Економија
Се′ поголема заинтересираност за сончеви колектори

Се′ повеќе граѓаните се заинтересирани за вградување сончеви колектори во нивните домови. Годинава за оваа намена во Министерството за економија се одвоени шест милиони денари за субвенционирање.
„Радува фактот што секоја година се повеќе граѓани аплицираат во Министерството за економија за добивање субвенции. Тоа е добро и се надевам дека во иднина интересот ќе расне и Министерството ќе може да ја прошири програмата, изјави министерот за економија Ваљон Сараќини.
Огласот за добивање субвенција е веќе објавен и трае до 31 мај, додека пак анализите направени во Министерството за економија покажуваат дека инвестицијата се враќа за три до четири години.
„Со инсталирање на сончев колектор којшто чини 36 илјади денари, месечната заштеда е 1.000 денари. Тоа значи дека годишно се заштедува околу 12 илјади денари што значи дека инвестицијата се враќа за околу три години. Во Република Македонија постојат од 500 до 600 илјади домаќинства и доколку сите инсталираат сончеви колектори тогаш како држава би заштедиле до една милијарда евра долгорочно“, посочи Сарачини.
Според професорот Константин Димитров од Машинскиот факултет, во Македонија има квалитетни сончеви колектори кои ги исполнуваат и најстрогите европски критериуми.
При купувањето препорачува секогаш да се побара сертификат за испробаноста и да се праша дали има сервис за одржување. Сето ова, вели Димитров, нуди производ којшто треба во континуитет да се користи 15 години.
Министерството за економија во соработка со Центарот за енергетска ефикасност на Македонија – МАЦЕФ денеска на Плоштадот „Скеднербег“ во Старата чаршија во Скопје, организираше Отворен ден под мотото „Купи сончев колектор- аплицирај за субвенција“.
Целта на овој промотивен настан е промоција на употребата на сончеви колектори во домаќинствата и искористување на сончевиот потенцијал на нашата земја, како обновлив извор на енергија, како и информирање и промовирање на поволностите од употребата на термалните сончеви колектори.
На настанот, неколку македонски производители на сончеви колектори ги претставија своите производи, со што на граѓаните им се овозможи да добијат бесплатни совети за тоа како работат сончевите колектори, за заштедата на енергија што се постигнува со нив и како максимално да се искористи македонското сонце./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Собранието даде зелено светло за укинување на царините за стока од САД

Собранието го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за царински тарифи. Со изгласувањето на овие измени, Собранието даде зелено светло на планот на Владата за намалување на царинските давачки за голем број суровини и репроматеријали кои се клучни за домашната индустрија и енергетскиот сектор. Со предлогот се предвидува намалување до 50% на царинските стапки кои важат во ЕУ и се укинуваат царините за увоз на стоки со потекло од САД, изјави Љупчо Пренџов, пратеник од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
Според него, овие мерки ќе имаат повеќеслојно позитивно влијание: намалени трошоци за производство, подобрена конкурентност на домашните компании на странските пазари и поттикнување на нови инвестиции и отворање нови работни места.
Како што рече, укинувањето на царините за стоки со потекло од Соединетите Американски Држави не е само трговска, туку и стратешка и дипломатска одлука – сигнал за нашата зголемена подготвеност за продлабочена економска соработка со стратешките партнери и поддршка за слободната и фер трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе бидат поконкурентни, цените на производството ќе се намалат, извозот ќе се зголеми, што директно ќе се одрази врз растот на националната економија“, рече Пренџов.
Економија
Николоски на средба со 11 најголеми компании во Франција

Македонија ги има наjдобрите услови за инвестирање, имаме развојни планови за подобрување на железничката и патната мрежа на европските коридори а локациски има стратешка позиција која има големи компаративни предности пред другите земји во регионот, потенцираше вицепремиерот Александар Николоски на средбата во Париз со најголемите 11 компании во Франција.
Во своето излагање пред присутните, тој ги презентираше транспoртните политики на Македонија преку инвестициските планови за изградба и унапредување на железничката мрежа, особено изградбата на брза пруга на коридор 10. Притоа вицепремиерот Николоски потенцира дека унапредување на брзината на овој коридор е особено значајно за певтин и побрз карго транспорт за Централна Европа.
Исто така беа презентирани плановите и проектитe за унапредување на патната мрежа на европските коридори како и можностите за развој на авиосообраќајот.
Вицепремиерот Николоски на средбата истакана дека Македонија е влезена во силен инвестициски циклус од неколку милијарди евра во целокупна модернизација на земјата, со што се отвораат големи можности за соработка со компании од Франција. Условите за инвестирање, дополни вицепремиерот Николоски се меѓу најконкуретните во регионот, со што Владата нуди услови и силна поддршка за нови странски инвестиции.
На средбата беше презентирана и француската политика во делот на развој модернизација, управување и безбедност во железничкиот сообраќај на Франција од каде се пренесоа нови искуства и знаења.
Претходно, вицепремиеорт се сретна и со Магали Сезана, шеф при Генералната дирекција за трезор во Министерството за економија и финансии каде се разговараше за подобрување на економската и трговска соработка меѓу двете земји.
Работната посета и средбите на вицепремиерот Николоски со владини претставници на Франција продолжуваат и во текот на утрешниот ден.
Економија
Ристески: Пријавени повеќе од 6.000 лица за самовработување, од вчера објавена мерка за вработување и раст на правните субјекти

Во Радовиш и Гевгелија денеска се одржаа информативни денови за мерките од Оперативниот план за вработување за 2025 година.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески изрази задоволство од големиот интерес за мерката за самовработување, на која до Агенцијата за вработување се пристигнати пријави на повеќе до 6.000 лица. Тој се осврна и за најновата мерка која е достапна од вчера, а тоа е директна помош за компаниите.
– Станува збор за мерката „Поддршка за креирање на нови работни места“, подмерка – Вработување и раст на правни субјекти, преку која се дава поддршка во креирање на нови работни места во микро, мали и средните претпријатија, социјални претпријатија и граѓански организации. Со мерката на претпријатијата им се дава грант за вработување на невработени лица, каде истата се движи од 160.000 до 220.000 денари, во зависност од целната група, а работодавачот е должен да го задржи нововработеното лице на работа од 9 до 15 месеци (во зависност од целната група). Сите заинтересирани работодавачи кои сакаат да ги искористат поволностите од оваа мерка, можат да аплицираат до Агенцијата за вработување до 04.07.2025 година – кажа Ристески.
Градоначалниците на Радовиш, Ацо Ристов, на Конче, Златко Ристов, и на општина Гевгелија, Андон Сарамандов ги поздравија мерките од Оперативниот план за вработување и искажаа задоволство од покажаниот интерес за самовработување во нивните општини. Тие упатија апел до сите компании да се запознаат со деталите од јавниот повик за Вработување и раст на правни субјекти во било која од 30-те подрачни центри за вработување на АВРМ и да аплицираат со цел да ги искористат поволностите кои се нудат.