Економија
Европските банки прибрале 200 млрд. евра нов капитал
Европските банки од почетокот на годината до крајот на јуни прибрале над 200 милијарди евра нов капитал за потребите за заштита од евентуални идни финансиски кризи, утврди Европската агенција за банки (ЕБА).
Во извештајот на ЕБА се наведува дека 27 банки кој во декември добиле препорака да го зголемат капиталот, до крајот на јуни собрале вкупно 116 милијарди евра со цел да го исполнат барањето на регулаторот за потребниот удел на најквалитетен капитал од најмалку девет отсто.Извештајот опфаќа 71 банка, при што шест грчки банки се третирани одвоено, со оглед на меѓународната помош за Грција.„Вкупно гледано, докапитализацијата резултираше со зголемување на капиталните позиции на банките за над 200 милијарди евра. Во согласност со препораките, зголемувањето на капиталот не доведе директно до позначителен пад на кредитните пласмани кон реалниот сектор“, стои во соопштението на ЕБА.Притоа се заклучува дека европските банки оствариле значителен напредок воз зголемувањето на капиталните позиции и во јакнењето на вкупната отпорност на банкарскиот систем.Пропишаната стапка на адекватност на капиталот не успеале да ја достигнат само четири банки. Станува збор за италијанската Monte dei Paschi di Siena, која важи за најстара банка на светот, словенечката Nova kreditna banka Maribor, како и две кипарски банки./крај/х/ап/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави робусна акција и за покачените цени: Апелирам големите трговски синџири да се преиспитаат, срамота е ова што го прават пред празниците
Вонредни инспекции и робусна акција ќе има во следниот период против девијантното однесување на маркетите, кои на сметка на новогодишната кошничка со намалени цени ги зголемија цените на маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, јајцата… Премиерот Христијан Мицкоски, денес, на седница на Владата најави дека ќе бара од Министерството за економија и труд и од Државниот пазарен инспекторат да се преземат конкретни мерки за да се спречат триковите за зголемување на цените што ги користат трговците оти и тој добил информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови.
„Оние што мислат дека ќе прават трикови се лажат. Не може тоа што ним им беше дадено како право и можност за едни производи сега да го дополнуваат со драматично зголемување на некои други производи што ги користат граѓаните, како што е маслото, лебот, млекото, млечните производи, шеќерот, солта, јајцата и слично. Трикови не може, тоа оваа Влада нема да го толерира и жестоко има да се справиме со сите што мислат дека нè надмудриле“, рече премиерот Мицкоски.
Само неколку дена откога почнаа да важат ограничени и пониски цени на над 1.000 производи, во многу маркети се појавија повисоки цени на производите што се не новогодишната кошничка, која ќе важи еден месец, односно до 15 јануари.
„Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето и ќе побарам од Пазарниот инспекторат детаљна анализа како изминативе 30 дена е покачена цената на овие производи. Срамота е ова што го прават пред празниците. Сакавме да покажеме добра волја, сакавме да се договориме, видете како враќаат. Ова не е коректно и јас денеска од страна на Владата, од министерот за економија и труд, под чии ингеренции спаѓа Пазарниот инспекторат, ќе побарам вонредна инспекција, робусна акција и ова девијантно однесување со трикови да престане“, најави премиерот Мицкоски, кој робусна акција најави и во судството.
Тој не сакаше да зборува дали ќе следуваат казни за маркетите што имаат драстично зголемени цени и порача дека првин треба инспекциите да излезат на терен за да се одлучи што ќе се преземе понатаму.
Опозицијата уште минатата недела предупреди дека зејтинот е поскап отколку што беше во октомври, а вчера на списокот со производи со зголемени цени ги додадоа јајцата, кашкавалот и јогуртот и обвинија за измама со новогодишната кошничка.
Економија
„Високите сметки за струја – предизвик и за УКИМ“ – средба на министерката Сања Божиновска и ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова. На средбата беа отворени повеќе теми од заеднички интерес, со фокус на енергетската ефикасност, соработката меѓу Министерството и Универзитетот и можностите за поддршка на младите кадри, извести Министерството.
Ректорката Ангелова ја истакна важноста на енергетската стабилност за редовното функционирање на универзитетот, наведувајќи дека високите сметки за електрична енергија претставуваат значителен финансиски товар. Таа посочи дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за електрична енергија, како и долгорочно и одржливо решение.
Иако Македонија повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции, вклучувајќи ги училиштата, болниците и комуналните претпријатија, се соочуваат со сериозни предизвици. Овие институции се обврзани да купуваат електрична енергија на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија.
Иако се работи за некомерцијални субјекти, над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети.
Министерката Божиновска ја истакна подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за олеснување на оваа ситуација, Министерката потенцираше дека решавањето на овој проблем е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти.
Министерката и ректорката разговараа и за важноста од стимулирање на студентите и создавање услови кои ќе ги мотивираат младите и перспективни кадри. Министерката Божиновска истакна дека развојот и поддршката на младите се меѓу клучните приоритети на Министерството, при што е подготвена да иницира и поддржи заеднички проекти со Универзитетот кои ќе придонесат за развој на нови таленти и обезбедување стручни кадри во енергетскиот сектор, соопшти Министерството за енергетика.
Економија
Од полноќ поскап дизел
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,46 % во однос на одлуката од 16.12.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 0,841%, кај дизелот има зголемување за 1,628%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 1,794% и кај мазутот намалувањето е за 0,485%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5411%.
Од 24.12.2024 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 76,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 79,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 71,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 70,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 45,823 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОСУПЕР БС-98 не се менуваат.
Малопродажната цена ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за 0,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемува за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,058 ден/кг и сега ќе изнесува 45,823 ден/кг.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 24.12.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.