Култура
„Pianiste all'opera“ во Даут пашин амам
Во рамките на циклусот концерти „Про музика“ што ги организира Сојузот на музички уметници на Македонија, вечерва во Даут-пашиниот амам во 20 часот, концерт ќе одржи триото пијанисти од Италија, „Пианисте ал опера“
Триото „Pianiste all’Opera” составено од Микела Де Амичис, Розела Машарели и Анџела Петача, оформено во 1998 godina, во себе ги обединува уметничките искуства на трите пијанистки.Исклучителни се по нивната формација (три пијанистки на едно пијано), по репертоарот (оригинални композиции за шест раце), по техничката виртуозност и звучната палета, типична за оркестарски состави.Нивниот репертоар вклучува оригинални композиции за клавир за шест раце од средината на XIX-тиот век, компонирани од Анџело Панцини и Џусто Дачи врз теми од најубавите опери на Џузепе Верди, а опфаќа и дела од Росини, Жорж Бизе, Франц Лист, Јохан Штраус, Пучини и други, во лична обработка на триото.Триото, редовно поканувано да одржува концерти на значајни фестивали и музички институции, има изведено над 300 концерти во Италија и во странство. Се има претставено на престижни места: La maison des Arts во Тунис по покана од Италијанската Амбасада, Espaj Cultural – Барселона, концертната сала при Универзитетот во Адис Абеба, Концертната сала при Temple du Change – Лион, во рамките на „Денови на жената и прослава на 60-годишнината од правото на глас на жените″, Театро Солима – Марсала, Палацо Роспиљози – Рим, Шадхале – Ебербах, Палацо д’Аркано – Удине, во салата на поранешниот Унгарски парламент во Будимпешта при свеченото отворање на собирот „Петрарка во Европа″, концертната сала I.I.C. – Адис Абеба, Театро Маручино – Кјети, Ебербах Некар-Музикфестивал, концертната сала во Бад Толц, Театро Верди – Трст, концертната сала при Универзитетот во Инсубриа, концертната сала на Минхен, концертната сала Данте Алигиери во Бостон, Палацо Примавера – Терни, Театро Бибиена – Мантова, Кастело Савоја – Гресоне, Кастело Орсини – Авецано, Театро Талиа – Таљакоцо, фестивалот Сант Пере – Роде, Моцартовиот фестивал – Равело, концертната сала Гренобл – Неапол, театарот Виторио Емануеле во Месина, Акрополиум – Картагина, Музео де Белас Артес – Валенсија итн.Триото има одржано турнеи во Шпанија, Германија, Франција, Австрија, Словенија, Унгарија, Турција, Соединетите Американски Држави, Африка. Освен со концертната дејност, трите пијанистки се занимаваат и со педагогија: Розела Машарели и Микела Де Амичис се професорки по пијано како главен предмет при Државниот музички конзерваториум Л. Д’Анунцио во Пескара, Анџела Петача е директорка на Чентро Музикале Јамаха во Кјети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Јулијана Величковска со „Рајсфершлус“ ја доби престижната награда „Браќа Миладиновци“

Поетската книга „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, издадена од ПНВ Публикации, е добитник на престижната награда „Браќа Миладиновци“ за 2025 година за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објави денеска претседателот на жирито, Санде Стојчевски.
Жирито посебно го истакна уникатниот стил на Величковска, која во книгата користи песни во проза и го истражува прашањето за граничните области меѓу жанровите.
„Авторката не ги пишува своите лирски записи, туку ги компонира од разговорни фрази и наслушнување на лексички единици, создавајќи автентичен творечки резултат со гласот на лирскиот субјект“, нагласи Стојчевски.
Првиот дел од книгата се карактеризира со игра со јазичниот материјал, еуфонија и внимание кон формата, додека вториот дел внесува нов семантички слој, зумирајќи врз природата, историските хероини и современата цивилизација.
„Книгата се издвојува како многу ферментирана поетика и пример за долготрајна творечка посветеност“, додаде Стојчевски.
Величковска наградата ја посвети на сите жени чиј глас бил замолчан или стишан и на Драги Михајловски.
„Наградата за мене е поттик да продолжам да работам подобро. Многу ме радува што генерациите се доближуваат и се гледаме како заедница и пријатели, а не како конкуренција“, изјави авторката.
Во најтесен избор се најдоа и книгата „Вообразби: лирски етиди за некој друг свет“ од Бранко Цветкоски, но жирито едногласно ја избра „Рајсфершлус“ како победник.
Култура
Триумф на „Диџеј Ахмет“ во Сараево, филмот Унковски освои три големи награди

