Економија
Работата на превозниците ќе се дефинира со нов закон
Владата усвои нов предлог-закон за договори во патниот сообраќај, со кој ќе се уредуваат односите во патниот сообраќај, постапувањето во одредени ситуации за превозниците и ќе се заштитуваат правата на патниците.
Со него ќе се замени досегашната регулатива во однос на патниот сообраќај, усвоена уште во 1974 година, во времето на поранешна Југославија.
„Со овој закон се остваруваат повеќе интереси за граѓаните, компаниите и државата. На овој начин се задоволуваат барањата на превозниците и транспортерите и нивната бизнис заедница затоа што дава предвидливи правила на вршење на дејност и заштита на нивните права и обврски, а ќе донесе развој на оваа сфера“, изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.
Овој закон е изработен во директна соработка со превозно-транспортниот бизнис сектор, што беше нивно приоритетно барање.
Законот се состои од неколку поглавја во кои се предвидени одредби кои го регулираат договорот за превоз на патници, договорот за багаж при превоз на патници, одговорноста за штета при сообраќајна незгода, товарниот лист и преносливиот товарен лист при превоз на стока, постапките за избор на превозник за превоз на стока на јавен оглас и слично.
Со законот превозникот е должен да го превезе патникот според објавениот возен ред, со возило што ги исполнува условите утврдени со прописи за возила и посебните техничко-експлотациони услови пропишани за одделните видови на превоз.
Превозникот е должен на патникот да му обезбеди означено место во одредено возило или превоз со одредено возило, ако тоа е посебно договорено.
Ако во текот на превозот дошло до прекин на превозот од причини за кои патникот не е одговорен, патникот има право да бара превозникот, заедно со багажот, со свое или друго соодветно превозно средство, да го превезе до местото на определување. Доколку превозникот не го превезе патникот до местото за определување во рок од 60 минути, патникот има право да бара превозникот, заедно со багажот, да го врати на појдовното место и да му ја врати сумата платена за соодветниот превоз.
Доколку превозникот не го одржи поаѓањето согласно одобрениот возен ред независно од која причина, автобуската станица може на сметка на превозникот да организира превоз со соодветно возило за да се превезат патниците.
Превозникот кој не го одржал поаѓањето за организацијата на превозот од овој став е должен да плати надомест согласно седиштата на возилото со кои е вршен превозот.
Ако за време на превозот кај патник се појават знаци на некоја од заразните болести предвидени со посебни прописи од областа на здравствената заштита, превозникот е должен да постапи според тие прописи и тој патник да го превезе до првото место каде што има можност да му се даде потребна здравствена помош.Договорот за превоз мора да содржи клаузула за рок на исплата на надомест за договорениот превоз, кој не смее да биде подолг од 60 дена од денот на извршување на превозот за договори на одредено време и повеќе патувања.
За едно договорно патување рокот за исплата на надомест за договорениот превоз е веднаш односно не смее да биде подолг од 30 дена од денот на извршување на превозот.
Доколку со договор за превоз не е прецизиран рок за исплата на надомест за договорениот превоз, се смета дека рокот не е подолг од 30 дена од денот на извршување на превозот.
Превозникот има право на наплата на казнена камата за задоцнета исплата на надомест за извршен превоз без претходно доставена опомена согласно Законот за облигационите односи. За ништовни се сметаат сите одредби во договорот за превоз кои се спротивни на наведените одредби.
Според усвоениот закон, превозникот одговара за штета настаната поради смрт, загрозување на здравјето или повреда на патникот и за штета поради задоцнување или прекин на патувањето, доколку наведените ситуации се случиле без вина на патникот, и тоа до износ во висина на осигурената сума означена на полисата на осигурителната компанија со која што превозникот склучил договор за осигурување на патниците.
За штета настаната поради задоцнување односно прекин на патувањето превозникот одговара до износот на двојна сума за платен превоз на конкретна релација.
