Култура
„Млад отворен театар“ стартува на 19 септември
Меѓународниот театарси фестивал „Млад отворен театар“ оваа година по 34 пат ќе започне на 19 септември. До 26 септември ќе бидат прикажани 15 театaрски проекти, кои во себе носат нова и револуционерна естетика
Претставите се обединети под мотото „Твоето огледало“, кое се надоврзува на минатогодишната парола „Мојот мал свет“. Инспирирани од бајката за принцот претворен во жаба, мотото на овогодинешните театарски претстави го карактеризира бегството од себе, желбата да се биде некој друг, желбата за нов свет. „Твоето огледало“ е средбата на Другиот во нас, а театарот ја симболизира таа вечна желба за поистоветување на гледачот со она што го гледа пред себе поради постојаната потреба од воајеризам кои го наметнуваат медиумите денес. Фестивалот на 19-ти, во Младинскиот културен центар, ќе биде отворен со проектот „Касандра“ – копродукција помеѓу четири театарски фестивали: црногорскиот „Теута“, словенечкиот „Ex Ponto“, српскиот „ИНФАНТ“ и „МОТ“. „Касандра“ веќе беше прикажана на фестивалите „Теута“ и „ИНФАНТ“, како и на Тиватското културно лето, а следува нејзина премиера на „Ex Ponto“. Претставата е по текст на Љубомир Ѓурковиќ, во режија на Слободан Милатовиќ, а извршен продуцент е Дамир Домитровиќ – Кос, инаку годинашен селектор на „МОТ“. На 20 септември, на сцената на Македонската опера и балет ќе гостува Драмскиот театар од Варна, Бугарија, со претставата „Калигула“, едно современо и радикално читање на животот на овој историски лик.На 21 септември во МКЦ ќе биде изведена „Кревко“ на веќе редовниот гостин на „МОТ“, Словенско младинско гледалишче. Оваа претстава во последните две години е најизвезуваниот театарски продукт од Словенија. На 22 септември во МОБ гостува Националниот театар од Сибиу, Романија со претставата „Пантагруел“ на режисерот Силвио Пуркарете, еден од водечките европски режисери во моментов. Претставите на Пуркарете се дел од најпрестижните европски театарски фестивали, како на пример фестивалот во Единбург. На 23 ќе биде изведена претставата „Евита“ на театарот Хотел Булиќ од Загреб, Хрватска. „Евита“ е претстава во која најмногу се препознава овогодинешното мото на фестивалот, а говори за поранешната прва дама на Аргентина и нејзината борба со себеси. Истата вечер ќе биде изведена и првата премиера на фестивалот. Станува збор за претставата „Ескуриал“, копродукциски проект на „МОТ“, Градскиот театар и Драмски театар – Скопје, во режија на Ристе Алексовски.Како најголем спектакл оваа година се најавува гостувањето на Шовинистен-3-раум-Анатоми Театар од Австрија на 24 септември, со претставата „Пансион Ф“ за австрискиот монструм Јозеф Фрицл, кој ја заробил и ја силувал својата ќерка 24 години и има 7 деца со неа. Режијата и текстот се на Хурберт Крамер, контроверзен режисер и актер од Австрија, кој и игра во претставата, а е најавена како ултимативна сатира за медиумите и жртвите кои ги произведува жолтиот печат, медиумската порнографија. „’Жртвите прават профит’ е реалниот интерес на жолтиот печат. Во овие медиуми и нивните потресни приказни за случаи како Фрицл, жртвите се повторно силувани и злоупотребувани и така сe додека нивните приказни се продаваат. Еден вид медиумска порнографија со скриените желби на невротичната публика, која се идентификува со бруталноста на злоупотребувачите.Вистинскиот скандал е патријархалниот систем на ѕид на тишина околу жртвите на сексуалното насилство. Тоа е болка на секое општество. Многу често член на семејството е оној што злоупотребува. Членовите што најчесто треба да се столбови на фамилијата. Но ова патолошко насилство се смета за ‘нормално’. Дури се смета и за одговорен систем на функционирање на денешното патријархално општество, перманентно насилство врз оние на кои најмногу им треба грижа“, пишува на сајтот на виенскиот театар. Уште на почетокот претставата предизвикала контроверзни реакции. Првичниот наслов и бил „Пансион Фрицл“, но откако режисерот почнал да добива смртни закани, го променил во „Пансион Ф“. Плакатите за претставата постојани биле симнувани, а на премиерата, на 23 февруари, имало полициско обезбедување, а еден период била забранета да се изведува.На денот на преставата Крамер ќе одржи и едно предавање за театарот, медиумите, политиката…Истата вечер на 24-ти следува втората премиера на фестивалот – „Празен град“ во режија на Андреј Цветановски, копродукција помеѓу „МОТ“, Културниот центар Фишта и Градскиот театар. Премиерата ќе се одржи во рамки на програмата „Ѕвездите што доаѓаат“, во која секоја година се промовираат нови режисерски имиња. Како и на минатите изданија и оваа година на „Млад отворен театар“ следува вечерта посветена на македонската театарска продукција, при што ќе биде прикажани пет домашни претстави: „Телефонот“ на Театарот за деца и младинци, „Маркиза“ на Драмски театар – Скопје, „Учителот Џинот“ на Народниот театар од Велес, „Едип“ на театарот Квартет и Планет прес продукција и „Другата страна“ на Мал драмски театар – Битола. Македонскиот отворен театарски ден ќе го проследат неколку селектори и директори на театарски фестивали од Европа. Селектор на преставите е актерот Висар Вишка.Затворањето на фестивалот „Млад отворен театар“ е на 26 септември со спектаклот „Сума“ на Егзос од Швајцарија, во рамки на манифестацијата „Бела ноќ“. Исто така, во рамки на фестивалот, на 24 септември ќе има вечер посветена на актерот Бошко Бозаџиевски кој почина минатата година. По тој повод ќе биде отворена изложба на фотографии „Мојот личен фотограф“, а Буден театар ќе изведе поетско кабаре насловено „Неисцрпен“.Покрај театарската програма, оваа година фестивалот ќе понуди и богата музичка програма, концерти и настапи во клубот МОТ по секоја театарска претстава. Така, театарскиот фестивал ќе го збогатат настапите на Мирко Попов, групата „Мелодром“ од Словенија, проектот „Цирко Еуропиа“ на Горан Трајковски, „Штудгарт онлајн“ (Србија), „Кло“ ( Македонија), „Кома стерео“ (Словенија), „Вуди Ален и Хана џез трио“ (Македонија), Сашко Костов и диџеј Рубенс Муратовски. Селектор на музичката програма е Владица Младеновски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Џез под ламба“ повторно во Центар, магична божиќна атмосфера со Мартина Елиора и нејзиниот бенд
Општина Центар на 27 декември, со почеток во 19:00 часот, ќе го одржи настанот „Џез под ламба“ на пјацетата кај Италијанската амбасада.