Македонскиот филм „Диџеј Ахмет“ на режисерот Георги М. Унковски се закити со три награди на 31. Сараевски филмски фестивал што заврши синоќа. Дебитантското долгометражно остварување освои „Перспективи на младите“, наградата на порталот „Cineuropa“, како и Уникредит наградата на публиката за најдобар игран филм.
Жирито посочи дека специјалната награда „Перспективи на младите“ се доделува за ведра и хумористична, но и трогателна приказна, која преку шарената кинематографија и изведбите на младите актери носи силна порака.
„Филмот им дава глас на младите од мала заедница, а воедно има потенцијал да допре до публиката ширум светот“, стои во образложението.
Филмот освои и награда од „Cineuropa“, вредна 5.000 евра, која се доделува на филмови со уметнички квалитети што промовираат европски дијалог и интеграција.
Покрај тоа, македонската продукција ќе го има честа да го затвори 46. Фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола (20–26 септември), што ќе биде и официјалната македонска премиера на филмот.
Светската премиера на „Диџеј Ахмет“ се одржа во јануари на фестивалот Санденс во Јута, каде што доби две признанија – наградата од публиката во програмата „Светски филм“ и специјалната награда на жирито за креативна визија.
Филмот е сниман во октомври и ноември минатата година во селата Коџалија и Али Коч кај Радовиш и во Скопје. Во главните улоги настапуваат Ариф Јакуп, Дора Акан, Наим Агушев и Аксел Мехмед, а во останатите – Селпин Керим, Елхаме Билал, Адем Карага и Метин Ибрахим.
Станува збор за копродукција меѓу „Синема футура“ и „Сектор филм“ од Македонија, компании од Чешка и Србија, со продуценти Иван Унковски и Ивана Шекуткоска. Филмот беше поддржан со 23,5 милиони денари од Агенцијата за филм во 2020 година и 160.000 евра од европскиот филмски фонд Еуримаж.
View this post on Instagram
Култура
Претставена тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“ панорама на македонската винска поезија на Струшките вечери на поезијата

Учесниците на 64-тите Струшки вечери на поезијата денеска имаа можност да присуствуваат на поетско читање на поетите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2025 година и да испијат поетско кафе со добитникот на „Златен Венец“ за 2025 година, словачкиот поет Иван Штрпка. Ги проследија и поетските портрети на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга меѓу два фестивала, објавена на македонски јазик Катица Ќулавкова и добитникот на наградата „Мостови на Струга“ за 2025 година за најдобра дебитантска книга од млад автор на Матеуш Шимчик од Полска.
Пред присутните беше претставена и тематската антологија „Дионис и Свети Трифун“, чиј приредувач е истакнатиот македонски поет и есеист Славе Ѓорѓо Димоски. Тематската антологија, според приредувачот, панорама на македонската винска поезија е прво видување на оваа тема во македонската литература воопшто.
„Книгата е составена од два клучни дела и еден вовед. Воведниот се две песни едната од Јордан Хаџи Константинов – Џинот, во која се опева дионизискиот ритуал, а другата е од Матеја Матевски, посветена на Свети Трифун. Тие две песни се двата мотиви кои го прават јадрото од кое се развива книгата. Во првиот дел се песни од преродбата до кодификацијата на македонскиот јазик, а вториот е од кодификацијата на македонскиот јазик, односно од 1945 година па навака“, информира Димоски.
Иако замислата му била да направи антологија на македонската боемска поезија, по неколку месечни истражувања заклучил дека нема таква класична боемска поезија, а имало доста песни посветени на лозата, лозјето, виното и задоволставата од пиењето вино, дошол до идеја да ја именува како македонска винска поезија. Содржината е поделена на неколку поглавја кои типично си носат своја тема.
„Вториот дел е поделен на седум кругови тематски групирани, според мотивскиот интерес на авторите кон оваа крупна тема. Поетскиот пристап кон виното и другите видови алкохол е во согласност со балканската и македонската традиција, а тоа е особено изразено во здравиците кои се поместени на почетокот од вториот дел“, додава Димоски.
Манифестацијата продолжи со поетски читања на поети од платформата Версополис, поетски портрети, мешународното поетско читање „Кругови“ и музичко-поетски перформанс- Ноќ без интерпункција. Вечерва ќе биде врачена и наградата „Млада Струга“ за 2025 година на поетот Андреј Анѓеловиќ.
Во рамките на програмата меѓудругото утре на прес-конференција ќе биде соопштен добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, а традиционално во црквата Света Софија во Охрид ќе има поетски портрет на добитникот на „Златен венец“за 2025 година Иван Штрпка од Словачка.