Превозникот е должен да го прими на превоз и да го превезе багажот на патникот, и тоа багаж до 25 килограми и тоа една патна торба со димензии 100 cм/60cm или две патни торби со димензии 50cm/30cm се превезуваат без надоместок.
За дополнителен багаж во меѓународен патен сообраќај се наплаќа надоместок од 10% од цената на патниот билет по парче или 5% од цената на повратниот билет по парче.
За дополнителен багаж во меѓуопштинскиот превоз ќе се наплаќа надоместок од 10 денари по парче.
Превозникот е должен да му издаде на патникот налепница за приемот на багажот за превоз. За штета настаната од загубување или оштетување на багажот превозникот ќе одговара според одредбите на овој закон.
Договор за превоз на стока потпишан врз основа на објавен тендер за избор на најповолен превозник е ништовен во случај кога во тендерската документација не се бара доказ за располагање со соодветен капацитет на возила за извршување на превозот предмет на објавениот тендер.
За ништовен се смета потпишан договор за најповолен превозник избран на тендер во случаи кога изборот е направен само врз основа на најниско понудена превозна цена од превозник и/или организатор на превоз кој нема приложено доказ за располагање со оној број на возила со кој ќе може да ја изврши понудената превозна операција.
Организатор на превоз кој во свое име и за сметка на превозници партнери, учествува на тендер за избор на најповолен превозник, мора како доказ за располагање со соодветен капацитет на возила да приложи „изјава од превозник“.
Организатор на превоз кој нема во сопственост превозни средства во понудата задолжително го наведува бројот на лиценца за вршење на дејност, понудената превозна цена и ги наведува превозниците со назнака на капацитетот на возила, за кои приложува “изјава од превозник“.
Побарување кое произлегува од договор за превоз, имателот на правото може да го оствари со поднесување рекламација до превозникот во писмена форма, или со поднесување тужба до надлежен суд – доколку превозникот во рок од 15 дена од денот на доставување на рекламацијата не ја исплати бараната отштета. /крај/мф/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Штедењето како резолуција за 2026 – Промо депозитот на Халкбанк како прв чекор
Резолуција што носи сигурност
Почетокот на годината е период кога многумина прават пресек на досегашните финансиски навики и размислуваат за начини како да внесат поголема стабилност и поголема контрола во секојдневието. Во таков контекст, вниманието сè почесто се насочува кон долгорочно планирање и одговорно управување со личните средства. Меѓу најчестите и најразумни одлуки е штедењето, бидејќи овозможува финансиска сигурност и подобра организација на буџетот на подолг рок. За да прерасне во навика со реални резултати, потребен е јасен план и решение на кое може да се потпрете.
Јасна рамка за стабилен почеток
Кога условите се однапред познати, штедењето станува едноставно и без грижи. Токму во таков контекст, Халкбанк го нуди Промо депозитот како сигурен почеток на финансиската резолуција за 2026 година. Со рок на орочување од 13 месеци и фиксни каматни стапки oд 3,00% за МКД, 2,00% за ЕУР и 2,00% за УСД овој депозит создава стабилна временска рамка што овозможува планирање со јасна насока.
Фиксна камата и јасен принос
Промо депозитот се темели на фиксна каматна стапка, која обезбедува целосна предвидливост на приносот а каматата се исплаќа на крајот од периодот на орочување.
Мал чекор денес, стабилност утре
Додека годината се заокружува, а празничните денови нè потсетуваат на важноста на сигурноста и грижата за иднината, штедењето добива поинакво значење. Тоа станува вредна одлука – подарок што си го даваме сами на себе. Со Промо депозитот на Халкбанк, новата година не започнува само со желби, туку со конкретен чекор што носи стабилност, доверба и чувство на сигурен почеток.
Промо депозитот е достапен во филијалите и експозитурите на Халкбанк, каде клиентите можат да добијат дополнителни информации и професионален совет.
(ПР)
Економија
Николоски: Апелирам до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната
Министерот за транспорт, Александар Николоски, упати апел до ЕУ македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за влез во шенген зоната со цел македонската економија да не трпи удари.
