Култура
Изложба на Зоран Арсовски во Охрид

Во изложбениот салон на НУ „Григор Прличев“ во Охрид утревечер, 19 часот, ќе биде отворена самостојна изложба на академскиот уметник Зоран Арсовски
Изложбата е дел од ликовната програма на НУ Центар за култура – Куманово, и е финансирана од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Во Куманово беше поставена од 15 до 28 октомври, а по презентацијата во Охрид ќе биде претставена и во неколку други галериски центри во државата (Гевгелија, Струмица и Скопје).Зоран Арсовски е роден 1980 во Куманово. Дипломирал на Националната ликовна академија во Софија во 2005. Магистрирал 2007 на истата академија во класата на проф. Божидар Бојаџиев и проф. Станислав Памукчиев. Учествувал на повеќе меѓународни групни изложби и ликовни колонии во земјава и странство.
Арсовски на почетокот на својата уметничка кариера прави обид за исчекор со еден пристап кој е невообичаен за младите уметници. Храброста на авторот своето актуелно творештво да го презентира во неколку целини кои меѓусебе навидум не се поврзани може да се разбере како желба за што поцелосна презентација, но и како естетска провокација која треба да предизвика полемика.Токму таа интеракција на релацијата уметник-дело-конзумент е основната идеја на Зоран Арсовски, почетна точка во неговото творештво и завршна одредница во неговата реализација. Во претставената ликовна продукција не постои дело кое не раскажува некоја приказна или промовира некоја идеја од секојдневниот живот, мисловното е секогаш пред насликаното и последoвателно и перманентно се материјализира во сликарските артефакти на Зоран Арсовски. Тие и покрај различните ликовно-стилски јазици говорат за една идеја – обидот на авторот да партиципира во визуеното разбирање на светот. Во неговото сликарство нема непотребни детали, декоративни елементи и нефункционални површини, фокусот е ставен на максимално искористување на површината на сликарското платно со елементи кои директно треба да ја потенцираат основната идеја на авторот. Вообичаено е потенцирањето на неколку елементи во кои носечка фигура е човекот претставен реално (во фигуралната целина) или во експресионистичко-асоцијативен манир (во сликите во кои внесува несликарски материјали ), како и креирање на атмосфера со помош на колоритот (во апстрактно-експресивните целини).Можеби највпечатливо со својата драматика е делото „Почеток и крај“, пред се‘ поради извонредниот баланс на формата (сликарското и материјалот во фантастична корелација, ) и содржината ( можноста од уништување на светот од метеорски дожд како апел до човештвото за планирање на иднината на планетата).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Промоција на „Ќумур смоквин млеч“, дебитантската стихозбирка на Стефан Спасовски

В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи промоцијата на „Ќумур смоквин млеч“, збирката првенче на младиот поет Стефан Спасовски. Преку разговор и читање на дел од песните ќе биде претставена стихозбирката.
Промотор ќе биде Андреј Медиќ Лазаревски, кој во својот текст за стихозбирката пишува: „’Ќумур смоквин млеч’ е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“
„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор и организаторите на манифестацијата за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа.
Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал…).
Култура
Гала концерт на отворено „Од #MOБ за Скопје“

Националната опера и балет на 5 јули со почеток во 21 часот на Плоштадот Мајка Тереза (на платото пред МОБ) ќе одржи гала концерт „Од #MOБ за Скопје“,
Концертот ќе се одржи во чест на 200 годишнината од раѓањето на Јохан Штраус, еден од најзначајните композитори на виенската класика. Ќе настапи оркестарот при МОБ составен од 80 музичари, под диригентска палка на маестро Винценц Праксмарер и солистите Бригита Симон и Иван Наумовски, со репертоар составен од најпознатите валцери, арии и маршеви на Штраус.
Овој уникатен концерт е организиран во соработка со Австриската Амбасада во Скопје, со поддршка од институциите и приватниот сектор и ќе биде сниман и директно пренесуван на каналот на МРТ1.
Култура
Проекција на седум кусометражни играни филма во Кинотеката

На 2 јули (среда) со почеток во 20 ч., во летното кино „Мирно лето“ на Кинотеката на РСМ ќе се одржи проекција на седум кусометражни играни филмови работени според сценарија на македонски писатели.
На програмата се филмовите: „Сонце зад решетки“ од 1957 г., по сценарио и во режија на Славко Јаневски; „Твојот роденден“ од 1961 г., по сценарио на Илхами Емин, во режија на Здравко Велимировиќ; „Невољите на покојникот К. К.“ од 1963 г., по сценарио на Коле Чашуле, во режија на Здравко Велимировиќ; „Давид, Голијат и петел“ од 1960 г., по сценарио и режија на Славко Јаневски; „Лифт горе, лифт долу“ од 1967 г., по сценарио на Ташко Георгиевски, во режија на Душан Наумовски; „Човекот во црно“ од 1970 г., по сценарио на Мето Јовановски, во режија на Бранко Ставрев и „Споменик“ од 1968 г., по сценарио на Бошко Смаќоски, во режија на Вељо Личеноски.
Проекцијата е организирана од Кинотеката на РСМ, во соработка со Друштвото на писателите на Македонија, а селектор на програмата е вонр. проф. д-р Атанас Чупоски, вработен како филмолог советник во Кинотеката и член на ДПМ.