сектор, за што најдобро говорат бројките”, нагласи министерот.
Истакна дека само во првите осум месеци од 2014 година има над 2.700 вработувања повеќе од вкупниот број вработувања преку активните мерки за вработување во целата мината 2013 година, односно зголемување на новотворените работни места преку активните мерки и политики за 65 отсто во споредба со ланската година.
„Како посебно успешни мерки кои даваат видливи резултати би ги издвоил мерката за ослободување од плакање социјални придонеси за дванаесет месеци за вработување млади лица преку која постигнати се 3.238 вработувања, мерките субвенционирање на вработување со повеќе од 638 вработувања, потоа мерката за обука кај познат работодавач со 138 реализирани вработувања заклучно со август годинава, со што очекуваме да бидат опфатени уште 700 невработени лица до крајот на годината“, рече министерот за труд и социјална политика.
Спасов информираше дека преку програмата за грант средства од 3.000 евра за самобработување досега биле потпишани 500 дoговори, како и оти се очекува во наредниот месец да бидат потпишани уште 450 договори за поддршка за формирање и основање мали бизниси кои дополнително ќе придонесат за зголемување на новоотворените работни места.
„За нас од особено значење е и информираноста на граѓаните, односно невработените лица за мерките и можностите за вработување и наменските обуки за совладување на вештини кои ги нудиме, токму затоа преку агенцијата за вработување на крајот на минатата година го воведовме популарно наречениот џоб маркет, односно интернет сервисот за пазар на труд каде што се интегрирани понудата и побарувачката на работна сила, а, исто така, и воведовме смс известување на невработените лица за можностите коишто ги нуди државата”, потенцираше Спасов
Спасов најави дека во октомври 2014 година, ќе се подобри системот за информирање преку веб сајтот на Агенцијата за вработување преку селектирани алатки avrm.gov.mk, со што ќе бидат опфатени поголем број на лица./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

