Регион
Ердоган ја слави годишнината од освојувањето на Цариград
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган во неделата организира прослава на 563-годишнината од османлиското освојување на Цариград, денешен Истанбул, на која владата очекува повеќе од милион поканети.
На одбележувањето на овој датум ќе биде и Бинали Јилдирим, новиот челник на владејачката Партија на правдата и развојот (AKP) кој многу наскоро ќе ја заземе и премиерската должност.
Одбележувањето ќе биде комбинација меѓу модерното и средновековното, па така парадата на учесниците во јаничарските униформи ќе ја следи прелетување на турските борбени авиони, најавуваат медиумите.
Во својата изјава, градските власти на Истанбул соопштија дека голем тик од 520 луѓе „експерти во своите области“, работеа на подготовките на крајбрежјето кај Јеникапи каде со помош на современа технологија е место е направен 3Д приказ кој ќе го реконструира освојувањето на Цариград или по византиски тогашен Константинопол.
Директните телевизиски преноси нема да бидат само на турски јазик, туку и на англиски, француски, руски и на знаковен јазик.
Сето тоа ќе се одвива со извонредно големи безбедносни мерки, а владата по повод овој настан објавува слики на султанот Мехмед Освојувачот и претседателот Ердоган.
На минатогодишното одбележување, кое се одвиваше во пресрет на парламентарните избори, Ердоган својот говор го претвори во предизборно обраќање и жестоко се пресмета со оние кои го критикуваат.
Своевремено најголемиот и најбогат град во Европа, повеќе од илјада години престолната на Византија или на Источното Римско Царство, паднал на 29-ти мај 1453 година, по жестока 53-дневна опсада од османлиските војски. Освојувањето на Цариград, кој во последните години пред падот бил само сенка на својата некогашна величина, бил симболични доказ дека тогашното Османлиско царство станало светска сила.
Претходно со векови Цариград бил бедем на источните и исламските војски кои продирале од исток кон Европа. Дури со неговиот пад во западна Европа станале свесни дека со освојувањето на „Новиот Рим“ столицата на православната црква, во опасност е и стариот – столицата римокатоличката црква. Само два века подоцна, османлиите стигнале длабоко во Европа, заканувајќи ѝ се на хабсбуршката престолнина Виена.
Ердоган, кој не пропушта можноста да ја нагласи големината на Османлиското царство и да ја поистовети со него денешна Турција, се претпоставува дека денешниот говор ќе го искористи за промоција на планираните измени на уставот со кои во земјата ќе биде воведен цврст претседателски систем и значително ќе ги зголеми неговите овластувања./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Инцидент во Словенија: член на паравоена група се обидел да му даде пиштол на премиерот Голоб
Попладнево, полицијата интервенираше пред зградата на словенечката влада во Љубљана, кога припадник на т.н. Штаерската гарда, паравоена група и самопрогласена милиција, се обиде лично да му предаде нелегален пиштол на премиерот на Словенија, Роберт Голоб.
Инцидентот се случи еден ден откако Голоб објави закон што ќе овозможи доброволно предавање на нелегално оружје без последици, јавува агенцијата СТА.
Канцеларијата на премиерот одби да коментира за инцидентот, истакнувајќи дека очекува полицијата да постапи во согласност со законот.
Јавноста првпат дозна за Штаерската гарда во 2018 година, кога на Интернет беше објавено видео на кое се гледа група од неколку стотици маскирани мажи во воена опрема, некои од нив со секири и автоматски пушки, наредени во шума. Подоцна рекоа дека станува збор за воздушни пиштоли.
Видеото предизвика загриженост за паравоената природа на групата и нејзиното потенцијално влијание врз јавниот ред.
Групата често е критикувана за своите екстремни ставови и напори да влијае врз политичките процеси во земјата со употреба на насилство или закани.
Водачот на групата, Андреј Шишко, беше осуден на осум месеци затвор за обид за поткопување на уставниот поредок.
Регион
Загреб ја забрани „За дом спремни“ на концерти и јавни настани
Градското собрание на Загреб денес гласаше за Заклучок со кој се повикува градоначалникот да преземе сите потребни мерки за да се спречи употребата на фашистички и усташки симболи, слогани и пароли, вклучително и „За дом спремни“, на сите јавни површини и настани под надлежност на градот, пренесе хрватски „Индекс“.
Одлуката се однесува на областите управувани од градските институции и комерцијалните компании, како и на сите јавни површини за кои Градот издава дозволи за одржување настани. Целта, рекоа претставниците, е да се заштити јавниот простор од пораки што поттикнуваат омраза, насилство и ексклузивност.
Претходно денес беше соопштено дека употребата на усташки симболи ќе биде забранета во просторите управувани од Градот Загреб, но дека концертот на Марко Перковиќ Томпсон на 27 декември сепак ќе се одржи, бидејќи претходно беше потпишан договор за него.
Ива Ившиќ, претседателка на Клубот на претставници „Можеме“, истакна дека Заклучокот се базира на антифашистичките вредности на Уставот на Република Хрватска и ставовите на Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права.
„Уставниот суд јасно кажа дека „За дом спремни“ е усташки поздрав на Независната Држава Хрватска и дека не е во согласност со Уставот, додека Европскиот суд за човекови права во случајот Шимуниќ против Хрватска утврди дека неговата јавна употреба не е заштитена со слобода на изразување бидејќи поттикнува омраза“, потсети Ившиќ.
Таа нагласи дека одлуката не се однесува на забраната за уметност, музика или слобода на изразување, туку јасно ја поставува границата дефинирана со член 39 од Уставот на Република Хрватска, кој забранува поттикнување на национална, расна или верска омраза и насилство.
Платформата „Можемо“ соопшти дека овој Заклучок има за цел да го заштити јавниот простор од пораки што ја уништуваат социјалната кохезија.
„Во време кога сме сведоци на раст на нетолеранцијата и насилството кон другите и кон оние кои се различни, наша должност е да го заштитиме јавниот простор – бидејќи им припаѓа на сите. Загреб мора да биде град каде што училиштата, градинките, културните центри и улиците се безбедни места, каде што се воспитуваат генерации кои знаат дека почитта, солидарноста и еднаквоста се основа на добро општество“, рекоа претставниците.
Регион
Доктор од Македонија прегазил куче во Софија и продолжил да вози, случајот ја разбранува Бугарија
Дваесет и деветгодишен маж од Македонија со автомобил прегазил куче, а потоа побегнал од местото на настанот, јави „БТВ“. Инцидентот бил снимен со безбедносна камера.
Маја, улично куче за кое жителите од маалото се грижеле веќе 14 години, била прегазена пред гаража. На снимката се гледа како возачот запира по ударот, излегува од автомобилот, но наместо да помогне – си заминува. Настанот предизвика илјадници коментари и осуди на социјалните мрежи.
Според „Офњуз“, сторителот признал дека го удрил кучето, но тврдел дека маневрот бил ненамерен и дека немал никаква намера да ѝ наштети. Полицијата потврди дека мажот е државјанин на Македонија, без криминално досие и дека не бил под дејство на алкохол.
Материјалите од истрагата се доставени до Окружното обвинителство во Софија, идентификувани се тројца сведоци и запленет е видеозаписот од безбедносната камера.
Од Военомедицинската академија (ВМА) во Софија, за БТВ изјавиле дека раководството е информирано за инцидентот и дека соработуваат со надлежните органи.

