Македонија
Расте бројот на предвремено родени бебиња во Македонија
Бројот на предвремено родени бебиња во Македонија е во пораст. Ако во 2013 година на месечно ниво на Клиниката за детски болести биле згрижени три до четири предвремено родени бебиња, оваа година бројот е зголемен за 50 проценти.
Во последните години постои светски тренд на пораст на бројот на предвремено родени деца кој е последица на современиот начин на живот, поместувањето на старосната граница кај мајките и тоа што се поголем е бројот на прворотки на возраст постара од 35 години, како и на примената на ин витро оплодувањето кое често резултира со близначка бременот која сама по себе е многу ризична и голем дел од овие бебиња се прематурни.
Од Детската клиника велат дека и во земјава постои тренд на зголемување на бројот на хоспитализирани предвремено родени бебиња, како и поместување на старосната граница и денес имаме се повеќе бебиња родени во 24-та гестациска недела.
„Ако во 2013 просечно на месечно ниво на Одделот за интензивна нега и терапија на Клиниката за детски болести беа згрижени три до четири предвремено родени бебиња, во 2014 бројот е зголемен за некаде 50 отсто и сега во просек имаме шест до седум бебиња месечно. Од овој број на предвремено родени, 45% се бебиња родени во 32-37 недела, 25% се во 28-32 недела, 20% се родени во 26-28 недела, 8% во 24-26 ГН и само 2% се деца родени под 24 недела“, покажуваат статистиките на Детската клиника.
Најмалото дете на Одделот за интензивна нега на Детската клиника, кое беше третирано со комплетно излекување и дете кое има комплетно уреден психомоторен развој, е родено во 25-26 Гестациска недела со тежина од 670 грама и должина 32 центиметри.
„Групата на предвремено родени деца се највулнерабилната група на пациенти на одделите за интензивна нега и терапија, пред кои се наидува на најголеми предизвици не само во насока на спасување на нивниот живот туку и овозможување на квалитетен и нормален живот. Во последнава година ипол, со воведувањето на новите методи особено воведувањето на неинвазивната (нежна) вентилација Bubble CPAP, одделот може да се пофали со поголемо преживување особено во групите 26-28 ГН. Оваа метода е замена за механичката вентилација во ситуации кога состојбата на бебето тоа го дозволува. Со овој неинвазивен пристап се намалуваат инфекциите како и одредени состојби предизвикани од интубирањето и механичката вентилација. Иако Bubble C Pap методот во светските неонатолошки центри се употребува години назад, во нашава земја ние сме единствена институција која го користи и резултатите се видливи дури и за овој краток период“, вели д-р Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Хоџа-Габриел: Стратешко партнерство за европски инвестиции во животната средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска оствари работна средба со Бјорн Габриел, раководител на Канцеларијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ) во Северна Македонија.
На средбаta, Хоџа и Бјорн разговараа за продолжување на досегашната соработка меѓу Министерството и ЕИБ, со посебен фокус на имплементацијата на стратешките проекти во областа на животната средина и водната инфраструктура.
Хоџа ја истакна важноста на континуираната поддршка од ЕИБ во реализацијата на проекти кои имаат директно влијание врз подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните и заштитата на животната средина.
Бјорн нагласи дека Европската инвестициска банка, како банка во сопственост на земјите членки на Европската Унија и како најголема мултилатерална финансиска институција, поддржува одржливи проекти кои придонесуваат кон остварување на стратешките цели на ЕУ, со посебен фокус на Европа.
Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Република Северна Македонија имаат потпишано два кредитни договори со ЕИБ, и тоа 68 милиони евра за проектот „Изградба на станица за третман на отпадни води за градот Скопје“ и 50 милиони евра за проектот „Подобрување на водната инфраструктура во општините“, кој опфаќа 80 општини во државата.
Покрај кредитите, ЕИБ обезбедува и грантови за техничка помош, а во рамки на проектот за станицата за третман на отпадни води во Скопје се обезбедени 69 милиони евра грантови од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан (WBIF), кои се администрираат преку ЕИБ како водечка банка на проектот.
Бјорн повторно ја потврди посветеноста на ЕИБ за целосна поддршка во реализацијата на проектите, потенцирајќи ја тесната соработка со проектните тимови, редовното учество на координациски состаноци и улогата на ЕИБ како мост помеѓу институциите на Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија.
Двете страни се согласија да продолжат со интензивна соработка со цел успешна имплементација на приоритетните проекти во областа на животната средина.
Македонија
Хоџа–Солстром: Шведска, клучен партнер во еколошките реформи
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, на која беше разговарано за унапредување на билатералната соработка во областа на животната средина и поддршката за европската интеграција на државата.
Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка што Шведска ја обезбедува преку бројни проекти од областа на животната средина, кои придонесуваат за усогласување со европските стандарди и подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Притоа беше нагласено дека Шведска е трет најголем донатор на Министерството, по Европската унија и Швајцарија.
На средбата беа презентирани тековните и планираните заеднички проекти, со посебен акцент на управувањето со отпад, зајакнувањето на институционалните капацитети за Поглавје 27 и активностите за подобрување на квалитетот на воздухот.
Посебно внимание беше посветено на регионалните и националните иницијативи за справување со загадувањето на воздухот, вклучително и проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој се реализира со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) и УНДП.
Хоџа ја потврди заложбата на Министерството за продолжување и продлабочување на соработката со Кралството Шведска, во насока на заштита на животната средина и забрзување на европската интеграција на Северна Македонија.
Македонија
Државните патишта проодни, поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење
AМСМ информира дека сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај. Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
„Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот период, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот“.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година, потсетуваат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