„Јас и Владата го разбираме револтот на транспортерите и протестот кој ќе го направат превозниците од понеделник, не само од Македонија туку од цел регион од Западен Балкан поради новите правила за електронска евиденција во земјите од шенген зоната. Новите правила и штетат на домашната економија, драстично ќе ја намалат работата на транспортерите, а на удар директно ќе биде транспортниот сектор и челичната индустрија“, одговори Николоски на пратеничко прашање на собраниската седница.
Тој истакна дека Владата веќе една година разговара со претставници на Европската Комисија за надминување на овој сериозен проблем, но ЕУ заесега нема слух за надминување на проблемот, не само за Македонија туку и за целиот Западен Балкан.
„Повеќе од една година разговараме со ЕУ, но слабо се разбираме и не наидуваме на разбирање. Последно разговарав во декември во Брисел со еврокомесарот за транспорт Цицикостас и со генералната директорка за мобилнoст и транспорт при Европската Комисија, Магда Копцинска, при што се обидов најпластично да им пренесам дека ова што го прават ќе значи смрт за економијата во регионот и ќе значи затворање на бројни странски инвестиции во регионот, а кои доаѓаат од земји членки на ЕУ. Намерно користам регионот, бидејќи се однесува за цел Западен Балкан и не се однесува само за Македонија. Формалниот одговор кој го даде портпаролот на ЕК за кој не се слагам е дека нема разлика меѓу она што до сега биле правила и новите правила, затоа што според него еден патник може да остане 90 дена во рамки на 180 дена во шенген зоните останува и сега. Формално тоа е точно, но практично не е точно, од причина што превозниците не се туристи, не одат за туризам, ниту се луѓе кои одат на посета, туку се луѓе кои што работат. Истите не можат да извадат работни визи бидејќи немаат работодавач во конкретна земја членка на ЕУ, а најчесто проблемот е тоа што само транзитираат” истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека во континуитет одржува средби со бизнис коморите, со транспортните асоцијации и странските инвеститори со цел заедничи да се изнајдат најсоодветни решенија и да апелира до ЕУ за промена на правилата. Владата го задолжила и Министерството за надворешни работи да се обрати до ЕУ за одложување на новите правила за влез.
„Проблемот е подлабок. Ова ќе влијае врз извозните компании. Теротески да го уништиме транспортниот сектор и бизнис во Македонија, не само што директно ќе влијаеме врз транспортот, мислам дека ни ЕУ не се свесни со каков проблем се соочуваме. Имаме уште два проблеми, а тоа е со карго сертификатите и вториот е со квотите со извоз на челик. Не може регионот од Западен Блакан да се третира како трети земји, не може за извоз на челик да сме во иста квота со Кина. Квотите кои сега ќе ги постави ЕУ на кои сериозно работат, веројатно од Кина и Индија ќе ги исполнат во првите два месеци од годината. После тоа ќе има 50 % царина и практично ќе значи нема да има увоз на челик во ЕУ затоа што е неконкурентен и тоа значи дека челичната индустрија ќе колабира. Фени се затвори, со вакви линерани политики на ЕУ можеме да заклучиме само што ќе се случува со големи производители на челик од земјава”, додаде вицепремиерот Николоски.
Најави дека Владата сериозно ќе работи на надминување на овој предизвик со цел стабилизација на транспортниот сектор во земјава и регионот.
Економија
НБРМ: Годишен раст од 10,1 отсто на вкупните депозити и од 13,0 проценти на вкупната кредитна поддршка
Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 10,1%, во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при раст и на депозитите на корпоративниот сектор, соопшти НБРМ.
На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 13,0%, како резултат на растот на кредитите кај двата сектора, со малку поизразен придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на: https://www.nbrm.mk/content/statistika/Soopstenija/%D0%9CD/2025/Soopstenie_za_pecat_monetarni_dvizenja_2025_dekemvri_mk.pdf

