Европа
Корбин автоматски станува кандидат за лидер на британските лабуристи

Челникот на опозициските британски лабуристи Џереми Корбин автоматски е кандидат за претседател на партијата на скорешните избори, пресуди извршниот одбор на лабуристите (NEC), што се толкува како негова важна победа над незадоволниците во Лабуристичката партија кои сакаат да го сменат поради лошата кампања за останување на Велика Британија во Европската унија.
Челникот Џереми Корбин одби да поднесе оставка по референдумската одлука Велика Британија да ја напушти Европската унија, и покрај бројните оставки на членовите на неговиот тим и изгласувањето недоверба меѓу големото мнозинство на лабуристичките пратеници кои се залагаа за останување на Обединетото Кралство во ЕУ.
Анџела Игл, којашто кандидатурата официјално ја објави во понеделникот, изјави дека Корбин ја загубил довербата на пратениците од неговата партија и оти не комуницирал на вистински начин со избирачите.
Корбин во неделата изјави дека очекува оти тој автоматски ќе биде кандидат за челник на партијата, без потреба да го номинираат пратениците.
Одлуката на NEC донесена доцна ноќта кон средата сеа ги зголемува шансите на Корбин да им се спротистави на „заговорниците“ кој сакаат да го сменат. Тоа конкретно значи дека Корбин не треба да собира поддршка од 20 отсто лабуристи од Вестминстер и Европскиот парламент за да може да се кандидира, што ќе му беше многу тешко, бидејќи ја загуби поддршката во партијата.
„NEC се согласи дека сегашниот лидер Џереми Кобин може автоматски да се натпреварува и за тоа не му е потребна номинација од пратениците лабуристи во британскиот парламент (PLP) и пратениците во Европскиот парламент (EPLP). Сите други кандидати мора да соберат 20 отсто од PLP и EPLP“, се наведува во одлуката./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Фото) Битката за Мариупол беше една од најинтензивните и најтрагични епизоди од руската инвазија, сликите од градот покажуваат дека војната е видлива на секој чекор

Битката за Мариупол, која започна на 24 февруари 2022 година, беше една од најинтензивните и најтрагични епизоди од руската инвазија на Украина. Градот Мариупол, лоциран во југоисточна Украина, имаше исклучителна стратешка важност како најголем град на Азовското Море и клучен индустриски центар.
Неговата географска локација го направи клучна точка за воспоставување копнена врска меѓу анектираниот Крим и областите контролирани од проруските сепаратисти во Донбас.
За време на речиси тримесечната опсада, руските сили и силите на самопрогласената Народна Република Доњецк (ДНР) систематски го напаѓаа градот, предизвикувајќи уништување на најголемиот дел од инфраструктурата и станбените згради.
Според извештаите, до средината на март 2022 година, околу 90% од станбените згради во Мариупол биле оштетени или уништени. Проценките за бројот на цивилни жртви варираат; Украинските власти наведоа бројки за над 10.000 загинати цивили, додека Human Rights Watch во февруари 2024 година процени дека најмалку 8.000 луѓе ги загубиле животите за време на опсадата.
Последното упориште на украинските сили беше фабриката за челик Азовстал, огромен индустриски комплекс со подземни тунели и засолништа. Бранителите, вклучително и припадниците на Азовскиот полк, даваа отпор до средината на мај 2022 година. На 16 мај започна евакуацијата на ранетите војници, а до 20 мај, преостанатите украински сили се предадоа, давајќи и на Русија целосна контрола над градот.
По заземањето, Мариупол остана под руска окупација. Градот претрпе огромно уништување, а поголемиот дел од населението беше раселено. Реконструкцијата на инфраструктурата и враќањето на нормалниот живот се одвива бавно, а многу поранешни жители сè уште се раселени низ Украина и во странство. Меѓународните организации продолжуваат да изразуваат загриженост за хуманитарната ситуација и кршењето на човековите права во градот.
Битката кај Мариупол ги симболизира размерите на уништувањето и човечкото страдање во конфликтот меѓу Русија и Украина и останува постојан потсетник за цената на војната врз цивилното население.
Сликите од февруари 2025 година докажуваат дека војната сè уште е видлива на секој чекор.
Европа
Австрија: Мирот мора да биде праведен, не можете да и го наметнете на Украина

Австрија е на ставот дека не може да има преговори за ставање крај на руската агресија врз Украина без учество на самата Украина и дека мирот мора да биде праведен и не смее да им се наметнува на Украинците. Ова го соопшти австриското федерално министерство за европски и надворешни работи во ексклузивен коментар за Укринформ.
„На 24 февруари се навршуваат три години откако рускиот претседател Путин без причина започна брутална агресивна војна против Украина, во спротивност со меѓународното право. Како и секоја војна, така и оваа мора да заврши на преговарачка маса. На Австрија и е јасно дека ова не смее да биде мир наметнат на Украина. Тоа треба да биде сеопфатен, праведен и одржлив мир заснован на меѓународното право“, соопшти Министерството.
Австриското Министерство за надворешни работи нагласи дека Украина треба да одлучи кога и под кои услови ќе дојде мир како резултат на преговорите.
„Останува на Украинците да одлучат кога и како тоа ќе се случи. Нема преговори за Украина без Украина“, се вели во соопштението на Министерството за ставот на Австрија за мирно решение во Украина и покрај активните напори на САД во таа насока.
Во вторникот, на 18 февруари, американска делегација и претставници на Русија, одржаа преговори во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад, за да разговараат за завршување на војната во Украина.
Европа
Ватикан: Ноќта помина мирно, папата стана и појадуваше

Папата Франциско, кој е седми ден во болница, помина мирна ноќ и појадуваше, објави Ватикан во новото соопштение за здравјето на Светиот отец.
„Ноќта помина мирно, папата стана и појадуваше“, соопшти Ватикан.
Тој има билатерална пневмонија, објави во вторникот Ватикан, што го комплицира лекувањето на 88-годишниот папа и покажува дополнително влошување на неговата кревка здравствена состојба.
Ватикан вчера објави дека папата Франциско е во стабилна состојба и покажува благо подобрување на резултатите од неодамнешните тестови на крвта.
88-годишниот папа се лекува во римската болница „Џемели“, каде што беше примен на 14 февруари откога неколку дена тешко дишеше.
Сите јавни ангажмани на папата се откажани до недела. Нема дополнителни официјални настани во објавениот календар на Ватикан.