Граѓаните ќе имаат можност да уживаат во џез верзии на најпознатите новогодишни и божиќни песни во изведба на Мартина Елиора со нејзиниот бенд, но и да пробаат греано вино и печени костени.
„Ги поканувам сите љубители на добрата музика да ни се придружат и да ја споделиме божиќната атмосфера. Да ја продолжиме оваа навистина убава традиција, која му дава посебен и препознатлив шарм на Центар“, порача градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Настанот „Џез под ламба“ веќе трета година е дел од програмата за култура на Општина Центар, музички настан кој го промовира џезот и македонските изведувачи.
Култура
Македонското глумиште денес се простува од својот колега, актерот Лазе Манасковски
Драмскиот театар – Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерот Лазе Манасковски е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Лазе Манасковски од 11.30 до 12.30 часот во капелата на гробиштата.
Македонскиот театарски, филмски и телевизиски актер Лазе Манасковски е роден на 27 март 1958 во Скопје, а почина на 20 декември 2025 во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 1983 година тој се вработил во Драмскиот театар – Скопје, каде што бил професионално ангажиран сè до неговото пензионирање во 2022 година.
Kомеморација во чест на починатиот актер ќе се оддржи во неговата матична куќа, Драмскиот театар – Скопје, на 24 декември (среда) во 12 часот.
Култура
Новогодишен концерт „Кадифено“: Зарина Првасевда ја исполни Филхармонијата со традиција и современ звук
Во саботата, 20 декември се одржа новогодишниот вокалната уметница и интерпретаторка на традиционална музика Зарина Првасевда, со наслов “Кадифено”. Во преполната сала на Филхармонија, беше отсвирен репертоар кој вклучи македонски традиционални песни, но и песни од албанската, турската, влашката традиција, односно песни кои се дел од културата на нашите простори.
Гости на концертот беа перкусионистот Ахмет Алан, како и гитаристот Џенк Ердоган, кој по неколку минутниот аплауз од публиката, повторно се вратија на бис.
“Бев многу среќен на концертот, најмногу поради комуникацијата која се оствари меѓу нашите култури и традиции. Многу ми се допадна музиката која ја отсвиревме, ми се допаднаа и приказните зад секоја од композициите, особено бидејќи Зарина беше доволно љубезна да ја раскаже приказната зад секоја од песните. Со тоа, јас дополнително се внесов во интерпретацијата на секоја од нив, бидејќи ги бирав акордите во зависност дали е љубовна песна или песна со трагичен крај. Целиот амбиент, салата, декорацијата на бината направи да се чувствувам како дома, како да седиме со моите пријатели и свириме од срце. Би сакал да дојдам повторно, се радувам на таа идеја” – изјави Џенк Ердоган, виртуозот на фретлес гитарата од Турција кој е Греми награден артист и еден од гостите музичари на концертот.
„Настапот со уметници со светско значење како Џенк, Ахмет, Андреа и Тони претставува исклучителна чест и задоволство. Концертот отвори можност традиционалната музика да се согледа од поинаков агол и пред публиката да се претстави еден современ пристап кон народното музичко наследство. Особено ме радува што публиката имаше можност преку овој настан да се поврзе со светот и да доживее музичко искуство исполнето со нова енергија и чувствителност. Атмосферата беше навистина магична, а големата посетеност и бројните пораки исполнети со топлина, мекост и милина кои ги добив по концертот потврдуваат дека оваа идеја беше препознаена и прифатена.Искрено сум благодарна на сите кои со својата посветеност и поддршка придонесоа за успешната реализација на овој концерт.“ – изјави Зарина.
На концертот настапија и професорот и музичар Тони Арслан, македонскиот виртуоз на виолина како и младата и надежна контрабасистка, Андреа Мирческа.
„Кадифено“ е концертен настан што создава дијалог меѓу традиционалната музика, модерниот звук и интернационалната музичка извонредност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт претставува само почеток на концертниот циклус на Зарина, кој ќе продолжи и во текот на следната година, кога се планирани снимање и издавање на нов албум, како и нов концертен проект.
Фотограф: Стефан Рајхл, соопштение „Друга страна“

